СДСМ: Наместо Панорамско тркало на лудоста, ќе изградиме систем за заштита од поплави!

09.09.2016 10:48
СДСМ: Наместо Панорамско тркало на лудоста, ќе изградиме систем за заштита од поплави!

Што ќе направи СДСМ за да не ни се повторат катастрофални штети од поплави? Тоа беше темата на заедничката прес-конференција на потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски и членот на Извршниот одбор на СДСМ Љупчо Николовски одржана на кејот на „Вардар“ каде што се гради „Панорамско тркало“ од 19 милиони евра.

Дамјан Манчевски ги посочи сите населени места кои беа изложени на опасност и на катастрофи од поплави исклучиво заради неодговорноста и неспособноста на Никола Груевски и Коце Трајановски: „Стајковци, Црешево, Смилковци, Страчинци, Инџиково, Илинден беа најпогодени заради негрижата на власта.“

Според Манчевски, „наместо да се свести, Груевски упорно продолжува да го гради 'Тркалото на лудоста' од 19 милиони евра“. СДСМ смета дека катастрофалната поплава немало да ни се случи, ако парите за „Панорамското тркало“ биле наменети за инфраструктурни објекти за заштита од поплава.

Манчевски објасни што ќе направи СДСМ за никогаш да не се повторат вакви штети од поплави:

„Ќе изградиме ефикасен систем за одбрана на Скопје од големи води. Ќе ги уредиме сливните подрачја, ќе ги исчистиме речните корита и каналскиот систем. Ќе го заштитиме Скопје од порои.

Ќе ја санираме скопската обиколница, за да не ги поплавува куќите на жителите од Стајковци и другите населени места.

Ќе изградиме системи за атмосферска и фекална канализација кои ќе ги намалат ризиците од поплава. Процентот на рурални населени места покриени со атмосферска канализација од сегашните 18% ќе го подигнеме на 40%. Ќе го заштитиме Стајковско езеро од излевање.“

Љупчо Николовски ја потенцираше забраната за изградба на објекти во коритото на „Вардар“ како дополнителна мерка: „Ќе воведеме забрана за изградба на објекти во коритото на Вардар и другите реки во Македонија. Нема да дозволиме Галии и други пиратски градби кои го зголемуваат ризикот од поплави.“

Николовски навести изградба на „современ хидрометеоролошки систем за рано предупредување, за граѓаните во цела Македонија мора да бидат навремено информирани кога има ризик од поплава“.

Николовски најави и инвестиции од 10 милиони евра во нови системи за наводнување и одводнување во сите подрачја со најголем ризик од поплава.

Љупчо Николовски ја потенцираше и потребата од пошумување на соголената Скопска Црна Гора и другите ризични планини: „Ќе извршиме вистинско пошумување на соголената Скопска Црна Гора и другите ризични планини, наместо да се сликаме за Денот на дрвото.“

Според СДСМ, „доаѓа време кога безбедноста, здравјето и сигурноста на секој човек ќе бидат приоритет во работата на институциите“.

Извор: Слободна Македонија