„Ќе фатит бран” од Долорес Атанасова-Лори, ново поетско издание на ГАЛИКУЛ и Галичка книжевна колонија

04.01.2021 12:25
„Ќе фатит бран” од Долорес Атанасова-Лори, ново поетско издание на ГАЛИКУЛ и Галичка книжевна колонија

Новата поетска книга „Ќе фатит бран” од Долорес Атанасова-Лори излегува под покровителство на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година во областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми.

Поетесата Долорес Атанасова-Лори (Д.А. Лори) е актуелниот лауреат на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година. Наградата, како што соопшти Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“, се доделува во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на неговиот основоположник и еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945–2015).

„Станува збор за инворедна книга за која сме сигурни дека ќе предизвика посебно внимание кај публиката. Со оваа книга сакаме да ја испочитуваме и заложбата на нашиот татко и да дадеме понатамошен поттик да се создава суштинска, бескомпромисна поезија“, истакнуваат Данче и Јане Чаловски од „Галикул“.

Писателката Биљана Стојановска, во рецензијата за книгата ќе напише: „Самиот наслов „Ќе фатит бран“ упатува за каква авторка станува збор. Авторка што ненаметливо настапува на книжевната сцена и не сака по секоја цена да се допадне секому. Со охридскиот дијалект во насловот Долорес Атанасова-Лори храбро ѝ пркоси на стандардната јазична форма и „ризикува“ да создаде отпор кај таканаречената книжевна елитистичка публика (која во суштина и не постои). Мотивот на бранот, кој се провлекува низ целата книга, колку и да звучи апокалиптично и да навестува големи краеви, уништувања, масовни и лични хистерии и нови себепронаоѓања, во суштина алудира на новите создавања, на новите светови и реалности со кои (не) мораме да живееме. Езерото, и водата, генерално, како мотив често се дел од нејзината поетика.”

Долорес Атанасова-Лори е родена во 1974 во Германија каде го поминува своето најрано детство. Со нејзиното семејство се враќа во Охрид каде го завршува средното образование, а во 1993 во Скопје запишува студии по англиски јазик и книжевност. Оттогаш живее и работи во Скопје како професор по англиски јазик. Песните на Д.А.Лори првпат беа објавени во „Букбокс”, по што следи соработка со издавачката куќа „Блесок”, за која, во 2014, ја издава својата прва збирка поезија насловена „Будење во трето лице еднина“. Во 2016, од печат излегува „Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа „Антолог, а по пауза од три години, во 2019, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез”. Во меѓувреме, нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена” и е-книгата „Поетискон”, како и на страната на „Словокулт”, онлајн магазин за уметност и литература, и „Fixpoetry”, германска платформа за литература на интернет. Долорес Атанасова-Лори е добитник на интернационалната награда на „Антево Слово”, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација „Ангело ла Векија”. Досега нејзината поезија е преведена на германски, англиски, српски и шпански јазик.

Наградата „Тодор Чаловски“ има за цел да даде придонес во континуираното унапредување на современата македонска поезија и збогатувањето на македонската современа култура и, воедно, да ја промовира наградата „Тодор Чаловски“. Досегашни лауреати на Наградата „Тодор Чаловски“ се Марта Маркоска (2015/2016), Иван Антоновски (2016/2017) и Биљана Стојановска (2017/2018). Реализацијата на издавачката програма на ГАЛИКУЛ и традиционалната манифестација „Галичка книжевна колонија“ се поддржани од Министерството за култура на РС Македонија и Месната заедница „Галичник”.

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото