Кој е дизајнерот што ги изработи фантастичните кукли од отворањето на зимската Олимпијада

16.02.2018 10:40
Кој е дизајнерот што ги изработи фантастичните кукли од отворањето на зимската Олимпијада

Стотици милиони луѓе го следеа отворањето на зимските Олимписките игри во Јужна Кореја, на 8 феврури, чијшто дел беа фантастичните тигри, змејови и птици. Ова веројатно е најгледаната куклена претстава во историјата. Но, за дизајнерот на куклите од Бруклин, Николас Махон, тој петминутен настан значи една година напорна работа.

Во привремениот стадион во Пјонгчанг, кој чинел 78 милиони долари, 85 кукли беа оживеани од стотина волонтери-куклари. Тие беа вовед во двочасовната церемонија, која ја следеше приказната за пет корејски деца, преку која се раскажуваше историјата на Кореја и вистинското значење на мирот. За разлика од гледачите што отворањето го следеа од своите домови, повеќе од 35.000 обожаватели на Олимпијадата стоеја на температура далеку под нулата за да го гледаат спектаклот.

Еден од десетиците креативци автори на грандиозната кукленската претстава е Николас Махон, роден во Канада, кој работи во неговиот стан во Бруклин. Тој го надгледуваше дизајнот и активирањето на монументалните фигури. Махон почнал да работи на овој проект пред една година, кога корејскиот дизајнерски тим му го претставил првиот цртеж во молив на хартија на ликовите што сакале да ги оживее.

„Мојата улога во овој проект беше да ги разгледам цртежите, а потоа да ги преведам нивните линии во реалност и да го дознаам начинот на изработка и конструкција на овие кукли“, вели Махон за „Artnet News“.

„Се работеше на откривањето материјали, кои ќе овозможат зглобовите да се движат и како треба да се движат. Целата филозофија зад кукларството е да му дадете душа на нежив предмет, за да да изгледа како жив“, додава Махон.

Куклите биле направени од алуминиумски рамки, обложени со пена, која потоа била прекриена со рачно изработена корејска хартија. Иако процесот комбинира традиционални и современи корејски техники на изработка, куклите всушност биле конструирани од страна на тим во Малезија во текот на изминатите неколку месеци.

Монументалните фигури - некои долги и по 15 метри - претставуваат животни и ликови од корејскиот фолклор: змеј, птица-човек и џиновски бел тигар. Нивните дизајни биле инспирирани од традиционалните корејски слики. „Фините, тенки потези на четката на традиционалните корејски слики ни беа инспирација, ги претворивме во тродимензионални делови од пена кои го дополнуваат движењето на тигарот“, забележува Махон.

Тим од шест лица беше потребен само за да ракува со тигарот, многумина од нив никогаш порано не работеле со кукли. Поради обемот на ваквите церемонии, организаторите честопати ангажираат волонтери. „Во овој случај, има многу ученици и војници“, вели Махон, кој исто така ги тренираше кукларите како да се движат внатре во костимите.

„Навистина ги охрабрував да играат и да видат што можат самите да откријат“, вели тој. „Играта е навистина важен дел од процесот.“

Животот на професионалниот дизајнер на кукли

Како некој станува професионален дизајнер на кукли? Махон пораснал во едно мало село во Квебек, каде што, како генерации деца пред него, се вљубил во улицата Сезам. „Немаше многу културни стимулации, но ‘Сезам Стрит’ ја донесе културата во мојата дневна соба и најпрво го побуди мојот интерес за куклите“, се сеќава тој.

До неговите рани дваесетти години, тој не размислувал кукларството да му стане професија.

По завршувањето на колеџот, каде што студирал уметност, анимација и театарски дизајн, Махон се запознал со мајсторот куклар, Мајкл Кари од Портланд со кој развиле блиски односи и соработка. Кари го поканил да работи во неговото студио во Портланд, каде што Махон останал 10 години, а потоа се преселил во Њујорк и почнал да работи како слободен уметник. Меѓу неговите славни клиенти била компанијата на Џим Хенсон, креаторот на „Мапет шоу“, како и „Blue Man Group“, познатата уметничка група што се занимава со театар, музика и перформанси.

„Она што го сакам кај куклите е тоа што треба да бидеш одличен скулптор, но исто така и сликар, а треба да бидеш способен да шиеш и да знаеш за механиката и материјалите, па дури би било идеално, исто така да си и актер и да размислуваш за приказната“, вели Махон.

Во 2015 година, Кари побарал од Махон да соработува како уметнички директор на Европските игри во Баку, Азербејџан – тоа бил неговиот прв ангажман за еден голем светски настан. Оттогаш бил извршен директор и на други проекти во Баку, како и на фестивалот „Мајка на нацијата на Абу Даби“ во 2016 година.

Процесот на креирање на едена церемонија која ќе ги опфаќа луѓето од целиот свет воопшто не е лесен. „Мора да играте со две различни публики: тоа е театар за десетици илјади луѓе на стадионот, но има и милиони луѓе кои гледаат оддалеку, преку телевизиските екрани и интернет и тие форми бараат различни начини на движење, комуникација и идеја“, објаснува Махон.

Исто така, овааа работа не е за сентиментални. Како и самиот стадион во Пјонгчанг, кој ќе се користи за вкупно четири настани пред да биде срушен, така и судбината на куклите е донекаде мрачна. Понекогаш, некоја претстава опстојува подолго или пак куклите повторно се употребуваат за други настани, или завршуваат во музеј. Но, често, куклите едноставно се ставаат во складиште и по само една изведба.

„Тоа е малку тажно“, вели Махон. „Работата на кукларот е да ја стави својата душа во овие кукли, па кога тие треба да се стават во кутија, тешко му паѓа на срцето на кутриот куклар“.

Извор: The Artnet News