Промоција на поетската книга „Огнот наш нестишен“ од Ирена Јурчева

15.12.2022 12:25
Промоција на поетската книга „Огнот наш нестишен“ од Ирена Јурчева

На 16 декември, со почеток од 19 часот, во спомен-собата „Т’га за југ,“ во Градската Библиотека "Браќа Миладиновци" Скопје ќе се одржи промоцијата на најновата, втора поетска книга на Ирена Јурчева „Огнот наш нестишен“ во издание на „Современост“.

За книгата ќе говори Верица Мукоска, а стихови ќе читаат Катерина Гогова и Софија Тодороска.

Збирката „Огнот наш нестишен“ од Ирена Јурчева е суптилно, но наполно свртена кон индивидуалниот, творечкиот, создателскиот, човечкиот... оган во оној живот кој го нуди или наметнува „светот на нашата околина“ или сартровскиот пекол… кон индивидуата, творецот, создателот, човекот… каде крикот во точката е онаа капка што ја прелева чашата на сиот Космос, создаден, одживеан и разнебитен во сопствениот, еден, хераклитовски вечно жив Оган што по мера се пали и по мера се гаси, пишува рецензентката Верица Мукоска.

Ирена Јурчева е родена во 1982 година во Белград. Живее и работи во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за преведување и толкување. Во 2017 година ја одбранила својата магистерска теза на тема: „Културолошко преведување на „Силмарилион” од Џ.Р.Р. Толкин како предизвик за преведувачот”. Работела како наставник по англиски и француски јазик во повеќе училишта и јазични центри во Скопје. Превела повеќе од петнаесет книги за три издавачки куќи во Македонија. Досега има објавено две поетски книги, „Таинства” (2017) и „Огнот наш нестишен” (2022) и две збирки раскази, „Разнишан свет” (2021) и „Белата е најстрашната боја” (2019) за која ја добила наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!” Гостувала на повеќе поетски фестивали, читања и слем натпревари. Нејзина поезија е објавена во неколку книжевни списанија. Организирала и учествувала во повеќе работилници за креативно пишување.