Швеѓаните слават Санта Луција

14.12.18 16:01

Традиционалниот шведски празник Санта Луција во Шведска се одбележува во знакот на светлината во темните и долги зимски ноќи, а Амбасадата на Шведска на 13 декември го прослави во Скопје со концерт на празнични песни и шведски кулинарски специјалитети.

Гостите во Македонска филхармонија беа пречекани со мирис на глог - варено вино со бадеми и суво грозје и колачиња со шафран и ѓумбир на прославата на оваа уникатно шведска традиција - фестивал на светлината и топлината кога скандинавските ноќи се најтемни, а зимата најстудена.

Свечениот концерт беше исполнет со божиќни песни, традиционални шведски песни за Луција како и класични композиции. Настапи женскиот хор „Св. Злата Мегленска“ под диригентската палка на Летка Димовска – Полизова. На сцената им се придружија и оперските пејачки Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ Миловановиќ, придружени од Иван Еминовиќ на пијано и камерниот состав „Пламенка Трајковска “.

Амбасадорот на Шведска, Матс Стафансон, ја поздрави публиката и го потенцираше значењето на еден од најголемите празници во Шведска, кој се прославува насекаде низ земјата, во домови, училишта и на работни места. Речиси и да не постои шведска амбасада низ светот која не организира прослава за Санта Луција.

Денешниот начин на прославување има традиција од еден век, главниот лик е Луција – светлоносец кој внесува топлина, светлина и надеж во домовите и срцата на луѓето.

 

 

ОкоБоли главаВицФото