Македонија - земја на стечајци

04.07.2014 09:25
Македонија - земја на стечајци

Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година, или во јавноста попознат како Закон за стечајци, беше донесен во 2008 година и според тогашните најави на Владата требаше да го реши горливиот егзистенцијален проблем на вистинските жртви на транзицијата, луѓето кои со својот труд во најголем дел придонесоа за изградба на патиштата, училиштата, болниците, луѓето кои со својата пот овозможија ние денес да ги уживаме благодетите на модерното живеење, а беа ставени на општествените маргини од страна на државата по нејзиното осамостојување.

Како што може да се види и од самиот (предолг) назив на овој закон, тој сам по себе е дискриминаторски и рестриктивен закон, главно поради тоа што со него е предвидено материјален надоместок да добиваат само оние невработени лица кои работеле во претпријатија во државна или доминантно државна сопственост, потоа тесната временска рамка од само 4 години, како и условите кои едно лице треба да ги исполнува за да се стекне со статусот на невработено лице во контекст на овој закон, а кои лицето треба да ги исполнува кумулативно, односно доколку едно лице не исполнува макар и еден од овие таксативно наброени услови, истото ќе нема можност да го оствари правото на материјален надоместок.

Првичните прогнози на Владата беа дека со овој наменски закон ќе бидат опфатени околу 3.000 стечајни работници кои ќе добијат месечен надоместок во висина од 34% од просечната плата исплатена за минатата година пред влегувањето во сила на овој закон. Секако, ваквите тврдења на Владата ни од далеку целосно не го решија проблемот на оваа обесправена група граѓани т.е. од околу 10.000 добиени барања, Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) одговори позитивно само на нешто помалку од 2.200, што процентуално значи дека позитивно беа решени само 22% од вкупниот број барања на стечајните работници.

Овој закон до сега има претрпено само една измена, онаа од тековната година каде рамката на овој закон беше проширена и за оние лица кои останале без работа во претпријатијата во целосна или доминантна државна сопственост заклучно до 31.12.2013 година. Владините најави беа дека со оваа законска измена ќе бидат опфатени дополнителни 3.000 стечајни работници, како и дека со ова промена конечно целосно ќе биде решен проблемот со стечајците. ЛД Солидарност веќе подолго време истакнува и тврди дека вака конципираниот закон ни од блиску целосно не го решава овој проблем и дека и по неговото спроведување бројот на стечајни работници кои нема да добијат никаков материјален надоместок ќе биде огромен.

Изменетиот закон започна да важи од 21.02.2014 година што всушност беше и датумот од кој сите оние лица кои сметаат дека ги исполнуваат потребните услови, во следните 30 дена, требаше да се упатат кон канцелариите на Агенцијата за вработување каде што се евидентирани и да поднесат барање согласно овој закон, а АВРМ беше должна во рок од 60 дена од приемот на барањето да донесе решение.

Поради неодговорноста и опскурната транспарентност на АВРМ, јавноста, освен во еден наврат, не успеа да се информира кој е конечниот број на поднесени барања заклучно со 22.03.2014 како ден до кој невработените лица кои ги исполнуваат условите можеа да поднесат барање во Агенцијата.

Како резултат на ваквата ситуација и континуираниот молк на надлежните институции по ова прашање, ЛД Солидарност реши да го искористи своето законско право дадено врз основа на Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер и испрати барање до АВРМ, како имател на информацијата, каде бараше писмен одговор за бројот на невработени лица кои почнувајќи од 21.02.2014 година поднеле барање за остварување на право на материјално обезбедување, како и конечниот број на невработени лица кои врз основа на измените на овој закон оствариле право на паричен надоместок.

Како што може да се види од скенираниот документ бројот на вкупно пријавени лица во законски предвидениот рок од 30 дена изнесува огромни 11.652 лица, додека пак бројот на невработени лица кои оствариле право на паричен надоместок е 1.673, што значи дека АВРМ позитивно одговорила на само 14.36% од вкупниот број на поднесени барања, додека пак огромни 85.64% биле негативно решени. Ваквите бројки недвосмислено ги побиваат тврдењата на Владата и го разбиваат митот дека со овој закон ќе се реши статусот на дополнителни 3.000 стечајни работници, како и дека комплетно ќе се затвори прашањето за стечајците во Македонија.

Ако се земе предвид дека бројката од 11.652 лица се поранешни работници на фирми во целосна или делумна државна сопственост, само по себе се наметнува прашањето, колкав е вкупниот број на невработените лица кој ги вклучува и оние лица од приватните компании кои згаснале поради стечај или ликвидација? Според пресметките на ЛД Солидарност и врз основа на ваквата добиена информација, таа бројка е фрапантна и се движи некаде помеѓу 18 и 20 илјади граѓани, што во целост го оправдува насловот кој го носи оваа анализа.

Како резултат на сево ова, ЛД Солидарност во иднина ќе биде уште поодлучно во својата определба за одбрана на достоинството и борбата за правата на оваа најобесправена група граѓани и најавува дека ќе ги искористи сите (вон)институционални мерки за конечно да се стави крај на агонијата на овие луѓе врз кои досега бескруполозно газеа сите владејачки елити!

Извор: solidarnostblog.wordpress.com