Отворен повик за соработка на интердисциплинарен издавачки проект

24.11.2022 11:53
Отворен повик за соработка на интердисциплинарен издавачки проект

Во рамки на активностите на PrivatePrint studio поддржани од партнерската програма на Фондацијата Принц Клаус од Амстердам, отвораме повик за собирање предлози за интердисциплинарен издавачки проект.

Повикот е отворен до 30 ноември 2022 година.

За кого е отворен повикот?

Ако сте:

- работник во културата (уметник, куратор, активист, теоретичар, истражувач итн., родени во С. Македонија, не постари од 35 години),
- се занимавате со прашања коишто имаат општествена релевантност (човекови права, екологија, архитектура и урбан развој и други теми од значење за нашето општество, заедниците и културата),
- имате истражувачки проект во тек за којшто сте страстни да го заокружите и објавите,

>> ова е повик отворен токму за вас!

Повикот е отворен за индивидуални и за колективни проекти. Можат да се пријават еден или повеќе автори.

Што подразбира соработката на одбраните проекти?

Од пристигнатите пријави, ќе бидат одбрани најмногу три проекти со чиишто автори ќе потпишеме договори за соработка. Хонорарот за авторите и сите продукциски трошоци се покриени.

Во моментот на аплицирање проектите треба да се почнати, но не и заокружени. Работата на одбраните проекти ќе се одвива во блиска комуникација со уредничкиот тим на PrivatePrint studio и ќе подразбира истражувачки дел, според потребите на проектот, уредничка евалуација и доработка, до заеднички резултат - книга и настан како: работилница, презентација и слично, во зависност од потребите на одбраниот проект.

Книгата во рамки на одбраните проекти ќе биде објавена на англиски јазик.

Одбраните проекти треба да бидат реализирани до 1 декември 2023 година.

Што е потребно за да се пријавите?

1. Биографија (CV) од авторот/авторите на проектот и
2. Предлог-проект (не повеќе од 2 страници) кој ќе содржи краток опис на вашиот проект, досегашната работа на проектот, како и одговор зошто тој е општествено релевантен.
* Можете да ни испратите и дополнителен материјал како линкови, фотографии, скици, текстови коишто можат повеќе да ни го објаснат проектот.

Внимавајте фајлот да не биде поголем од 5 MB (или пратете ни ги материјалите преку линк, wetransfer, google drive или други сервиси за праќање големи фајлови).

Краен рок и дополнителни прашања

Пријавите пратете ги на info@privateprint.mk најдоцна до 30 ноември 2022, 23.59 ч.

Мејловите да бидат со назнака (subject): За издавачки проект

На истиот мејл можете да нè контактирате и ако имате дополнителни прашања.

Одлуката за одбраните проекти ќе биде соопштена до крајот на декември 2022 г.

Повеќе за PrivatePrint studio и за програмата

Студиото Приватен принт во 2020 година стана партнер на Фондацијата Принц Клаус во рамки на неговата партнерска програма. Како дел од проектните активности, студиото соработува со млади уметници, куратори и културни работници коишто работат во полето на алтернативни и помалку застапени практики во уметноста и културата. Програмата има за цел да ги открие локалните специфичности и разлики на нашата културна реалност и да поддржи нови идеи во зародиш.

PrivatePrint е издавачка куќа за уметнички книги и студио за интердисциплинарни истражувања и практики во современата уметност и графичкиот дизајн од Скопје. Врз основа на премисата дека уметноста и издаваштвото се совршениот спој кога станува збор за демократизацијата на културата, особено во општества во кои на културата ѝ недостига добра системска уреденост и институционална поддршка, мисијата на PrivatePrint е да ги прошири идеите за уметноста и да овозможи нивна поголема достапност, како и да овозможи платформа за подобра видливост и интеракција на новите уметници и уметнички практики.