Медиумите треба да промовираат родова еднаквост, а не антиродови пропагандисти и дезинформации (1)

25.07.2023 12:11
Медиумите треба да промовираат родова еднаквост, а не антиродови пропагандисти и дезинформации

Во 2023 година, анти-родовото движење беше зајакнато со нови влијателни актери – религиозни лидери, нивни поддржувачи, јавни личности, интелектуалци, академици и други.

Иако медиумите и новинар(к)ите имаат етичка должност да не шират дезинформации и говор кој поттикнува омраза или дискриминација, меѓу другото, и врз основа на пол, род, родов идентитет, сексуална ориентација и припадност на маргинализирана група, многу медиуми не се придржуваа кон овие етички императиви.

Исто така, медиумите треба да имаат клучна улога и во промоцијата на родовата еднаквост – медиумите треба да ја промовираат родовата еднаквост во програмите и содржините, за што се неопходни родово сензитивни и медиусмки описменети новинар(к)и и уредници. Но, наместо да ја промовираат родовата еднаквост и да се борат против родовите стереотипи во медиумите и општеството, повеќе медиуми се ставија во улога на промотори на анти-родовото движење и пропагандистите против родовата еднаквост и „родовата идеологија“.

Во оваа анализа на повеќе медиумски настани (студии на случаи), ќе видиме како дел од медиумите ги зајакнаа старите и нови гласноговорници против „родовата идеологија“, родовата еднаквост, родовиот идентитет, па и против употребата на изразите „род“, „родова еднаквост“ и „родов идентитет“ во македонскиот јазик.

Кој ширеше дезинформации дека родовата еднаквост е нешто ново и непознато?

На најгледаните ТВ вести на 22 март 2023 беше поканет како гостин епископ на МПЦ (Тема на денот со Викарниот Епископ Стобиски Јаков на ТВ Сител). Зборувајќи за Предлог-законот за родова еднаквост, гостинот дезинформираше дека терминот родова еднаквост е непознат и спорен поим: „Оттаму и директно го оспорив тој термин, сосема аргументирано, родова еднаквост, оти тоа е поим којшто ни е непознат.“

Меѓутоа, дали терминот „родова еднаквост“ е непознат поим во македонскиот правно-политички и медиумски контекст? Одговорот на ова прашање би требало да биде негативен за секој/а добро информиран/а новинар/ка и граѓанин/ка, затоа што терминот „родова еднаквост“ се среќава уште во Законот за еднакви можности на жените и мажите, донесен во 2012 година. (Сл. Весник на РМ, бр.06 од 13.01.2012 година).

Имено, во Законот за еднакви можности на жените и мажите, изразот родова еднаквост најчесто се среќава во контекст на „стратегија за родова еднаквост“, која ја донесува Собранието, ја предлага Владата, а ја изработува Министерството за труд и социјална политика.

Родовата еднаквост не е нешто ново, затоа што 10 години имаме национална стратегија за родова еднаквост

Согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите, пред повеќе од десет години, на 20 февруари 2013 година, Собранието донесе „Стратегија за родова еднаквост 2013-2020“ објавена во „Службен весник на РМ“, во која што е дефиниран изразот „родова еднаквост“ по изразот „родова рамноправност“.

Во оваа национална стратегија, потпишана од претседателот на Собранието Трајко Вељановски и изгласана во време кога ВМРО-ДПМНЕ има парламентарно мнозинство и извршна власт, стои дека „Родовата еднаквост претставува една од вредностите на Уставниот поредок на Република Македонија.“

Минатата година беше изгласана и Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 година (Сл. Весник на РСМ 28.07.2022), во која се наведуваат институционалните механизми за родова еднаквост, се прави преглед на родовата еднаквост и се поставува како главна цел „воспоставување ефективен и ефикасен систем за унапредување на родовата еднаквост на централно и на локално ниво“.

Во оваа стратегија како еден од приоритетите во медиумската сфера се истакнува „…промовирање на родовата еднаквост во програмите и содржините, преку претставување позитивни примери, почесто ангажирање жени соговорнички во дебатните и во другите програми со гости, како и поголема застапеност на содржини што обработуваат теми за родова еднаквост, односно вклучување на родовиот аспект во најголемиот број теми што се обработуваат во медиумите.“

Родовата еднаквост одамна не е нешто ново и на локално ниво

Родовата еднаквост не е нешто ново и на ниво на локална самоуправа, затоа што е донесена и „Стратегија за родова еднаквост на заедницата на единиците на локалната самоуправа на РМ-ЗЕЛС 2018-2030“ која „не ја третира родовата еднаквост само како човеково право, туку и како демократска вредност која треба да се применува на локално ниво во сите аспекти на животот…“ (стр. 1).

Усвоени се и локални политики (програми и стратегии) и формирани комисии за родова еднаквост во некои општини. На пример, Комисија за родова еднаквост во општина Аеродром е формирана уште во 2005 година.

Родовата еднаквост е заложба и политика на ОН, Советот на Европа, и ЕУ

Собранието и ОБСЕ имаат издадено Прирачник за родова еднаквост и зајакнување на жените наменет за пратениците и собранискиот персонал, во кој е наведен и следниов цитат: „За да се постигне потполна еднаквост на жените и мажите во Европа потребен е здружен напор на разни чинители, како државните институции, граѓанското општество, медиумите, академијата и други.“ (стр. 11)

Во земјата дејствува и UN Women – тело на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените, кое соработува со повеќе државни институции. Во Целите за одржлив развој на ОН, заложбата за родова еднаквост е содржана во Цел бр. 5 „Да се постигне родова еднаквост и еманципација на жените и девојчињата.“

Нашата држава има и член во Комисијата за родова еднаквост на Советот на Европа, која е „формирана со цел да помогне да се обезбеди вклучување на родовата еднаквост во сите политики на Советот на Европа“, за што има посебна Стратегија за родова еднаквост (2018-2023)

Во процесот на преговори за пристапување кон ЕУ ја имаме предвид и „Стратегијата за родова еднаквост 2020-2025“, како и препораките во годишните извештаи кои се однесуваат на родовата еднаквост. На пример, една од препораките во извештајот за 2022 е: „Потребни се дополнителни мерки за промовирање на родовата еднаквост во медиумската индустрија.“ (Извештај за Северна Македонија за 2022 година).

Наместо промоција на родова еднаквост, промоција на антиродова пропаганда со дезинформации

Во случајов, наместо да ја промовира родова еднаквост, медиумот се стави во улога на промоција на антиродов пропагандист кој јавно шири дезинформации, родови стереотипи, сексизам и мизогинија. Во најгледаните вести, на епископот на МПЦ му се даде простор да дезинформира за родовата еднаквост како спорен и „непознат поим“, иако родовата еднаквост одамна е составен дел од политиките на национално и локално ниво, како и од политиките на ОН, Советот на Европа и ЕУ.

Претходно, на јавна трибина, истиот епископ на МПЦ јавно го стигматизираше предлог – законот за родова еднаквост како „најголемото зло и опасност за жената“. Во ударниот термин на вестите, на антиродовиот пропагандист му се даде медиумски простор да ја прогласува „родовата идеологија“ за фашизоидна, да култивира фобии и омраза, да го патологизира родовиот идентитет и да крева социјална паника во врска со стручни изрази, коишто со години се составен дел од нашите политики и од нашиот правен систем.

Медиумите и новинар(к)ите треба да се свесни дека со ширење на анти-родови дезинформации и антиродови пораки преку нивните платформи, можат да придонесат за ширење на дискриминацијата, говорот на омраза и насилството против жените и другите луѓе таргетирани од анти-родовите дискурси.

Медиумите и новинар(к)ите треба да се борат против анти-родовите дезинформации и антиродовиот говор кој поттикнува дискриминација и омраза, а не да го дисеминираат и зајакнуваат.

Стрип кадри: Fletcher Hanks - FANTOMAH (1940)

Извор: https://smk.mk/

ОкоБоли главаВицФото