Македонската политика и смртта на историскиот субјект (2)

06.06.2016 00:34
Македонската политика и смртта на историскиот субјект (2)

2.

Прашањето е зошто и покрај сите напори на мноштвото добронамерни левичари и интелектуалци да се подигне превезот, сè уште нема посериозни нарушувања во идеолошкиот легитимитет на неолиберализмот, или поконкретно на ДПМНЕ? Дали можеби имаме премногу верба во стариот еманципаторски т.е. просветителски метод на „откривање на фактите“? Очигледно е дека сме длабоко и романтично убедени во моќта на знаењето, или дека „народот“ може да се „освести“ доколку го соочиме со низа непобитни „факти“ и научни анализи кои докажуваат која е всушност вистината. Овој пристап има долга и моќна традиција, но се базира на една повеќе од проблематична претпоставка, а тоа е дека свеста секогаш му претходи на и го условува дејството. Од политички аспект, оваа претпоставка секогаш нè става во искушение првенствено да се бавиме со нешта како „дигање свест“ или поттикнување на „критична мисла“ за потоа да се вметнеме во разни форми на практично политичко дејствување. Како идеолошка критика, тоа би значело подигање на идеолошкиот превез и разоткривање на лагите на доминантната идеологија. Во нашиот контекст тоа би значело рушење на наративот на ДПМНЕ дека се бори за интересите на „народот“ и обелоденување дека државата е всушност впрегната да работи за интересите на една мала елита. Ова всушност беше главната замисла зад „бомбите“ на опозицијата, но оваа стратегија, по сè изгледа, повеќе успеа да ги заостри веќе постоечките политички поделби отколку да ги разниша редовите на владејачкиот табор. Со други зборови, разоткривањето на „фактите“ само по себе очигледно не е доволно голем предизвик за моќта на ДПМНЕ. Прашањето е како да го објасниме овој феномен, и какви поуки треба да извлечеме од неуспехот на бомбите за понатамошно политичко дејствување?

Една поинаква и дијаметрално спротивна критика на македонското политичко секојдневие може да се извлече од Адорновото толкување на фашизмот. Адорно всушност одбива да го третира фашизмот како идеологија, бидејќи според него тој не се базира на никаква рационална аргументација, т.е. воопшто не се обидува рационално да нè убеди во неговиот легитимитет, туку се потпира исклучиво на груби присилни механизми. Ова исто тврдење може редовно да се слушне во врска со ДПМНЕ, особено во екот на бомбашкиот напад на СДСМ по кој секој ден излегуваат нови анализи и сведоштва дека машинеријата на ДПМНЕ е всушност еден добро разработен систем на уцени, заплашувања и поткупувања. Од приказните за меници и заканите за губење работно место, па сè до нарачани глоби, инспекции, притвори и рушења, добиваме слика дека поддршката што владејачката партија ја добива е пасивна, т.е. резултат на страв од реперкусии наместо доброволно дадена. Секако дека голем дел од сето тоа е вистина, што би значело дека главната линија на отпор треба да е давање практична поддршка на уценетите (правна, материјална, улична) и неутрализација на моќта на уценувачите (финансиска и институционална).

Но, без да ја омаловажувам ползата што може да се извлече од горенаведените критични пристапи, сепак ги сметам за недоволно способни да поведат сметка за фактот дека ДПМНЕ сè уште ужива голема активна поддршка од граѓаните и покрај тоа што истите тие граѓани се свесни за криминалите на власта. За да го објасниме ова, треба повторно да се позанимаваме со ДМПНЕ како идеолошки феномен, но со една малку поинаква дефиниција на поимот идеологија. Славој Жижек, на пример, нè потсетува дека најпрепознатливиот знак дека сме соочени со вистинска идеологија е дека таа непречено функционира и покрај тоа што фактите ѝ пркосат. Контра Адорно, можеме да речеме дека отсуството на кохерентна идеологија која бара рационално побивање е всушност силната страна на фашизмот. Тоа што фашизмот го бара од своите следбеници е безусловна поддршка и нерационално жртвување во име на националното единство како највисок морално-етички чин на поединецот. Самата потреба од рационална аргументација која треба да нè убеди да се потчиниме е отфрлена како либерална дегенерација на духот. Фашизмот не бара од своите следбеници некое посебно разбирање на неговата теорија, туку континуирано учество во неговата пракса, или како што вели Умберто Еко, „акција без рефлексија“. Вбројувањето во неговите редови се постигнува преку разни ритуали на инклузивност како на пример паради, свечени церемонии, митинзи, па сè до културни активности за работниците и кампањи за помагање на сиромашните со кои се креира привидот на национална сплотеност и припадност.

 

Велам привидот, бидејќи националното единство е замислен концепт кој е секогаш отсутен како емпириска социолошка категорија од проста причина што современите општества се премногу сложени и испреплетени со противречности и конфликти (класни, родови итн.) за да функционираат како органска целина. Од тие причини, за да се одржи идејата за една органска нација, таа треба непрекинато да се брани од невозможноста да се само-оствари. Антрополозите Виктор Тарнер и Макс Глакман одамна напишаа дека една од главните функции на ритуалот е да обезбеди одредена доза континуираност во услови на внатрешна општествена криза и нестабилност. Ритуалната политичка партиципација не обезбедува кохезија на умови или органско единство на општеството, туку има за цел привремено да ја прикрие невозможноста тие да се остварат. Бидејќи противречностите се секогаш присутни, потребата тие ритуално или „перформативно“ да се испеглаат е исто така континуирана.

Доколку се јават пропусти и пукнатини во ефектот на единство, како што обично е случајот, најчесто решението е тие да се покријат со тоа што нема да бидат претставени како резултат на внатрешната противречност на самата идеологија, туку како последица на некој надворешен чинител. Жижековиот омилен пример за оваа појава е идеологијата на расизмот или антисемитизмот. Идеолошкото убедување дека Евреите се злосторници коишто ни ги крадат ќерките и богатството, го манипулираат светот и не ни дозволуваат да се реализираме како сплотена нација, скоро никогаш не се рамни со директните искуства во нашето секојдневие. На оваа противречност антисемитот обично одговара дека токму тие, „обичните Евреи“, се всушност најопасните бидејќи ни ја поматуваат „вистинската“ слика за нив. Со други зборови, сликата на идеолошкиот Евреин никогаш не се базира на директните секојдневни средби со обичните Евреи, туку на фантастичната заткулисна фигура на семоќниот Евреин којшто е секогаш отсутен и надвор од видик. Отсутниот Евреин е токму оној структурален елемент кој ѝ овозможува на националната фантазија за органско единство да се комплетира и репродуцира, односно да ја сокрие сопствената противречност. Токму од таа причина бесполезно е да се напаѓа расистичката идеологија со низа факти и примери дека „Евреите не се навистина такви“. Таквиот напад е секогаш однапред осуден на неуспех бидејќи нишани во отсутна мета. Моќта на расизмот не извира од неговата емпириска издржаност (бидејќи ја нема) туку од општествените односи на моќ и доминација кои ги легитимизира преку ритуалната пракса.

Најочигледен пример во пост-бомбашка Македонија на таа фантастична заткулисна фигура се секако неименуваните „странски служби“ (конкретно отелотворени во низата домашни „предавници“, „соросоиди“, „комуњари“ итн.) кои ја имаат честа да ја играат улогата на отсутниот и семоќен Евреин кој ни го поткопува единството. Ова се само неколку од многуте расположливи опции кои може да ја играат улогата на баучот што нè мачи однадвор и кој треба да ја покрие реалноста дека сме длабоко поделени и судрени однатре на класни, етнички, родови и какви сè не линии. Функцијата на „странските служби“ не е да ни објасни што се случува и кој е злосторникот, туку да служи како една парола која овозможува да продолжи ритуалната пракса преку која се докажува и покажува политичката припадност во интерес на репродуцирање на одредени структури на моќ и влијание („Кој е со нас нека викне Странски Служби!“). Од тој аспект, сосема е неважно дали вистински може да се докаже дека станува збор за „странски служби“ или не.

Во таа битка не е толку важно да се произведе „едноумие“ или комплетна контрола врз мислите на „народот“. Тоа е во крајна линија невозможно. Дури и во најтоталитарните системи во светот секогаш виреат разновидни критички толкувања на официјалната идеологија. Но тоа што секој паметен диктатор го знае е дека тоа што е вистински важно не е мисловно едноумие, туку ритуално „еднодејствие“ наградено со соодветно ниво на добра и услуги како и можности за напредок преку партиската хиерархија. Официјалната идеологија, паролите итн. се чисто перформативни и имаат задача да ја пружат минимално потребната симболика која ќе ја овозможи ритуалната изведба на политичка припадност и демонстрација на минималната спремност на политичко членување (и потчинување). Заклучно, битката не ја добива оној кој ги произведува и контролира симболите, туку оној кој ги доминира комплексните општествени односи на моќ во чиј контекст се реализира ритуалната изведба.

 

Токму со еден ваков пристап кон политиката ДПМНЕ успева да го обезбеди најголемиот дел од поддршката и влијанието кое го ужива на домашната политичка сцена. Доколку се погледнат одблизу официјалните дискурси на владејачката партија, се добива впечаток дека се ништо повеќе од добро обмислени мантри, специјално создадени да бидат лесно повторувани и изводливи за да што полесно го овозможат учеството во ритуалите на репродукција („Имаме програма!“ „Странски служби!“ „Комуњари!“, „Во делата се гледа!“ „Народот е нашата сила!“ „Државен удар!“ „Македонија е сè!“). Особено е интересна праксата на ставање „фејсбук лајкови“ и „постови“ во поддршка на владата којашто партијата ревносно ја промовира и набљудува. Тука можеме многу добро да ја видиме темната страна на интернетот кој во овој случај овозможува на еден особено пристапен и вон-просторен начин да се оценува политичкиот перформанс на граѓаните. Се сомневам дека партијата е особено заинтересирана дали луѓето што ставаат „лајкови“ и пренесуваат линкови од „Курир“ и „Сител“ вистински ги поддржуваат „реформите“ на ДПМНЕ. Верува ли некој дека вработените низ администрацијата се добро запознаени со „стоте чекори“ на преродбата и со партиската програма? Сетете се само на доследните партиски војници кои неодамна беа истоварени пред Уставниот суд без да им бидат дадени елементарни информации за што всушност станува збор. Дури сметам дека на партијата воопшто не ѝ е важно дали истите тие луѓе дома бесат знамиња од лавови или стари портрети од Тито сè додека прифаќаат да учествуваат во јавните ритуали.

Дека фокусот е пред сè на ритуалната форма, сведочи и фактот дека партијата не само што избегнува, туку не гледа никаква полза од јавни интелектуални дебати. Информациите од „бомбите“, а сега и од СЈО, не ги демонтираат со аргументи, образложенија и истраги туку со поширока палета на пароли, зачестени митинзи, церемонии, повеќе „лајкови“ и пообемни услуги (вработувања, унапредувања, покачување плати, бришење долгови), т.е. со зачестени ритуални манифестации на партиска сплотеност и припадност. Самиот обид да се влезе во аргументативна дебата со некој од дежурните „експерти“ на ДПМНЕ е подеднакво на разменување идеи со ладнокрвен бирократ изваден од роман на Кафка. Средбата веднаш ве претвора во Јозеф К., очајно барајќи правда, значење, смисла или барем разум во постапките и зборовите на соговорникот кој говорејќи од позиција на моќ, не бара од вас да разберете што, како и зошто, туку само да се потчините и да ја прифатите улогата што ви е доделена во ритуалот на доминација.

Од веќе познатите соопштенија на МВР дека не се во состојба да го обезбедат присуството на Зоран Ставрески во судскиот процес за клевета против него бидејќи постоеле „премногу лица со тоа име и презиме“, па сè до неодамнешните изјави на шефот на државата дека се бара законска основа да се отповика незаконски донесената одлука за аболицијата, која што е патем речено законски неотповиклива, човек лесно може да западне во целосна епистемолошка криза. Но ваквите сами по себе апсурдни изјави се далеку од банални. Ставени во поширок контекст, всушност стануваат добро пресметани демонстрации на моќ, јавно понижување и обесхрабрување на секој што се осмелува да ја предизвика таа моќ. За голем дел од набљудувачите тоа е секако само уште еден показател за истрајноста на ДПМНЕ и способноста на партијата да го контролира контекстот во кој се случува политичкото дејствие.

Но, во сево ова, сепак сметам дека сè уште недостасува нешто важно. И покрај огромните напори на власта да ја одржи контролата врз контекстот преку континуираните изведби на политичките ритуали на припадност и омраза, контролните механизми на ДПМНЕ сепак не се сеопфатни, и улогата на партијата е сè уште (барем теоретски) заменлива. Доколку е тоа така, од каде тогаш доаѓа (сè уште) широко распространетата политичка инертност? Сметам дека амбиентот на перманентност и неподвижност во кој е потоната Македонската политичка сцена се наоѓа во многу подлабоки води врз кои ДМПНЕ вешто плови. Тоа се водите на многу поопширниот, дури глобален контекст на застојаност и неменливост кој длабоко продира во нашата политичка самосвест.

(продолжува)

Кон првиот дел

Слики: Џон Холкрофт

Слични содржини

Општество / Став

ОкоБоли главаВицФото