100 невладини бараат итно да се донесе законот за спречување и заштита од дискриминација

28.02.2019 14:51
100 невладини бараат итно да се донесе законот за за спречување и заштита од дискриминација

Стотина граѓански организации пред Собранието апелираа за итна седница за донесување на законот за спречување и заштита од дискриминација, кој од јули минатата година е влезен во законодавна постапка во Собранието на Република Северна Македонија.

Комисијата за труд и социјална политика, како матично тело сè уште нема закажано седница за разгледување на Нацрт-законот за спречување и заштита од дискриминација.

Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација, во изјава за Либертас истакна дека целта на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација е да изгради сеопфатен систем за заштита од дискриминација кој ќе се однесува на сите граѓани, на сите дискриминациски основи.

„Претходниот закон експлицитно не ги содржеше сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи, па затоа беше критикуван и оценет како закон кој не ги исполнува докрај европските критериуми од стана на Европската комисија, но и од стана на телата на Советот на Европа и сите комитети на ООН кои досега известувале за Македонија. Донесувањето на овој закон со експлицитна заштита од дискрминација на ЛГБТИ луѓето е задожителен во процесот на евроинтеграции и соодветната имплементација на истиот ќе значи чекор напред во однос на гарантирањето на фундаменталните права на сите граѓани“, вели Дрндаревска.

Таа нагласи дека ДУИ, но и останатите партии кои го спорат законот манипулираат на грбот на ЛГБТИ заедницата, бидејќи од друга страна гласаат за други закони кои исто така содржат сексуална ориентација и родов идентитет во дискримациските основи.

„На ДУИ ако навистина им е важно да се спречи дискриминацијата врз основа на етничка припадност, први треба да го поддржат овој закон и да се застапуваат за негово побрзо донесување. Неможноста да се зборува на мајчин јазик е исто така дискриминација врз основа на етникум, од која овој закон заштитува“, вели Дрндаревска.

Организациите кои апелират за итно свикување седница истакнуваат дека досегашниот закон не ја оствари целта, односно не придонесе кон ефикасна и ефективна заштита од дискриминација. Мапираните недостатоци во постоечкиот закон се надминаа со Предлог-законот кој предвидува професионализација на Комисијата за заштита од дискриминација, построги критериуми за избор на комисионерите, јавно спроведен избор на комисионери, пократки рокови на постапката за заштита од дискриминација, јакнење на независноста на ова тело и зголемување на надлежностите. Со законот се предвидува и ослободување од плаќање на трошоци за судски такси за граѓаните коишто ќе поведат постапка за дискриминација и се овозможува тужба за заштита од јавен интерес (actio popularis). Во предлог-законот конечно се додадоа сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, а се проширија и доуредија облиците на дискриминација – имено, експлицитно се препозна сегрегацијата како облик на дискриминација, што е од исклучително значење на Ромите и луѓето со попреченост.

Истакнуваме дека донесувањето на законот е неопходно за градење на еднакво и инклузивно општество во кое нема да се премолчува пред дискриминацијата кон кој било граѓанин и граѓанка. Ромите, жените, луѓето со попреченост, ЛГБТИ луѓето, сиромашните и социјално исклучените граѓани, различните етнички заедници, сексуални работници, луѓето што живеат со ХИВ, луѓето што употребуваат дроги и останатите различни групи на пациенти, се соочуваат со маргинализација како последица од дискриминаторските практики на институциите и предрасудите од страна на околината. Дискриминацијата претставува клучен проблем за сите овие заедници: им го оневозможува учеството во општеството под еднакви услови и генерира сиромаштија, ранливост на насилство и исклучување од сите општествени сфери.

Со одолговлекување и блокирање на донесувањето на овој Закон, Собранието го загрозува и процесот на европските интеграции. Европската Комисија бара промена на законот согласно стандардите на европското право уште од 2011 година. Амбасадите кои ја поддржуваат Македонија во европските интеграции порачаа дека донесувањето на законот е услов за позитивен извештај за Македонија и за почеток на преговорите за членство.

Маја Коцијанчич, портпаролката на Европската Комисија, во изјава за МИА потврди дека сексуалната ориентација треба да биде вклучена како основа во законот за анти-дискриминација.

„Нашата позиција е јасна: нацрт законот за спречување и заштита против дискриминација го подобрува усогласувањето со европските стандарди и ЕУ законодавството, ова треба да ги вклучи сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација“, изјави Коцијанчич.

Од Европската Комисија за последниот извештај за Македонија во овој дел, упатуваат дека е од „суштинско“ значење да бидат вклучени сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за дискриминација и нацртот да биде изменет во согласност со мислењето на Венецијанската комисија.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

Извор: Либертас

ОкоБоли главаВицФото