Македонија нема време за чекање и има насушна потреба од ПРАВДА

17.09.2015 01:55
Македонија нема време за чекање и има насушна потреба од ПРАВДА

Многу од досега објавените снимки укажуваа на сериозни кривични дела за кои се потребни темелни истраги, време и ресурси.

Но, многу од снимките укажуваа на кривични дела кои можат многу бргу да се истражат и процесуираат.

На пример, ако истрагата покаже дека премиерот и министрите честопати ги користат службените телефони во работно време за да вршат приватни или партиски работи, тоа е доволно за да се покрене кривична постапка за злоупотреба на службената положба. Ние ги плаќаме министрите и премиерот (и нивните телефонски сметки) за да вршат работи од нивната надлежност, а ако тие тоа не го прават во работно време, со тоа ни нанесуваат штета на нас граѓаните, и за тоа треба да бидат казнети. Ако при злоупотребата на службените телефони во работно време се повредуваат и правата на други лица, казната што им се заканува е од 6 месеци до 5 години. Исто така, ако службените простории на МВР ги користела за партиски дејанија (за штаб на „МВРО-ВМРО“), при што се повредувале и изборните права на граѓаните, тоа е тешка злоупотреба на службената положба на министерката за внатрешни работи.

Постои и дело несовесно работење во службата. На пример, ако министерот за транспорт и врски несовесно постапува за да му прибави значителна имотна корист на премиерот (во врска со измени на ГУП и ДУП за милионски плацеви за кои тврди дека ги купил за џабалак), треба да се казни со затвор најмалку три години. Истата казна е и за несовесно постапување кога на друг му се нанесува значителна штета (на пример, наредбата за рушење на „Космос“).

Ако снимките укажуваат дека службените лица се послужувале со подвижни предмети доверени во службата (на пример, службени автомобили) за партиски или приватни цели, или неовластено му ги давале на друг да се послужи со нив - казната е од три месеци до пет години затвор.

Ако снимките укажуваат дека некој министер има имот (на пример, стан спроти МВР) кој не е пријавен, тој треба да се казни со затвор од шест месеци до пет години и со парична казна. И за оваа истрага не е потребно многу време.

Не е потребно многу време ни да се утврди дали масовното прислушкување е вршено со злоупотреба на опремата на МВР. Ако злоупотребата на опремата за прислушкување траела со години, тогаш во најмала рака е сторено дело несовесно работење во службата (со пропуштање должен надзор), при што е нанесена огромна штета и тешка повреда на правата на многу граѓани, за што максимална казна е пет години затвор за тој што требало да врши надзор на опремата.

Приоритет на специјалното обвинителство треба да бидат делата кои можат најбргу да се процесуираат.

Затоа што Македонија нема време за чекање и има насушна потреба од ПРАВДА.

Извор: Фејсбук профилот на авторот