Излет на Марс

06.07.2013 09:20
Излет на Марс

Во времето на Жил Верн фантастичните приказни не се врзуваа за Марс, туку за Месечината. Се сеќаваме на патувањето на Месечината. Желбата за освојување на Месечината се исполни. Од тогаш поминаа четириесетина години, а научниците сè уште јасно не покажаа за што, всушност, служеа трошоците кои изнесуваа милијарди долари. За да се задоволи љубопитноста на неколку жешки глави? За луѓето да се вчудовидат од медиумскиот спектакл? Медиумскиот настан влезе во историјата и веќе никој не се интересира за него. А научната придобивка? Скромна. Приоритетно беше да се потрошат милијарди долари за некој да влезе во историјата и дрско да расправа дека талкањето низ вселената претставува голема работа, а дека грижата за конкретните човечки страдања (каде се болниците во неразвиените земји и храната за гладните деца?) е сосема ирелевантна.

Деновиве медиумите известуваат за подготовките околу новото медиумско шоу: патувањето на Марс. Паѓањето од Марс беше интересна квалификација; качувањето на Марс ќе биде, за жал, порано или подоцна, крвава стварност. Значи, се подготвува најскапиот и најизлишниот потфат во историјата на човештвото: се тестираат материјали, се брусат леќи, се пресметуваат брзини; накратко, хомо фабер има полни раце работа. Астрономските прирачници и енциклопедиите од минатата деценија нудат релевантни информации за конфигурацијата, температурата и движењето на Марс - податоци добиени од вселенските летала. Планетарната љубопитност би морала да биде задоволена. Но нема да биде, бидејќи желбите на научниот и физичкиот ларпурлартизам се поврзуваат со антрополошката константа, која би можела да се нарече спектаклизам. Во вселената се испраќаат безобразно скапи ракети, а медиумите сакаат да го добијат својот дел: сензационални ракети. Техничките магнати и неодговорните политичари сакаат да го оправдаат трошењето заради трошење со некоја наводно повисока цел. Можеби ќе биде потребно, тврдат тие, човештвото да се пресели на Марс. Кој знае што може да се случи?!

Меѓутоа, додека ентузијастички се пакуваат куфери за меѓупланетарни патувања, температурата на Марс има констант од минус 140 степени Целзиусови. Сонот за зимски одмор преминува во кошмар. Оправдан е стравот дека зад скиентизмот и спектаклизмот стои своевидна малаксаност на уверувањето дека политичките проблеми во светот може да се решат или барем да се подобрат. Бегството во вселената претставува посредно сведоштво за немоќта и дефетизмот.

Можно сценарио за иднината: привилегираните слоеви ќе се смрзнуваат во вселената, а другите нека се снаоѓаат како што знаат и умеат.

Текстот е преземен од книгата „Филозофот игра фудбал“ во издание на Или-или

Слика: Ренди Барнс

ОкоБоли главаВицФото