Партизанка

09.05.2020 19:16

- „Каде, девојко? Овде - цвеќе, сонце...
А горе шума мрачна и студена.
На тревата сега уморна лежиш
И полусклопени ти се очите.
...Ох, немој така. Отвори ги, девојко!
Глеј, сонцето ги растргна гранките
На јаворот и погледна во тебе,
А муграта на овој ден пролетен
Ко итра предачка оди по лагот
И преде нешто што свети и блеска.
...Отвори очи и погледни! Покрај
Глуждовите ти - мајкина душичка,
Ги нишка ветките во цутје цели.
И цел куп шумки, јаглики и нане,
Синолички, смил и качунки цутат
Пред тебе, душо - осеќаш ли мирис?
Мирис што се шири низ цело поле
И твојта младост овде расцутена.
А горе, в планините, здив на барут
И крвје, и гнили мрши и трупци.
...Отвори уши, слушај ја песната
На првите птици, звукот од пчели...
Знај, тие се истите птици и пчели
Што пееја и брмчеа кога ти
Бели овци пасеше на овој лаг.
Понекогаш ќе слеташе до тебе
некоја птица, трошки да побара;
И некоја ќе наидеше пчела
Во твојата да се сплетка кадела.
И слушни како изворот те вика.
Во него лицето си го миеше,
Крај него со момче седеше често.
Штом ќе се врати тој, ќе ѕирне в него
Да види дали ти таму го чекаш.
...Не оди в планина! Оттаму екот
Допира страшен, од топови татнеж,
Трескот од пушки и стенкање болно.
Чувај ја својата убава младост,
На секој најубав дар му е таа!“ -

Таа седи, гледа, мириса и слуша,
Во некои тенки вплетена конци,
И срцето в градите ѝ се топи.
Па наеднаш се тргна. Пред очите
Со прсти ја кине чудната преѓа
Од зраци, мириси, бои и звуци.
Потем стана, торба на рамо стави,
Оружје зеде и кон гората тргна.

Препев: Михо Атанасовски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото