Сега ти стануваш јас (пет песни)

25.01.2024 13:56
Сега ти стануваш јас  (пет песни)

Имам 23 години,
телото е младо и крцкаво,
му давам сѐ,
тоа лакомо граба,
почнувам да сфаќам
дека ќе ме издаде,
години отсега
телото ќе ми биде
мојот сопствен Јуда.

Духот трепери,
штотуку ја напуштив
мојата голема љубов,
без зборови,
само со погледи,
се заколнавме на
вечно отсуство,
а сѐ што добивме
беше вечен копнеж
и студ кој ништо
не го грее.

Во младо тело,
немирен дух.




Ова се последните денови
на мојата младост;
телото почнува да се
влече зад духот,
тешкиот чекор на
времето станува побрз.
Џинот во мене се ослободува
од својата тежина,
му се лупи телото,
му паѓа кожата,
почнува однатре да ѕирка
човекот кој отсекогаш бил.
Еднаш учи да сака,
после учи што сака.
Прво учи да оди исправено,
после учи да си оди исправено.

Ме напушта младешкото Да на сѐ,
сега учам да кажам Не.




Имам 128 години,
веќе долго сум мртва,
ми требаше долг живот,
и, еве, вечна смрт,
за да прогледам.
Смртта е досадна
како „бобок“,
досадна и упорна,
тоа е најтешкиот
дел од умирачката,
се лепи за тебе.
Нема тука долу
што да се прави,
само тонеш,
секој ден,
сѐ подлабоко,
и неизмерно
ти недостига животот.

Долго сум мртва,
чекам да исчезне времето,
да му се сотре семето,
да не те мислам,
да не ме мислиш.




Имам 9 години,
првпат ја слушам
приказната за еленот.
Пред мене се отвора врата,
оттаму го гледам момчето
кое исцрпено од жед
се напива од водата
во стапалката на еленот,
и станува еленот,
станува дел од длабоката,
темна, германска шума,
останува таму, чекајќи
некој да ја одмолчи
неговата маѓепсаност,
а таму нема никој.

Детството е затворено зад врата,
детството е момчето засекогаш
заробено во телото на елен
кое повеќе никого не чека.
Сите растат
и го забораваат
патот до таа врата.




Имам 39 години.
Знаев дека еден ден
ќе те нема,
и дека нема да смеам
да те барам.
Телото почнува
да ми реагира
на твоето отсуство,
душата се закопува
со главата в песок,
ми зборува на
нејзин јазик,
само со самогласки.
Се прашувам што
да правам со ова
што ми недостигаш,
се тегне како црв,
скини го, пак прета
и мрда со сета стрв.
Станувам и твое тело,
со болки, крцкави коски
и сочни пцости.
Поминувам.

Минатото е татнеж од
невреме кое го гледаш
во далечината,
се приближува,
и те одминува.

Белешка на авторката (извадок)

(...) Стихозбирката „Сега ти стануваш јас“ настана со исцртување на она што сум врз остатоците од сеќавања и замисли за она што е или што бил другиот, како палимпсест; таму секогаш останува видливо присуството на претходникот или другиот. Јас станувам ти, ти стануваш јас, за да се најдеме, за да се видиме. (Постпандемиска пролет, 2023)

 

Белешка за авторката

Песни на Д. А. Лори (Долорес Атанасова - Лори, 1974) првпат се објавени во „Букбокс“. Во издавачката куќа „Блесок“ во 2014 ја издава првата збирка поезија „Будење во трето лице еднина“. Во 2016 ја објавува книгата „Со ветрот под рака“, за „Антолог“. Во меѓувреме, нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена“ и во е-книгата „Поетискон“, во „Словокулт“, онлајн магазин за уметност и литература, и во Fixpoetry, германска платформа за литература на интернет. Присутна е и во монографијата „Астални проекции“, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност „Современост“. По пауза од три години, во 2019 излегува нејзината трета книга „Небо во кафез“. Добитник е на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019 година, која го овозможи излегувањето од печат на нејзината четврта книга „Ќе фатит бран“. 2023 излегува нејзината петта книга „Сега ти стануваш јас“, во издание Чудна шума.

Слики: Graham Franciose

Извор за песните: Д. А. Лори - Сега ти стануваш јас (Чудна шума, 2023)