70 години Пинокио

15.10.2010 14:50
Пинокио и Џемини

Кога ѕвездите ќе се најдат во низа, се верува дека настануваат чуда. Некои небесни тела можеби и се нашле во линија кога Волт Дизни го сними „Снежана и седумте џуџиња“, ама тешко е да се помисли дека космосот е одговорен за следното чудо наречено „Пинокио“.

Првиот долгометражен цртан филм од 1937 г. е резултат на визијата на еден човек кој, имајќи вроден талент за раскажување и опсесивно трагање по совршенство го воздигна жанрот анимација до врвните уметнички височини. „Снежана...“ претставуваше првиот блокбастер во историјата на подвижните слики.

„Снежана и седумте џуџиња“ само што влегуваше во завршната година на продукција кога тимот за развој на приказните во старото студио на Хиперион авенијата бараше материјал за наредниот долгометражен цртан. На сценаристите вниманието им го привлече книгата „Авантурите на Пинокио“, една мрачна и гротескна приказна за палавата дрвена кукла која во 1891 г. ја објави италијанскиот писател Карло Колоди. Набрзо се утврди дека адаптацијата на „Пинокио“, за филмот да биде соодветен за најшироката публика, треба да претрпи значително повеќе промени отколку бајката на браќата Грим за Снежана. Дизни на почетокот на работењето на филмот им дал одврзани раце на сценаристите, бидејќи во целост бил сосредоточен на завршницата на „Снежана и седумте џуџиња“ пред декемвриската премиера.

До крајот на 1937 г. сè повеќе аниматори можеле да се позанимаваат со „Пинокио“ и да експериментираат со првите скици и грубите тестови на анимацијата. Видно растоварен, Волт им се придружил откако цртанот за Снежана ги освоил сите светски кино-сали, иако без онаа посветеност и надзор што ги имала бајката на браќата Грим.

Охрабрен од фантастичниот успех, Дизни им соопштил на соработниците дека има намера годишно да први по еден цртан филм. На почетоот на 1938 г. веќе не знаел каде попрво да посвети внимание – на „Пинокио“ или на „Бамби“, додека истовремено размислувал и за нови краткометражни остварувања со Мики Маус и Пајо Паторот. Истата година воспоставува соработка и со маестрото на Филаделфијската филхармонија, Леополд Стоковски, а напоредно со сево ова купува имот во предградието на Лос Анџелес каде што започнува изградба на студио, и притоа заминува на состаноци за пишување на сценариото за цртанот „Алиса во земјата на чудата“ кој ќе го сними дури по 13 години!

Првата голема дилема бил ликот на самиот Пинокио. Дали требале да го покажат како кукла или мало дете? Во поголемиот дел од дотогашните илустрации Пинокио бил прикажуван како типична тетарска марионета, со издолжен нос, сплескани дрвени раце и висок шилест шешир, што веројатно и влијаело врз првобитниот дизајн во студиото на Дизни. Кога Дизни пролетта 1938 г. го погледнал нацрт-сценариото и првите тестови на анимираниот „Пинокио“, не му се допаднале ни правецот на адаптација на приказната, ниту изгледот и однесувањето на главниот јунак. Сметајќи дека на сценариото му недостасуваат потопли чувства, а дека Пинокио не е симпатичен и мил, набрзо ги прекинува работите и бара преправка на текстот.

Во меѓувреме група млади аниматори, предводени од Френк Томас и Оли Џонстон, излегува од сенката на постарите колеги, покажувајќи поголема прилагодливост за напредните решенија кои Волт Дизни сакал да ги види во новиот филм. Дури откако Милт Кал, со поддршка на Томас, Џонстон и уште осум аниматори, го нацртал заоблениот и симпатичен Пинокио, а одделението за развој на приказната, после повеќемесечните експерименти, го преправило сценариото и го прилагодило за најшироката публика, Дизни есента 1938 г. дозволил да се продолжи со анимирањето.

Дополнителен поттик за продукција на цртанот се случува кога е осмислен ликот на штурчето Џимини, денес еден од најпознатите анимирани ликови. Во приказната на Колоди штурчето се појавува на почетокот на книгата, кога Пинокио го убива со чекан (!), па во нацрт-сценариото овој лик воошто не е споменат. Но Волт сакал уште еден симпатичен јунак, па така му ја додел улогата на совест на Пинокио и главен наратор. Осмислувањето на изгледот на Џимини претставувало посебен предизвик за цртачите: на првите скици тој изгледал како бубалка од учебниците по биологија, со антени на главата и тенки екстремитети, што на Дизни не му се допаднало, па побарал повеќе проби. Во крајната верзија штурчето стана она препознатливо човечуле со бели ракавици и сино-жолт шешир, и со само еден атрибут на инсектите – без уши. Со него, всушност, се создаде и моделот на јунакот-придружник, кој ќе стане еден вид заштитен знак на сите идни цртани филмови на Дизни.

Како што напредувала продукцијата, на Џимини, по настојување на Волт, му е доделувана сè поголема минутажа во филмот, па постепено тој ги преземал и сцените кои првобитно биле наменети за Пинокио. Во меѓувреме, ликот на Ѓепето поминал низ огромна преобразба, од првобитното дебело и ќелаво старче до жилавото и весело деденце кое се нашло на филмот.

Сликарите Густав Тангрин и Алберт Хартер во 1930-те години биле главниот адут на студиото Дизни во областа на инспиративни илустрации – посебни слики кои треба да им помогнат на цртачите во позадина и аниматорите во потрагата по естетскиот израз и атмосферата на филмот. Преку комбинацијата на скандинавските и швајцарските особини на реалистичкото сликарство, Тангрин и Хартер се најзаслужни за бајковитиот, европски стил на „Пинокио“. На основата на Тангриновите слики на села, цртачите во позадина ги создале највпечатливите позадини во историјата на анимацијата. Хартер, пак, е заслужен за сите оние детали кои на прв поглед се невидливи: десетиците модели на ѕидни часовници, стилизираните украси на мебелот, гравурите на садовите и сл.

За потребите на филмот создадено било и посебно одделение за модели, каде од дрво, глина и други материјали се изработувани копии на сите ликови и предмети кои се појавуваат во филмот, што на цртачите им го олеснило анимирањето под различни агли.

Незаборавните песни за цртанот „Пинокио“ ги компонирале Ли Харлинг и Френк Черчил, Нед Вашингтон ги напишал текстовите, додека Вол Смит ја создал пратечката музика. Од вкупно 12 песни, во филмот се нашле осум, вклучувајќи ја и неофицијалната химна на Дизни компанијата „When You Wish Upon a Star“. Четирите песни кои не влегле требало да бидат изведени од страна на ликот Џимини. Дента кога почнал да се прикажува цртанот, во продажба се нашла и музиката од филмот, вклучувајќи ги и оние песни што не се нашле во него.

По две години продукција и трошоци од приближно 2,6 милиони долари (денешни 100 милиони долари), 750-те аниматори и филмски техничари го завршиле долгометражниот цртан филм „Пинокио“, петнаесет дена пред закажаната премиера. Премиерата се одржала на 7 февруари 1940 г. во огромното Center кино во Њујорк, без медиумската помпа која го следела анимираниот првенец на Дизни, „Снежана и седумте џуџиња“. Над триесет илјадната публика реагирала бурно на филмот, ракоплескајќи често и на невообичаени места. Потоа успешна премиера била одржана и на Западниот брег, во престижното Петнеџис кино на булеварот Холивуд, во Лос Анџелес.

Меѓутоа, набрзо се покажало дека „Пинокио“ не е ни приближно успешен на кино-благајните како „Снежана и седумте џуџиња“ – до 1947 г. цртанот заработил само 70% од вложените средства. Волт Дизни на своја кожа ги почувствувал последиците од избивањето на Втората светска војна во Европа и Азија и губењето на двата најголеми пазара за дистрибуција на филмови (во Германија и Јапонија цртанот премиерно е прикажан дури во 1950 г.). Но и американската публика млако реагирала на цртанот. Приказната за дрвената кукла, без оглед на среќниот крај, претставува едно од најмрачните остварувања кои Дизни ги продуцирал за време на својот живот – главниот јунак често е изложен на тешки животни предизвици, а одредени сцени, како онаа на преобразбата на Лампвик во магаре, се многу драматични – па можеби и во тоа треба да се бара причината зошто за време на војна гледачите не го покажале очекуваниот интерес.

Филмската критика очекувано го поздравила „Пинокио“ со воодушевување. Колумнистите на New York Times, кои „Снежана и седумте џуџиња“ го прогласија за „најсреќниот настан од примирјето“, „Пинокио“ го прогласиле за „најсреќен настан од завршувањето на војната“, опишувајќи го како „најдобриот филм кој Дизни некогаш го создал“. Цртанот доби два Оскара од Академијата во категоријата за најдобра музика и најдобра песна.

„Пинокио“ секогаш се наоѓа некаде при врвот на сите топ листи за најдобри цртани филмови, и се смета за најдобар пример на техничкото совршенство кон кое Дизни отсекогаш се стремел.

Можеби „Снежана и седумте џуџиња“ биле најдобрите моменти во неговиот живот, но „Пинокио“ е веројатно неговиот најдобар филм. Заедно со стотина други уметници, Дизни со вториот долгометражен цртан филм исцрта нови граници на чудесното во уметноста на филмската анимација. Иако не гледал во ѕвездите и не замислувал желби.

ОкоБоли главаВицФото