50 години Каменковци

01.10.2010 14:13
Каменковци

Вчера, на 30-ти септември, познатиот цртан филм „The Flintstones“, кај нас попознат како „Каменковци“, наполни 50 години од првото емитување.

Имено, првата епизода од оваа анимирана серија првпат беше прикажана на американскиот канал АВС на 30 септември 1960 г., и стана еден од водечките брендови на ТВ сериите кои наидоа на подеднаков успех како кај децата, така и кај возрасните. Оттогаш оваа цртана серија во континуитет беше омилена кај помладата популација.

„The Flintstones“ се создадени од страна на познатиот тандем за креирање цртани филмови Вилијам Хана и Џозеф Барбера. Дејствието на цртанот ги следи згодите и незгодите на двојката од работничка класа, Фред и Вилма, кои се главните ликови, но и на нивните соседи, Барни и Бети, во гратчето Бедрок.

Сликајќи го животот во камено време од гледна точка на припадниците на работничката класа и нивните семејства, овој цртан филм донесе некои хумористични (и неточни) толкувања за животот од тоа време. Сепак, децата не им замерија на создавачите на цртанот, бидејќи во него се појавуваат многу интересни ликови, а исто така, предметите од нашето секојдневие се претставени од малку поинакво (камено) гледиште.

ОкоБоли главаВицФото