Нашите и вашите истории

12.07.2023 15:23
Нашите и вашите истории

 

Западен Балкан е регион со (пре)големо количество историја по жител, а склоноста на живеење во минатото, поттикнувана од светот на политиката, оневозможува нормален живот на граѓаните, кои треба да бидат свртени кон иднината.

Наскоро ќе има ново одбележување на „воено-редарствената“ операција Олуја од август 1995 година, што е само потсетник колку историјата се присвојува на начин што ќе им одговара на нејзините интерпретатори: во Хрватска слават, во Србија ја оплакуваат судбината на 250.000 Срби протерани од Краина.

Толкувањето на историјата, по правило проследено со нејзина ревизија, се актуелизира како моќен инструмент за добивање поддршка од народот, кому му се распламтуваат чувства на патриотизам. Комеморативните пејсажи постојано се менуваат, без оглед дали се работи за етосот на победата или за трагедијата на поразот.

Србите со децении чекаа Хрватите јасно да се определат кон Јасеновац. Потоа паднаа во истата замка, негирајќи го геноцидот во Сребреница. На сцената се вратија Миле Будак и Димитрие Љотиќ. Така се случува една од клучните личности на идентитетското спорење на Бугарија и Северна Македонија да биде човек што умрел во далечната 1903 година, Гоце Делчев.

На западот на Босна под покривот на исто училиште се учат две сосема различни истории, бошњачка и хрватска. Сѐ „наше“ е единствениот извор на вистината. Историчарите се натпреваруваат во трка кој „аргументирано“ ќе го опише минатото за да заработи поени кај современите политичари. Синоптичката карта на Балканот укажува дека темните облаци на минатото нема брзо да се повлечат.

Кога политичарите ќе стапнат на теренот на историјата, прска на сите страни, а последиците од таквиот ангажман се многу подолгорочни од нивниот краткорочен, најчесто изборен, интерес.

Војната во Украина еднаш ќе заврши, но колкумина Украинци нема да заборават како Владимир Путин им ги негирал националниот, верскиот и културниот идентитет, изедначувајќи го со рускиот, тврдејќи дека Владимир Ленин ја измислил Украина. Колкумина Руси нема да простат поради тоа што нивните синови и браќа страдале од оган на Украинците?

Негирањето на темните страни на историјата не е тешко да се објасни: поради импликациите во сегашноста. Како да се осудат злосторствата во логорот во Јасеновац, а потоа да се слават српските жртви во Олуја? Како да се прифати геноцидот во Босна, а да не се објасни зошто толку голем број воени злосторници, Срби, се на слобода? Зошто да не се воспостави ден на сеќавање на албанските жртви закопани на полицискиот полигон во Батајница?

Како да се помири со вистината дека бугарските фашисти чинеле страшни злосторства над Македонците – кога Македонците се негираат како нација, култура и јазик? Русија никогаш не ги институционализирала спомените на злосторствата на државата против милиони свои граѓани за време на страховладата на Сталин: како да се осудат погромите, а да не се каже ништо за сегашниот прогон на дисиденти и физички ликвидации на политичките противници?

Зарем Сји Ѓинпинг, градејќи сопствен култ, не продолжи со ревизија на историјата за денес да го враќа во партиските документи Мао Ѕедонг без каков било критички осврт на погубноста на Културната револуција или на предизвикувањето глад од кој страдаа милиони? Новата историја се учи насекаде, од училиштата до универзитетите, преку киносалите и видео-игрите, сѐ до социјалните мрежи.

Националистичките и недемократските режими по правило избегнуваат да се соочат со минатото. Турција ни денес не признава дека извршила геноцид врз 1,5 милион Ерменци во 1915 година. Со времето геноцидите се множеа, но никако во размерот на „годините на Шо“, како што Евреите го нарекуваат холокаустот и негацијата на шест милиони луѓе.

Европа, сепак, почнува да препознава некои гревови од минатото. Францускиот претседател Емануел Макрон во 2021 година во Кигали, главниот град на Руанда, побара прошка, зашто „Франција не ги слушала оние што ја предупредувале дека се готви масакр“ кога екстремните Тутси во 1994 година убија помеѓу 800.000 и еден милион милион мнозински Хути.

Неговите зборови можеа повнимателно да се слушаат во Холандија, чии војници од составот на УНПРОФОР немо посматраа како силите на генералот Ратко Младиќ стрелаат близу 9.000 бошњачки мажи во Сребреница, која требаше да ја чуваат како заштитена зона.

Белгијците во 2020 година отстранија многу споменици на кралот Леополд Втори, во чие владеење во Конго од егзекуции, болести и мачења страдаа околу 8 милиони Африканци. Германија се извини поради масакрот врз народот Хереро во периодот од 1904 до 1908 година, кога беше владетел во денешната Намибија. Во Канада папата Франциско се извини поради учеството на Римокатоличката црква во бруталното злоупотребување деца со домородно потекло низ училиштата пред еден век.

Злосторствата и неправдите од колонијалните времиња заслужуваат барем извинување. На Србите и на Хрватите не би требало да им биде полесно тоа што на таков чекор не се решаваат британскиот крал Чарлс Трети или шпанскиот крал Фелипе Шести, поради суровиот конквистадорски период во Латинска Америка.

Америка почна посериозно да ги преиспитува времињата на ропството, кои го поставија темелот на расната сегрегација, откако бел полицаец го уби црниот Американец Џорџ Флојд во Минеаполис во мај 2020 година. Беа отстранети многу споменици на генералот Роберт Ли, кој го предводеше Југот, каде што отпорот кон обоените и денес е силен. Жртва би можел да биде споменикот „Копјаник и стрелец“ на Иван Мештровиќ во Чикаго. Го критикуваат поради „романтизираниот и редуциран приказ на Индијанците“, што наведува на „расизам, ропство и геноцид“.

Каталонија лани официјално помилува 700 жени, кои во периодот помеѓу 15 и 18 век беа прогласени за вештерки, беа мачени и погубени. Слични иницијативи има и во Норвешка, Шкотска и во Швајцарија. Се проценува дека во периодот од 1580 до 1630 година приближно 50.000 луѓе биле осудени на смрт поради вештерство низ Европа. Од нив 80 отсто биле жени.

Сите тие геноциди, масакри и злосторства ме наведуваат на еден заклучок, а тоа е дека минатото има иднина што никогаш не ја очекуваме. Грешат оние што мислат дека најцрните идеологии – кои денес нѐ опкружуваат во маскирни униформи – не може повторно да излезат на улици.

Извор за стрип панелите: Pappy's Golden Аge

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Општество / Европа / Балкан
Европа / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Општество / Европа / Балкан
Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото