ВМРО-вските медиуми доживуваат оргазам - небаре го решивме проблемот со невработеноста

18.09.2013 07:52
ВМРО-вските медиуми доживуваат оргазам - небаре го решивме проблемот со невработеноста

Македонската статистика не прави разлика меѓу оние што се вработени во редовен работен однос и оние што работат на црно.

Македонската статистика не прави разлика меѓу оние што се вработени во редовен работен однос и оние што работат на црно, па макар и еден час дневно. Сите се сметаат за вработени.

Како се појавија најновите податоци за невработеноста, каде што таа бележи пад до нивото од 28,8 отсто, провладините медиуми почнаа да доживуваат колективен оргазам, истакнувајќи редица споредбени податоци од типот како вакви бројки за невработеноста немало од 1996 година и како во Шпанија невработеноста била 26,3 отсто, слична била состојбата и во Грција и уште малку ќе сме ги стигнеле овие земји по нивото на невработеноста.

За секој оној што се разбира во начинот на кој се мери невработеноста, горниот податок за намалување на невработеноста од 29,9 отсто во првиот квартал на 28,8 отсто во вториот квартал не значи многу.

ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА И ВРАБОТУВАЊА ВО ПРИВАТЕН СЕКТОР – ЕДНО ТЕ ИСТО

Зошто? Причината е во тоа што начинот на мерење на невработеноста ѝ одговара на нашата земја. Многу повеќе од некои други европски земји. А, ѝ одговара зашто ваквиот начин на мерење на невработеноста прикрива редица аномалии кои на прв поглед не можат да се забележат. Настрана фактот што на Македонија ѝ одговара и тоа што има и такви показатели што не се мерат кога станува збор за невработеноста, а кои кога би се мереле многу би кажале и би фрлиле светлина врз вистинските состојби.

На пример, за разлика од САД, каде што основна категорија за мерење на движењето на невработеноста е бројот на новосоздадени работни места во приватниот сектор (private sector jobs), во Македонија се мерат и објавуваат вкупните бројки. Ова значи дека државата има голема улога во „штимањето“ на бројките за невработеноста зашто таа може директно да влијае врз неа преку вработувања во администрацијата.

МАРСОВСКИТЕ ЗАКОНИ ВО МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

А колку тоа е така и колку растот и падот на невработеноста немаат врска со економијата, туку со политиката, покажува и долниот графикон, кој веќе еднаш го објавивме, но кој бездруго заслужува на него да биде потсетено. Тој истакнува една чудна работа. Во периодот на засилен економски раст во земјава, пред 2009 година, невработеноста растела, а во периодот на кризата после 2009 година, невработеноста опаѓала. Ова нема врска со економската логика. Напротив, спротивно е на секоја економска логика. Секаде во нормалниот свет кога има засилен економски раст невработеноста паѓа, а во криза расте. Но, не и во Македонија. Додека растот на невработеноста пред 2009 е потешко да се објасни, падот на невработеноста во текот на кризата по 2009 лесно се објаснува со партиските вработувања.

Друг момент што се коси со економската логика е и фактот што и покрај падот на невработеноста во земјава по 2009 година, реалните плати паѓаат. Како тоа кога има зголемен интерес за работната сила и зголемени вработувања, реалните лични доходи паѓаат? Но, сето ова е типично за македонската надреална и марсовска економија.


Движење на невработеноста во Македонија - 1992-2011 година. Графикон: Амбасада на САД според податоци на Државниот завод за статистика

 

Одиме понатаму. Втор проблем е тоа што во никој случај не можеме да ги стигнеме Шпанија и Грција во ниво на невработени, дури и кога тоа во земјава би било пониско од она во Шпанија и Грција. Да, добро прочитавте. Дури и да имаме помал број невработени од овие две земји според статистиката, Македонија повторно ќе има повеќе невработени во стварноста.

ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО СВЕТОТ НА НЕФОРМАЛНИ „ВРАБОТУВАЊА“

За што станува збор? Станува збор за една појава која се нарекува неформални „вработувања“. Тоа се оние вработувања без каков било договор, вработувања на диво или на црно, кои според методологијата на Државниот завод за статистика, се бројат како вработувања и лицата кои работат на диво или на црно државната статистика ги брои како вработени. Уште повеќе, според методологијата на статистиката, секој оној што во текот на месецот работел барем еден час дневно, односно вкупно три и пол до четири дена, се брои како вработен. Е, сега, проблем во Македонија, за разлика од која било друга европска земја, е што ваквите неформални „вработени“ кај нас ги има во огромен број, кој изнесува дури 30 отсто од вкупниот број на вработени.

Како инаку може да се објасни фактот што државната статистика брои дека во Македонија на крајот од првиот квартал годинава имало 657.849 вработени, арно ама, според годишниот извештај на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) за 2012 година, само 481.077 лица плаќале придонеси за здравство, односно само толку се сметаат за „активни работници“ според ФЗОМ. Ова значи дека речиси 197 илјади лица кои работат повремено, некои од нив само три и пол дена во месецот и учествуваат во сивата и црната економија, не се во работен однос, немаат никаков договор со работодавецот, државната статистика ги смета за вработени, а не за невработени.

Настрана фактот што оваа бројка од 481.077 „активни работници“, кои плаќаат придонеси за здравство, дури и бележи пад од 2011 година за 1,6 отсто, што значи дека лани 7.792 лица помалку плаќале придонеси за здравство по основ на редовен работен однос од преклани.

СТОП ЗА ПАРТИСКИ ОНАНИЧАРСКИ ОРГАЗМИ

На крајот од сето ова, ако се знае дека дури 30 отсто од вкупниот број на вработени, кои работат на црно, се бројат како вработени, нешто многу место за радост и нема. Бројот на вакви неформално „вработени“ во развиените земји и тоа особено во земји како Грција и Шпанија, кои историски имале силни работнички движења и кои до ден денешен имаат синдикати што не се за потценување, не изнесува повеќе од 5-7 отсто за разлика од нашите 30 отсто.

И на крајот уште еден бисер, овој пат за македонската вработеност. Како што може да се види од долниот графикон, бројот на вработени во Македонија (вклучувајќи ги и 30-те отсто неформално „вработени“) како процент од вкупното население над 15 години, е на претпоследно место во Европа, само пред Босна. Ова е одличен показател за тоа колку во земјава се работи. Тука ни со Грција, ни со Шпанија не ни можеме да помислиме да се мериме. Додека во овие две земји над 45 отсто од населението над 15 години работи, кај нас само нешто над 38 отсто од населението е вработено или неформално „вработено“.


Вработено население како процент од вкупното население над 15 години. Извор: indexmundi.com според податоци на Светската банка

 

Ако се земе предвид сето ова, и ВМРО-вците и нивните портали треба да го намалат доживувањето и целосно да се воздржат од самоиндуцирани (да не речам онаничарски) оргазми зашто за такво нешто навистина нема место.

Извор: anfas.blogspot.com