(Не)модерни заблуди

31.07.2013 12:15
(Не)модерни заблуди

Во втората епизода на првата сезона на Mad Men, жената на Дон Дрејпер се судрува со нешто сосема човечко – таа не е среќна, и мора да се бори некако да му го докаже тоа на нејзиниот маж, кој решава да ѝ го валидира тоа чувство дури во оној момент кога животот на нивните деца ќе биде загрозен.

Таа, борејќи се со стигмата на тоа време, тешкотијата на оптоварувањето кое сама си го наметнува дека не е доволно способна, дека не е доволно добра штом така се чувствува; борејќи се со перцепцијата на другите дека нема зошто да не е среќна – има маж кој има добра кариера, има деца, има пари, нејзиниот живот се состои од грижа за малите, шетање по скапи ресторани, шопинг и трачарење, се изборува за своето право да побара помош, иако тивко, и оди на психијатар.

На крајот на епизодата, гледаме како Дон ја испраќа својата жена во кревет, влегува во работната соба и му се јавува на психијатарот кој му вели: „таа е многу анксиозна млада девојка. Мислам дека ја правите вистинската работа“.

И покрај сите очигледни шовинистички ноти од тоа време кои се сеприсутни во Mad Men (а тотално реални и својствени за тоа време и затоа и го наоѓаат своето место таму), овде ме погоди нешто многу повеќе од сите работи – жената на Дон нема право ни на сопствените мисли. Таа, секој дел од нејзиното тело и секоја нејзина мисла му припаѓаат на Дон, кој има право да располага со нив на кој начин сака.

Ова немаше да ме вознемири толку да размислував за истото деновиве разгледувајќи вакви примери од сопствената генерација – морам да признаам дека ова модерно време тоа го прави многу посуптилно од порано – но овие ситуации се толку современи што е страшно.

Јас лично (а верувам и вие) познавам барем неколку примери на девојки, млади, образовани, кои во моментов живеат во становите на нивните дечковци, не работат, чуваат по едно куче кое им е купено за да си го исполнат времето чекајќи го да се врати дома од каде и да е, чекајќи да добијат стотче како што би чекале дома од своите родители, живеејќи го секој момент, секој ден во служба и задоволство на тој, некој. Тие девојки темелно го прегледуваат својот изглед во огледалото многу пати на ден, тајно се шминкаат и спремаат по неколку часа пред да се врати, пред да го видат за да го одушеват, ги облекуваат фустаните кои го возбудуваат, кои го прават среќен. Тие девојки не градат мрежа на познаници, најчесто поради отворена или еве, во најдобар случај, посуптилна контрола од страна на „дечковците“, најчесто задржуваат една до две другарки од средно, се дружат со комшиката со која заедно си ги лакираат ноктите, и секако, со девојките на мажите од неговиот живот.

Овие девојки се секогаш, без исклучок, едни од најдепресивните и најнесреќните девојки кои ги знам. Дури и да не смеат да ја искажат таа несреќа, се гледа од празнотијата на нивните погледи, од постојаното удирање во ѕидовите на ограничувањата во чие подигање и самите учествувале. Да не зборувам, колкав е и процентот на вакви врски кои се злоставувачки, односно имаат елемент на домашно насилство или какво било друго насилство.

Неверојатната (или сепак не толку неверојатната) сличност на овие ситуации, одејќи многу назад низ годините, низ различните континенти и низ тотално различните времиња, укажува на тоа дека сепак ништо не се променило, иако навидум така изгледа.

Низ Mad Men можеме да заблежиме како тоа отворено и јавно се потенцира, искажува и центрира местото на жените во општеството, додека во денешно време, таа отвореност по тоа прашање не е таква (except the ocasional „некои си женски права“), а постои во исто толку голема мера.

Не ме изненадува тоа што овие девојки, кога разговарам со нив, сметаат дека тоа е во ред, дека тоа така и треба – а ако ги прашаш кај го научиле тоа не знаат, не го научиле ни од мајките, ни од татковците, ни од другарките, никој не го кажал јасно и гласно, а пак е истата приказна, како да ја учеле наизуст.

Во денешно време, не мораме да си раскажуваме преданија и да средиме на сред село за да научиме некои работи. Општеството, со сите механизми со кои располага, вклучувајќи ги медиумите (турските серии со сомнителни вредности кои сите ги знаат наизуст, треш програми како животот на Ким Кардашијан, пропагандата на т.н. „семејни и традиционални вредности“ која ја спонзорираме со секој ден наша работа итн.), спорните текстови во учебниците кои навидум се безопасни, секојдневното опкружување на младите девојчиња во таа атмосфера, почнувајќи од џогерите играчки, розови и цакани во Џамбо, кои ме извадија од памет пред скоро време, ја вршаат таа работа за нас.

Никој кој е дел од системот не е целосно слободен да донесува суд и одлуки сам/а за себе, тотално независно од неговото/нејзиното опкружување. Често се лажеме дека во ова навидум слободно општество (чија „неслобода“ ја признаваме во повеќето други случаи, интересно е што ретко во овој), една девојка може да одлучи сама што со себе, кога расте со сите оние влијанија кои ги спомнавме предмалку.

Еден човек може да расте кога ќе научи да се препрашува сам себе за кој било став што го има, од каде е, каде го чул, колку „држи вода“ и дали има реална смисла. Ретко имаме таква навика. Особено мораме да инсистираме да го правиме тоа за вакви фундаментални прашања.

Па, ќе бидеме ли подобри луѓе и ќе креираме ли подобро општество?

Извор: tamaraatanasoska.wordpress.com
Слики
: Хорацио Кардозо