Наградно прашање

29.01.2015 10:53
Наградно прашање

Се прашувамe – кој би сакал да се запише на Филолошкиот факултет со цел да стане професор по француски (или германски, италијански, македонски, англиски, албански, турски…) јазик?

И покрај тоа што (1) положил државна матура, тој ќе треба:

(2) Пред камери, во живо да полага приемен испит по:

-математика – основно ниво,
-мајчин јазик, говорни и писмени вештини,
-англиски јазик, кој се полага доколку кандидатот не поседува меѓународно признат сертификат од ставот (1) алинеја 3 на овој член,
-два предмета кои се однесуваат на предметот за кој се стекнува со квалификации за наставник,
-информатички вештини и
-разговор со кандидатот

(3) да студира 4 години,

(4) да ги положи сите предвидени испити,

(5) повторно пред камери да полага испити („државен испит“), пред екстерна комисија од 5 члена

(6) да изработи и брани дипломски труд,

(7) да полага завршен писмен и устен испит…

И да се здобие со диплома… но да НЕ МОЖЕ да работи како наставник во основно и средно училиште, зашто, по дипломирањето, тој ќе мора:

(8) Пред камери, во живо, да полага приемен испит на Академијата за наставници по:

-прашања од мајчиниот јазик,
-прашања од соодветната стручна област,
-познавање на англиски јазик и
-од областа на претприемништвото, иновациите и бизнисот, потоа
-усмен дел, [кој] ги селектира кандидатите по квалитет, определен како минимум знаење за посетување на програмата за обука… и
-тест на интегритет, [кој] има за цел проверка на етичките и моралните вредности…
-…пред комисија која се состои од претседател и четири члена од редот на вработените во Академијата.

Сето ова за да стане наставник по француски (или германски, италијански, македонски, англиски, албански, турски…) јазик во основно или средно училиште.

За да работи за плата со која едвај може да го преживее месецот. Плата која, благодарение на екстерното тестирање, може да биде и 15% помала во текот на цела една година. Ако не биде дури и отпуштен.

Навистина, кој би сакал?

Извор: profesorskiplenum.wordpress.com