Македонската политика и смртта на историскиот субјект (3)

07.06.2016 11:02
Македонската политика и смртта на историскиот субјект (3)

3.

Тука повторно може да се навратиме на феноменот на Фукујама и да го поставиме следното прашање на Жижек: нели е повеќе од јасно дека во Македонија, како и во поголемиот дел од светот, скоро сите станавме Фукујамисти со самото тоа што имплицитно го прифаќаме економскиот модел на либералната демократија? Го прифаќаме не како легитимен или пожелен систем туку просто како неизбежен или единствен којшто колку толку може да функционира. Факт е дека од падот на Берлинскиот ѕид ниту една сериозна левица во Европа го нема темелно преиспитано тој економски модел и дека единствената вистинска економска дебата која постои денеска се одвива помеѓу интервенционализмот на Кејнз и отворениот неолиберализам на Фридман. Европската левица својата критична мисла ја има скоро целосно пренасочено кон неекономски прашања како на пример толеранцијата (родова, расна, верска, сексуална итн), животната средина, партиципативната демократија (граѓанско општество) и слично. Доколку има нешто да каже за економските проблеми мора тоа да го прави одоколу и со еуфемизми, за да не ги загрижат будните очи на глобалниот капитал. Тоа беше видливо и во „левите“ економски политики на Сириза, кои се всушност сосема неконтроверзни кејнзијански програми кои беа отфрлени како неприфатливи единствено поради фактот што доаѓаат од навидум „радикално“ левичарска партија. Последиците од ова се уште пострашни во едно конзервативно општество како што е Македонија, каде јавниот интерес за гореспоменатите прашања е во ембрионална фаза. Резултатот е таков, па што се однесува до економијата практично нема дебата, бидејќи целиот политички спектрум некритично ги впива сите диктуми што доаѓаат од ММФ и СБ како Мојсеј Заповедите на Синајска Гора, а останатите гореспоменати прашања се во јавноста помножени со нула.

Факт е дека од независноста до денес Македонија немала ниту една независна и демократска влада која што била спремна (и способна) потребите на граѓаните да ги стави пред желбите на нејзините меѓународни кредитори и инвеститори (со ретки исклучоци за дневно-политички потреби). Од ФЕСАЛ аранжманите кои го одбележаа нашето „структурно прилагодување“, па сè до денешната агресивна потрага по странски инвестиции, моќта на неолибералната идеја беше и сè уште е неодолива. Примерот на Сириза, сега за сега, укажува дека дури и да дојде една поинаква власт во Македонија, тоа не е никаква гаранција дека интересите на глобалниот капитал ќе бидат помалку влијателни. Токму ова е баучот со кој мораме да се соочиме доколку сакаме да избегаме од маѓепсаниот круг на авторитарна политика, класна раслоеност и економска болежливост. Тоа е тоа што најголемиот дел од граѓаните го знаат, но исто така знаат дека македонското општество сè уште ја нема потребната политичка визија и сила со тој бауч да се вклешти.

Во услови на една таква идеолошка застојаност, не е големо изненадување што политичкиот дискурс се претвора во главно перформативен излив на општа апатија. Тука треба да извлечеме поука од тоа дека во пост-комунистичка Македонија е сосема нормално да не се прави никаква семантичка разлика помеѓу концептите „демократија“ и „капитализам“. Како што бележи Кристен Годси, за многумина во пост-комунистичкиот свет, капиталистичкиот идеал на слободен пазар и приватна акумулација на богатство е нераздвоен од политичкиот концепт на „слободни избори“ кои капиталистичката елита ги доминира и контролира. „Ебати демократијата, 5 пари у џебот да немаш“, беа зборовите кои ги искористи една текстилна работничка од Штип за да ми ја опише нејзината перцепција за плурализмот (и тоа еден месец пред да ја отпуштат бидејќи и заврши тримесечниот договор во фабриката). Изјавата е цинична и дури невпечатлива во земја каде 60% од населението сè уште смета дека „подобро се живееше во (едно-партиска) Југославија“, но сепак отвора некои многу важни прашања. Каква е таа демократија во која еднаш на четири години фрламе ливче во кутија, а секој ден робуваме за ситни пари и полниме туѓи џебови, за да на крај некој реши дека и за тоа сме непотребни? Со други зборови, чуму ни е формално-политичка демократија во услови на апсолутна економска плутократија? Од тоа можеме да научиме зошто повиците на средната класа за „враќање на демократијата“ во главниот град наидуваат на мала заинтересираност кај работничката класа и уште помала спремност да им се придружат на улиците.

Токму тоа е контекстот во кој десницата во Македонија толку успешно оперира. ДПМНЕ знае како да го исползува тоа веќе несвесно вградено убедување дека живееме во еден суров и неправеден свет каде тие „моќните“ се втемелени на врвот, оставајќи нè со правото само да мечтаеме за невозможни светови кои никогаш не се сега и тука (антикваризам, југоносталгија, европска модерност итн.) или препуштени на малите задоволства на секојдневието. Тоа е легијата на „Фукујамисти“ во кои сме претворени и кои власта ги негува преку нејзиниот отворено анти-политички дискурс во кој се деполитизира и неутрализира секој обид да се создаде контекст во кој јазикот на радикална промена не би бил испразнет од значај и моќ. Тоа е мноштвото за кои клиентелизмот, како систем на услуги и противуслуги, станува единствениот начин да се поврзат и влијаат врз „моќните“ и да почувствуваат дека не се оставени сами на себе.

Немам некои големи очекувања дека ќе ја видиме нашата преродба во скоро време. Дури и кога ќе се промени власта (а убеден сум дека нема да мора предолго да чекаме за тоа да се случи), апатијата, цинизмот и клиентелизмот ќе продолжат да бидат нашиот бауч. Но тука треба категорично да се каже дека таа наша реалност е современ производ на конкретната историска констелација во која се наоѓаме, а не одлика на некаков вон-временски „поданички менталитет“ или „славјанска душа“. Таквите пристапи се во најдобар случај несериозни и само ја зајакнуваат поразителната концептуална рамка во која луѓето фигурираат како пасивна хомогена маса со која секој авторитет (Византиски, Отомански, Комунистички, Капиталистички) може да манипулира. Ништо не може да биде подалеку од вистината. Луѓето во Македонија отсекогаш биле и ќе бидат активни историски субјекти кои ја твореле и ја творат својата сопствена историја, но како што мудро нè потсетува Маркс „под услови што самите тие ги немаат избрано“.

Тоа што треба да ни биде јасно е дека поривот за потчинување, кој продира длабоко во нашето општество и е двигател на клиентелизмот, е тесно поврзан со современите услови на македонската политичка економија. А тоа, пак, е состојба во која просто речено, голем дел од работното население е сведено на ниво на непотребен и непожелен општествен вишок. За потсетување, Македонија не се истакнува толку со процентот на невработеност (иако истиот е фантастично висок), колку со процентот на долготрајна невработеност. Тоа подразбира состојба во која ниту државата ниту капиталот не покажуваат интерес кон одреден дел од популацијата и во која особите опстојуваат не како субјекти туку како абјекти. Според антропологот Џејмс Фергусон, разликата е во тоа што субјектите се барем вреднувани како достојни за потчинување, додека абјектите се просто отфрлени како отпадоци, односно како безвредна сувишна материја. Да се биде абјект подразбира асоцијална состојба во која особата е отцепена од какви било значајни општествени и морални односи со пошироката средина. Од гледна точка на абјектот, да се стане субјект е напредок, а не деградација (за потсетување, зборот субјект воедно означува „слободен дејствувач“ и „особа која е политички потчинета“).

Примерите за тоа се насекаде околу нас, како во следниов текст објавен неодамна во Огласи: „Живеам со надеж. Ако има добри газди, молам за помош, немам дом, ниту семејство. Барам работа за парче леб и место за живеење, една соба, со кујна и бања...“, потпис, Кире. Ова не е изолиран случај, туку реалност со која се соочуваат илјадници луѓе во оваа наша неолиберална Македонија. Според неодамнешното изтражување на Еуростат, дури 43 проценти од населението во Македонија е под закана од сиромаштија и социјално исклучување. Замислете во каква состојба се наоѓа нашето општество кога на човек му се потребни „врски“ или морални апели до влијателни „газди“ само за да стаса до позиција на експлоатиран. За многумина во Македонија е речиси привилегија да се биде потчинет бидејќи тоа подразбира барем некаков минимален акт на општествено вреднување и препознавање на субјектот. Во општество полно со абјекти, и субјекти кои се секогаш во опасност да станат абјекти, не е тешко да се разбере како машинеријата на ДПМНЕ може со голема леснотија да ја игра улогата на примамлив потчинувач. Во еден таков контекст не е тешко да се регрутираат соучесници кои активно го бараат и заземаат своето место во ритуалите на потчинетост кои ја одржуваат и хранат моќта на партијата. Долга е редицата на оние кои активно целат да се вбројат во редовите на партискиот систем на услуги и контрауслуги како единствен начин да бидат препознаени и барем минимално вреднувани како субјекти со препознаен статус и морално право да побараат нешто за возврат за својата потчинетост.

Го нагласувам моралниот аспект бидејќи (покрај очигледниот материјален интерес) токму тоа е една од главните причини заради кои клиентелизмот толку ефикасно функционира. Неговата динамика е еден вид размена на подароци, во материјална и нематеријална форма преку која се создава морален однос помеѓу примачот и давачот со меѓусебно задолжување (во стилот на онаа позната прва сцена во Кум I). Тој однос подразбира заемни морални обврски, поточно, обврска да се прими понудениот подарок, односно услуга, како и обврска да се врати, но исто така и пристап до мрежата на заемна поддршка која системот им ја овозможува на своите припадници. Со други зборови, им овозможува на абјектите повторно да станат дел од поголем колектив на партијата-нација, кој на еден свој извитоперен начин ги препознава како морални субјекти и дури им пружа некаква безбедност.

Парадоксот е во тоа што, со оглед на ограничените ресурси со кои располага државата, вклучувањето на еден дел од населението во партијата-нација на тој начин, автоматски подразбира исклучување на остатокот. Тој остаток не изчезнува, туку се враќа во форма на внатрешна противречност која создава видливи тензии и ја подрива фантазијата за национално единство на партијата. Токму таа внатрешна противречност ја принудува партијата-нација континуирано да се повикува на надворешниот непријател како главен виновник со цел да ја сочува сопствената невозможна идеологија за органско единство, и воедно да запаѓа во сè поголем авторитаризам. Тој контекст не го создаде ДПМНЕ, иако истиот го доведе до својата логична екстрема. Тоа е процес којшто е започнат и негуван од сите политички елити, и влече корени од нашето пошироко минато, што само ни вели дека доколку не се сменат структурните услови кои го овозможуваат феноменот ДПМНЕ, воопшто нема да биде тешко историјата на Македонија да се претвори во циклус на квази-авторитарни и експлоататорски клиентелизми под различни имиња.

А за да се избегне тоа, мора прво да се соочиме со фактот дека политичката криза во Македонија извира од системската логика на нашата политичка-економија и не може да се реши на процедурален начин, односно со зголемена функционалност на веќе постоечкиот институционален поредок. Токму тука најдобро се гледаат границите на либералниот револт на голем дел од граѓанскиот и НВО сектор. Практично, никој од мноштвото НВО активисти, не смее, ниту пак може да ја проблематизира политичката криза во контекст на веќе три-децениското отсуство на економски модел во кој трудот е тој што го вработува капиталот во негова полза, а не обратно. Револтот кој денес се изразува на улиците не е бунт против системските недостатоци на либералната демократија туку против неспособноста на ДПМНЕ да ги испорача самопрогласените вредности на истата (слобода на печат, фер избори, правна држава итн.). Дали тоа нè спречува да согледаме дека владата на ДПМНЕ всушност е вистинското лице на (и)либералната демократија во периферијата на капитализмот: квази-авторитарен режим во улога на привилегиран посредник кој ги брани и застапува интересите на глобалниот капитал на територијата со која управува?

Формирањето на новата прогресивна „Левица“ во Македонија е прв позитивен знак дека застојаните води на домашната политичка сцена почнуваат да се придвижуваат. Младата политичка партија е повеќе од добредојдена, иако околностите се далеку од поволни за какви било суштински промени. Земајќи ја предвид денешната позиција на Македонија во глобалната распределба на моќ, јасно е дека без добро развиени индустриски и земјоделски капацитети и без високо развиена инфраструктура, меѓународниот капитал може многу лесно да издејствува неиздржливи притисоци кој би ја оневозможиле општата демократизација на политика и економијата. Но доколку домашните интелектуални, политички и професионални кадри не успеат критички да ја преиспитаат сопствената улога во репродукцијата на системските недостатоци, работата станува уште потешка и апатијата уште повкоренета.

Дали новата партија ќе успее да се воспостави како сериозен политички фактор зависи од способноста на нејзиното раководство да ги надмине длабоко вкоренетите класно-културни разлики помеѓу фабриката и училницата, односно селото и градот, и да ја прошири рамката на делување кон оние општествени слоеви каде ризикот од абјекција е најголем. Со други зборови, партијата ќе треба изнајде начин да вирее онаму каде што досегашната таканаречена „Социјал-Демократска левица“ спектакуларно пропадна, и чиј историски неуспех ги сведе зборовите „социјална правда“ на плитка предизборна кампања, концептот „политика“ на синоним за заткулисните игри на моќните, и „економијата“ на невидлива сила со натчовечки интереси.

Оваа негативна оставштина на левиот-центар нема да може да се надмине со декларативни повици за мобилизација и класна борба, особено во контекст кој ја прави можноста за победа исклучително неизгледна. Критичката мисла мора да најде начин да биде во чекор со критичната пракса, односно да се вклопи во рамките на она што е историски возможно. За почеток, можеби не е лоша идеја да се преиспита стратегијата на левите активисти и интелектуалците во Скопје секоја година да им објаснуваат на работниците дека не треба да „јадат скара“ на 1 Мај, туку да протестираат пред институциите. Можеби би било подобро да се најдат на половина пат и на пример, заедно да организираат протестна скара, каде што ќе разменат политички идеи и размислувања, но и по некој колбас и пиво. Размената на подароци е сепак, како што антрополозите одамна тврдат, еден од најмоќните начини за создавање на друштвена блискост и морална поврзаност. А на крајот од таа размена, би можело сите заедно, барем за момент, да го свртат светот наопаку и на владата да ѝ ги „подарат“ коските од изеденото. Чиста симболика која нема да промени ништо, ќе речете. Можеби, но таквите гестови, колку и да се симболични, сепак можат да придонесат кон враќање на политичкиот дискурс онаму каде што припаѓа: на оние кои се исклучени или извадени од историскиот процес, чија прва задача е да ги потсетат моќните, а и себеси, дека поинаков свет е сепак можен и дека токму тие се историските субјекти кои треба да го овозможат.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Слики: Џо Веб