Историјата како агитација

08.09.2023 13:39
Историјата како агитација

Руските пропагандисти не губеа време спроти почетокот на учебната година. За само пет месеци е напишан учебник по историја, кој нуди нови толкувања на распаѓањето на Советскиот Сојуз, на ерата на Владимир Путин и патриотска интерпретација на причините за војната во Украина.

По тенковите, артилеријата, ракетите и дроновите, Москва во својот арсенал ги вклучува јазикот, културата и историјата. Учебникот за 11 одделение (ученици на 17 години) ги укинува границите помеѓу образованието и историјата и го покрива периодот од Втората светска војна до денес. Сите глави што се однесуваат на последните три децении од минатиот век и на почетокот на овој век се преиспитани и одново напишани. Последната глава е наречена „Русија денес – специјална воена операција“.

Кремљ особено ја засили контролата на историските наративи низ училиштата од почетокот на војната, која официјално се нарекува „специјална воена операција“, а сѐ e во склад со добро познатите визии на Путин: гордост на достигнувањата на СССР, носталгија поради распаѓањето, кое било „најголемата геополитичка катастрофа на 20 век“, обнова на руската моќ од неговото доаѓање на власт во 2000 година и обвинувања до Западот за придвижување на војната.

Параграф по параграф, авторите ја оправдуваат анексијата на Крим во 2014 година, потсетувајќи на систематското уништување на советските споменици низ источна Европа, „подемот на нацизмот“ во балтичките држави, сѐ до појавата на „украинскиот неонацизам“, на чие чело е „хунтата“ во Киев, која поради желбата да влезе во НАТО ја принудила Русија на операцијата во февруари минатата година. Книгата ја опишува Украина како „вештачка држава“, повикувајќи се на зборовите на Путин дека „Русија навистина била ограбена“ кога Украина стекнала независност во 1991 година. Учебникот од 447 страници ги содржи оцените што официјална Москва упорно настојува да ги пласира како и во странство така и пред домашната јавност: дека Русија е жртва, а не агресор, дека Западот ја почнал војната што Путин се обидувал да ја избегне, дека Украина е „неонацистичка држава“, а Русија е „земја на херои“.

„Западот се фиксираше на дестабилизација на ситуацијата во Русија. Целта дури и не се крие: да се растури Русија и да се преземе контрола врз нејзините ресурси“ – пишува во книгата исполнета со цитати од Путин, со порака дека руската младина мора да ја сфати трагедијата на советскиот колапс, перфидноста на Западот и потребата да се жртвува за татковината. Во учебникот не постојат „Руси“ и „Русија“ туку само „ние“ и „нашата земја“.

Обидот на Западот да ја казни Русија пропадна, пишува во книгата, со потсетување дека Западот ѝ одзел на Русија повеќе од 1.000 милијарди долари. За да се ублажат траумите од војната, кои непријателските дронови ја воведоа и во Москва, за да се ослаби внатрешниот отпор на интервенцијата и за да се запре заминувањето на младите Руси во странство, учебникот потсетува на милионите руски жртви за време на Големата татковинска војна и заклучува дека „специјалната операција“ послужила како лепило што го „обединила руското општество“.

Картите во учебникот ги прикажуваат окупираните територии на Украина како делови од Руската Федерација, а во текстот Украина се нарекува „ултранационалистичка држава“ во која „сѐ што е руско е прогласено за непријателско“. Територијалната експанзија на Русија во војната се опишува со термините „пристапување“, „реобединување“ и „барање за влез“.

Руската младина се повикува да се држи настрана од Западот, кој се обидува „да ги ресетира нашите мозоци“ и да не им верува на независните новинари и на западните социјални мрежи и медиуми. „Кога ќе добиете каква било информација за Украина на интернет, запомнете: незапирливо работи светската индустрија за производство на лажни снимки и фотографии“.

Од минатиот септември во училиштата е воведен нов предмет „Разговори за важни работи“, каде што патриотски пораки испраќаат министерот за одбрана Сергеј Шојгу и патријархот Кирил, а учениците треба да разберат дека љубовта кон земјата значи и „носење оружје заради нејзина одбрана“.

Сѐ е дел од поширокиот план за трансформација на националната култура во суперпатриотска, ултранационалистичка и нетрпелива кон сѐ што не е руско. Ако Русија е против светот, тогаш нејзината младина од мали нозе треба да биде научена за што треба да се бори.

Процесот е забрзан по агресијата во февруари 2022 година. Главите за историјата на Украина исчезнаа. Потсетувањата на заедничката историја на средновековната Киевска Русија се заменети со термините „старата руска држава“ или „феудалната Русија“.

Коавтори на учебникот се Анатолиј Торкунов, ректор на престижниот московски Државен институт за меѓународни односи, и Владимир Медински, советник на Путин и ултраконзервативен националист, кој бил министер за култура и учесник на краткотрајните преговори со Украина во првите денови по инвазијата.

Не е Русија осамена во промовирањето на владејачката идеологија низ школството, но реткост е учебниците по историја да обработуваат актуелни настани. Современоста не е предмет на историјата, секогаш е неопходна временска дистанца, но Путин сака да ги спречи сите поинакви толкувања на војната што би ја оспориле неговата улога на велик победник. Режимот инвестира во образованието на начин да се оневозможи критичката мисла. Контрола како во медиумите.

Историјата се комбинира со сегашноста, за да делува сегашноста исто толку стабилно како да е историја. Неопходно е да се обезбеди младите Руси, кои од оваа година добиваат и задолжителна воена обука, да ги прифатат официјалните наративи за „специјалната операција“. Индоктринација по секоја цена. Во спротивно, им се заканува затвор. Таму веќе има 20.000 од оние што се против војната.

Ефикасното исфрлање на новата верзија на историјата од една страна е потврда за моќта на режимот да прави што ќе посака, но и за стравот дека пропагандната машина тешко се бори со интернет-генерацијата, па затоа треба да се зајакне. Автократите инвестираат во образованието за да бидат сигурни дека младите ќе го прифатат она што го сакаат.

За почеток, по средните училишта. Учебниците за новите генерации се најавени за в година. Рускиот министер за образование Сергеј Кравцов вети дека ќе има нова ревизија „штом победиме“. Тогаш на ред ќе дојдат универзитетите. Тоталитарна историја за тоталитарен систем.

Извор за текстот: Слободен печат