Судската инсталација и нејзините прапочетоци

20.12.2022 15:31
Судската инсталација и нејзините прапочетоци

Добро, има ли барем некој судија доброволец да преземе одговорност за новиот скандал со случајот Таргет-Тврдина?!

Се разбира дека нема таков. Да не си го маеме паметот, другарчиња.

А таков нема бидејќи мрежата на фамилијата во судските органи беше ткаена години наназад и таа мрежа е сè уште активна. Како и во сите други органи. На сите нивоа на власта, впрочем. Инсталациите се активни и денес. Сè уште си роварат по познатиот тертип. Таа мрежа што ја негуваме под плаштот на пост-груевистичко помирување – помирувањето не го разбра како гест на волја да се продолжи демократски напред, туку помирувањето го разбира како отворена можност да ни копа гробови и понатаму, сè до додека овде не ги истреби сите демократски и прогресивни сили. Таа мрежа почна да се плете уште во 2006 година, кога власта ја презема тогашниот режим. Опстојува многу години, од кои особено мрачни беа оние кога се одвиваше масовното прислушкување кое беше толку очигледно што „СМРДЕШЕ ВО ВОЗДУХОТ”.

Трауматизирани, се сеќаваме каква параноична атмосфера беше тоа, во која повеќе од 26.000 лица беа предмет на илегален надзор, меѓу нив и јас самата. Невиден скандал од меѓународни размери, невиден атак врз граѓаните – но нивото на надзор било толку ниско, глупо и аматерско, што доказите за ова, освен што беа очигледни , се и несоборливи! Нема начин да се докаже спротивното!

Сепак, и покрај несоборливите докази, стана актуелно прашањето како е можно случај што се водел речиси пет години со безбројни одлагања, развлекуван по сите можни и невозможни основи – кои, патем не се достапни за други осомничени лица , во некои други судски постапки – според образложението на Апелација да има „многу” повреди во постапката и да се врати на почеток т.е. на ПРАПОЧЕТОК?!

А да не можеби се намерно направени тие повреди?

Да ти се плукнам во постапката и на вратоломните первезии врзани за процесната правда!

Зашто примена на закон без да се раздаде притоа и СУБСТАНТИВНА правда е АВТОРИТАРЕН ПРОЦЕДУРАЛИЗАМ! Сè уште применуван тука кај нас, за жал. Односно со закон, сè уште, ден денешен, се овозможува етаблирање на РАДИКАЛНА НЕПРАВДА, т.е. со закон применет од страна на Судот се овозможува пролонгирањето на репресијата!

Мили мои другарчиња, тука веќе нема место за прашања, туку има место само за дејствија.

И пак некој од поупорните ќе праша: како е можно таа важна судска одлука да се објави со доцнење од 9 месеци?

Ха ха ха, колку глупо прашање. Поглупо – здравје.

Можно е, мили мои, зашто владеењето на фамилијата не попусто беше наречено АВТОКРАТИЈА и не попусто по меѓународните стандарди за демократски капацитети нè именуваа како ЗАРОБЕНА ДРЖАВА или држава која го има проголтано целото социјално и политичко ткиво. Прво беше проголтана државата, а потоа по принципот ЈАС-СУМ-ДРЖАВАТА, државата ја проголта и судската власт (покрај другите две власти).

И, повторно, пак некој ќе праша: каде е одговорноста на вклучените судии за кои знаеме кога и на кој начин биле избрани, па дури и како под РАКЕТЕН ПОГОН НАПРЕДУВАЛЕ ВО СТАТУСОТ, а за кои исто така знаеме во кои предмети турале од фамилијарните „зачини”.

И, сите нив ги знаеме, кои се тие судии и обвинители, кои свесно прават вакви играрии. Но, никому ништо, оти, судската власт е „НЕЗАВИСНА”, нели. Не се коментирале судските одлуки?! Се слушаат псикотници! „Жити мајка?!”

Па во правосудните органи се докажа дека сите пропишани демократски постапки за избор може да се сведат на аналогија: НА МАЈМУНИТЕ ДА ИМ СЕ ДАДЕ ПРАВО САМИ ДА ГО ГЛАСААТ ДИРЕКТОРОТ НА ЗОО. Да не беше ова проблем, американската амбасадорка немаше да реагира како што реагираше.

Правосудниот систем, со други зборови, таа трета гранка на власта, таа клучна гранка на власта, другарчиња - не работи. Out of order е, мили мои.
Таа власт не е независна!

Но, деликатноста е во тоа што – таа не е независна зашто извршната власт се меша во неа, туку зашто сè уште е ПОД ОКУПАЦИЈА на инсталираната одамна мрежа, која успеа и ветингот да го одложи еве веќе петта година.
И, за ваквите ли состојби, не смееле другите органи на власта да се мешаат?!

Алооооооо! Мрднати ли сте, што давате вакви изјави?

Па, не само што треба да се меша, туку органите на власта имаат одговорност да се вмешаат, тие, имено, мора и да дејствуваат. Органите за санкционирање мора да покажат одлучност во врска со ваквата неодговорност, неспособност и криминалитетот на конкретните поединци во правосудството. Исто како што со право забележа, Љупчо Поповски давајќи го примерот во својата колумна – за експресната постапка и притвор за потпретседателката на европскиот парламент.

Па, ајде да видиме сега, колку сме спремни вистински да имаме „европски” институции.

Што е ова лелекање? Какви се овие патоси, ве молам?
Најмногу ме загрижува што се нема осет за битноста на предметот на случајот Таргет Тврдина, и за битта на стореното кривично дело. Тој случај ги зафаќа сите сегменти на општеството, а особено што тоа е еден од клучните причини кој не уназади до точка на ИМПЛОЗИЈА. Потем и не доведе на раб на безбедносен конфликт (Кумановски инциденти). Безбедносните структури, во налетот на авторитаризмот впрочем беа препоплнети со слепи партиски послучници и онакви со сомнително минато, со дебели криминогени психо-структури и тие исто така, како и во правосудството сеуште работат , дејствуваат, и си играат играчки и во значитечна мера го онеспособуваат системот.

Разбирате ли за каква субсистемска спрега се работи тука, и каков е нејзиниот потенцијал на раздор и субверзија!?

Тука веќе не станува збор за пропартиско навивање – лево или десно, ниту станува збор за ситење кога некој е во неволја или, недајбоже, посакување некој да страда.

Тука станува збор за правда и за власта што таа правда по словото на Уставот, ќе треба да ја раздаде!

Но, другарчиња тоа не е можно се додека некој кој најдрско и најбезобразно го опљачкал народот, некој кој уништил илјадници семесјтва, некој кој ужива сè уште во својата немилосрдна алчност, некој кој ја злоупотребил УБК и направил од неа приватна фирма – да остане без одговорност, преку своите инсталации и преку манипулации со коруптивните судски извршителски умови, запишани во тевтерчето.

Ситемот не смее да биде насамарен од овие извршители. Затоа е потребно да делува.

Итно и без исклучок!


Слики: Свирачиња
Извор за текстот: ЛИБЕРТАС