Патувањата во странство забранети

02.10.2018 02:53
Патувањата во странство забранети

Господин К., јунакот на романите „Процес“ и „Замок“, е сосем нормално суштество, налик на повеќето од нас кога ќе се најдеме во слични околности. Околностите опишани во споменатите романи на Кафка всушност се најсекојдневните во нашето време. Господин Јозеф К. е нормално суштество кога ќе го споредиме со неговиот чешки современик, Јозеф Швејк. Швејк е вистинско чудовиште, зашто ништо не може да го изненади. Кутриот господин К. од сѐ бидува затечен. Каде и да се сврти, секаде го чекаат непријатни изненадувања во чија стварност тој просто не може да поверува. Него сѐ го изненадува, зашто верува во постоењето на законите. Швејк? – Ма, ајде, ве молам, какви закони!

Таква паралела ќе повлече Брехт, додека во берлинската кафеана „Центар“, раната пролет 1931 година, разговарал со Бенјамин. „Швејк е доказ за чудовишноста на егзистенцијата во која ништо, апсолутно ништо, не изгледа невозможно.“ Швејк на Јарослав Хашек ни миг не би чекал чуварот да го пропушти во Законот. Тој одамна ја има изгубено надежта дека во што и да е што го опкружува може да најде некаков закон. Кафкиниот К., среде беззаконието, во сѐ бара и наоѓа закон. Тој е смешен во својата сериозност и загриженост, а не Швејк – шокантниот лик кого ништо не го шокира – кој не се секира веќе за состојбата на работите дотаму што ќе се одрече од секоја сериозност и ни се претставува како копнеено олицетворение на смеата. И затоа последниов секаде се чувствува како дома; првиот – никаде: во пророчкото дело на Кафка, тој е судениот изгнаник, неподготвен за шокови, постојано под шок. Затоа изгнаниците би требало со себе, по можност, да го поведат и Швејк, да му направат место во себе, или барем почесто да го канат на гости, особено кога ќе ги зафати изгнанички очај. Кафка претпоставувал дека вистинскиот автор на „Дон Кихот“ е всушност Санчо Панса, кој, опседнат од книжевниот демон, ќе го измисли тажноликиот витез и ќе го испрати во светот: на тој пат го мачел. На секој изгнаник му недостасува таков придружник. Господин К. и Швејк, дотолку, би можеле да бидат комплементарни ликови, две верзии на нашиот став кон талкањето.

Само со швејковската црта кај Брехт може да се објасни дека овој во Кафка, кого наводно го познавал како сопствениот џеб, го видел единствениот вистински бољшевички писател! Како објаснување, Брехт ќе му кажува на Бенјамин, во споменатата берлинска кафеана, за Кафка како писател што има само една единствена тема – чудењето. Кафка цело време го варира чудењето на човекот што го претчувствува наидувањето на „прекрасните поместувања во сите области без самиот да се вклучи во тој нов поредок“. Па ако Брехт бил добро сфатен, тој „нов поредок“ би бил определен од „дијалектичките закони што егзистенцијата на масата им ги диктира на самите маси и на поединецот“... Така запишува Бенјамин во својот дневник во мај 1931, ама нема да одолее а да не ја навести и сопствената, поинаква идеја за пишувањето на Кафка. Иако со швејковската црта во поентираниот заклучок, Брехтовото толкување наликува на господин К., кој насекаде се врти по законите. Бенјаминовата талкачка егзистенција и рефлексија, чија самоубиствена (?) поента со своите интерпретативни заклучоци најмногу личи на маката на господин К., овој пат бира пригода што не е без сјајот на еден Швејк, без трпеливоста дека сѐ-може-да-биде. Можеби прозата на Кафка воопшто ништо не покажува; таа има, во секој случај, таква природа што во секој миг може да послужи за демонстрирање на ова или на она. Би можело да се помисли, запишува Бенјамин, на формата на Хагадата: така Евреите ги нарекуваат приказните и приказничките од Талмудот што служат за објаснување и потврдување на доктрината. Но, секоја приказна може еднакво да послужи за докажување и за побивањето на учењето. Прозата на Кафка не е, според тоа, отворена за секое толкување; таа самата е отвореност на толкувањето. Би била таа, да речеме, повест за толкувањето, ама непротолкувачка повест за толкувањето, бидејќи и самата покажува дека толкувањето запнува, останува надвор, не го пуштаат ни во Замокот ни во Законот. Тогаш нема тука ништо за чудење, ниеден закон на конечноста не важи за делото на чудењето и безнадежното трагање по законот.

Разговарајќи за Швејк и господин К., интерпретирајќи ги, Брехт и Бенјамин земаат во своите погледи по нешто од нивните верзии. Нивните интерпретации не се без сопствените автобиографии. Такви биле изгнанствата и на Бертолд Брехт и на Валтер Бенјамин. Кај првиот преовладувале швејковските црти на кои потоа ќе им заблагодари за својот опстанок и за фактот дека ги преживеал сите свои талкања. Бенјамин, пак, бил зачудениот господин К., по малку уморен од исцрпувачката немаштија, од трагањето по пари, вечен патник преобразен потем во вечен бегалец, беспомошен, измамуван. Штом ќе успеел нешто да заштеди, веднаш заминувал на патување. Големите и временски долгите патувања биле една од трите големи желби во неговиот живот. Дури, прва желба! За тоа недвосмислено зборува во својот дневник само два дена пред накратко да го евоцира својот кафеански разговор со Брехт. А првото од таквите патувања било на Капри, каде што бил подготвен да престојува дури и во пештера. Спроти поаѓањето на пат, летото 1924, младиот господин Б. застанува на аголот каде што се сечат Фридрихштрасе и Унтер ден Линден и целиот се потресува. Тука имало киоск за весници што го држела некоја постара дуќанџика. А на еден од истакнатите листови, на насловната страница, со мрсни и крупни букви пишувало ПАТУВАЊАТА ВО СТРАНСТВО ЗАБРАНЕТИ.

Во весникот бил објавен текстот од декретот според кој патувањето во странство ќе им биде одобрено само на оние што ќе приложат извесна сума пари во депозит, како кауција. Бараниот износ десетпати го надминувал вкупното богатство со кое располагал запрепастениот господин Б. Декретот стапувал во сила за два-три дена. Господин Б. со своите пријатели, за среќа, тргнувал неколку часа пред истекувањето на рокот. Од тој миг започнува талкачкиот процес на Бенјамин. На самиот праг на полнолетството на тој процес, неговиот јунак ќе умре на граница, талкачки изгнаник во бегство, пак пред патувањата во странство да бидат забранети, ќе умре како пес, залетувајќи се и фаќајќи се за рачката на последниот вагон од последната композиција.

За мене лично, изгледа, речениот рок веќе помина.

Илустрации: Франц Кафка

Извор: Гатања по пепелу (1993)

 

ОкоБоли главаВицФото