Анти-родовите дезинформации и протестот на МПЦ-ОА (6)

17.08.2023 00:58
Анти-родовите дезинформации и протестот на МПЦ-ОА (6)

Во овој последен дел од анализата ќе сумираме како Законот за родова еднаквост, за кој постоеше натпартиски консензус на 8 март 2023, стана главна мета на анти-родова кампања со дезинформации, која кулминираше со првиот протест организиран од најбројната верска oрганизација МПЦ-ОА.

За жал, откако МПЦ-ОА и нејзините лидери повикаа на протест против предлог законите за родова еднаквост и матична евиденција, повеќе новинар(к)и и медиуми се јавија во улога на распространувачи на дезинформации, наместо во улога на проверувачи на факти.

На 8 март 2023 никој немаше против донесување на Законот за родова еднаквост

Идејата за Закон за родова еднаквост и Секретаријат за родова еднаквост не е нешто ново, туку дел од јавните расправи за новата Стратегија за родова еднаквост, која беше изгласана во јули 2022, како продолжение на првата стратегија усвоена во 2013 година. МПЦ-ОА немаше никакви јавни реакции, на пример, кога во 2021 година Гордана Сиљановска, пратеничка од листата на ВМРО-ДПМНЕ и претседателска кандидатка во 2019, јавно ја критикуваше идејата за Секретаријат за родова еднаквост, и тврдеше дека „министерство за родова еднаквост би било добро решение“ (Силјановска-Давкова: Ни треба Министерство за родова еднаквост). Исто така, ниеден верски лидер не реагираше кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на 8.03.2023 ја промовираше родовата еднаквост како една од целите на ОН, цитирајќи го Кофи Анан: „Родовата еднаквост е повеќе од цел сама по себе, тоа е предуслов за намалување на сиромаштијата, промоција на одржлив развој и градење на добро владеење“ (Мицкоски: Не е доволно само декларативна заложба за родова еднаквост).

МПЦ-ОА не реагираше ниту кога на 8.03.2023 година се одржа свечена собраниска седница на која пратенички од ВМРО-ДПМНЕ јавно се залагаа за што поголема родова еднаквост. На свечената седница, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска се пофали дека „Најголем број на донесените и стратегии за унапредување на родовите политики се донесени во време на владеење на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ за што посебно сум горда… “, критикувајќи дека не се спроведува добро Истанбулската конвенција. На истата седница, Гордана Сиљановска кажа едно големо „ДА за Истанбулската конвенција“, го истакна како важно воведувањето на родовиот идентитет и сексуалната ориентација како основи за дискриминација, и укажа „ќе имаме секретаријат за Родова еднаквост… но тоа не е доволно“. Притоа, Сиљановска препорача дека медиумите „треба да бидат вистинскиот сервис на промоцијата на родовата еднаквост… главните во рушењето на стереотипите на сексистичкото портретирање на жените…“.

По свечената собраниска седница беа донесени заклучоци за унапредување на родовата еднаквост без ниту еден глас против, меѓу кои и заклучокот за „усвојување на законот за родова еднаквост и формирање на Секретаријат до крај на 2023 година“.

Анти-родови дезинформации и манипулации од МПЦ-ОА пред и при најавата за протест

Како што укажавме претходно, верски лидери од МПЦ-ОА ја засилија анти-родовата кампања со дезинформации непосредно по 8 март 2022, ширејќи дезинформации на најгледани медиуми, не само за предлог-законот за родова еднаквост, туку и за родовата еднаквост воопшто. Во почетокот на април, Законот за родова еднаквост стана главна мета на „прогон“ на претставници на МПЦ-ОА кои го дискредитираа како „нова фарисејштина“, како „отворено спротивставување и на Бога и на природата“ и како „демонска операција“ („целта на овие демонски операции е да се земе душата на народот, да се завладее и манипулира со неговата свест“).

Епископ на МПЦ во април 2023 го злоупотреби најгледаниот медиум за ширење дискриминација и говор на омраза врз основа на род и родов идентитет, по што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дискриминација, односно „вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“. Потоа, во Велигденско послание Митрополитот г. Петар заплашуваше дека родовата еднаквост е голема закана – и „уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија“, што е дезинформација, затоа што родовата еднаквост е потврдена како фундаментално човеково право, од страна на ОН, од страна на ЕУ, и од страна на Советот на Европа. Во мај 2023 верските лидери на МПЦ-ОА поддржани од други верски лидери, јавно ширеа дезинформации за родовиот идентитет и за Истанбулската конвенција. Анти-родовиот говор кој поттикнува дискриминација и омраза кулминираше во почетокот на јуни 2023, кога Митрополитот Агатангел ја демонизираше „родовата идеологија“ прогласувајќи ја за „демонска идеологија“, а Секретаријатот за родова еднаквост (предвиден со законот за родова еднаквост), за „ментална полиција“.

И одлуката на МПЦ-ОА да повика и организира мирен протест пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје на 29.06.2023, против донесувањето на предлог-законите, беше проследена со повеќе непоткрепени тврдења, манипулации, дезинформации и теории на заговор кои беа раширени во медиумите.

Прво, МПЦ-ОА на 20.06.2023 изнесе фактички непоткрепено тврдење дека претходното заедничко Соопштение (05.05.2023) било „од сите верски заедници, кои претставуваат над 95% од населението“. Претходното соопштение не беше потпишано од сите верски заедници, кои не се политички претставници на населението, како што се пратениците во собранието кои имаат надлежност да разгледуваат и донесуваат закони. Токму пратениците како легитимни претставници на народот, со мнозинство имаат донесено повеќе закони и стратегии во кои се спомнуваат изразите род, родова еднаквост, родов идентитет итн. Токму мнозинството народни пратеници едногласно донесе заклучок на собраниската седница на 8 март за „усвојување на законот за родова еднаквост и формирање на Секретаријат до крај на 2023 година“

Второ, беше раширена дезинформација дека споменатите закони се носат „со постапката во скратена форма“, што беше утврдено и од проверувачите на факти.

Трето, фактички непоткрепени беа и раширените обвинувања дека споменатите закони „претставуваат сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството“. Дел од медиумите некритички ги проширија овие сериозни обвинувања на МПЦ, без да побараат од „обвинителите“ факти и докази како поткрепа на нив. Притоа, во предлог Законот за родова еднаквост, кој беше најмногу атакуван од страна на МПЦ-ОА како закана за семејството, воопшто не се споменува зборот „семејство“.

Четврто, медиумите не ги преиспитуваа манипулативните тврдења на МПЦ-ОА дека е во некаква „борба за достоинство, слобода и заштита на основните верски права“, и покрај тоа што КСЗД веќе утврди дека гласноговорникот на МПЦ сериозно го повредил достоинството на трансродовите лица. КСЗД утврди и дека дел од неговите јавни изразувања се навредливи и деградирачки, и „ја охрабруваат дискриминацијата и омразата“ кон ЛГБТИ луѓето, а дека свештено лице „има дополнителна одговорност да не поттикнува дискриминација и да не повредува нечиво достоинство со неговите изјави и ставови“. Иако и медиумите и новинар(к)ите имаат иста таква одговорност, голем дел од нив продолжија да шират анти-родови дезинформации со кои се поттикнува дискриминација и омраза.

Петто, дезинформација беше содржана и во повикот на МПЦ-ОА „да ја заштитиме нашата вера и традиција од обидот за нејзиното искоренување спомнат во член 23 т. 5 од предлог-законот“. Во споменатиот член 23 нема никакво спомнување на верата, туку „искоренување на предрасудите, стереотипите, обичаите, традициите и сите други штетни практики во остварување на родовата еднаквост“. Да потсетиме, и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција), има за цел „искоренување на предрасудите, обичаите, традициите и сите други практики кои се засноваат на идејата за инфериорност на жените или стереотипните улоги на жените и мажите”. Наспроти непоткрепените тврдења на МПЦ-ОА, дека „претставуваат над 95% од населението“, стои фактот дека Истанбулската Конвенција беше подржана од мнозинството и од најголемите политички партии кај нас, вклучително и во програмата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Заплашувања, хајка против невладините, и проруски дезинформации при мобилизација за протест

По најавата за протест, МПЦ-ОА пристапи кон мобилизација користејќи пропагандни техники на креирање паника, скандализирање и заплашување на јавноста дека носењето на законите ќе довело до “потполн хаос, диктатура, тиранија, какви што гледаме во најтоталитаристичките општества низ светот и низ историјата и сега…”. Главни мети на анти-родовата кампања на МПЦ-ОА беа владата и владејачките партии, но и „невладините организации кои туркаат агенди и трендови на живот кои не се прифатливи за 99 проценти од граѓаните во Македонија… “, кои беа прогласени за „заеднички непријател кој треба сите да не обедини”. Ваквите дезинформации, спинови и жигосувања на невладините организации како „непријатели“ и „платеници“ беа медиумски пренесувани иако веќе беше утврдено од КСЗД дека гласноговорникот на МПЦ-ОА поттикнува дискриминација и омраза и изнесува неточни тврдења.

Хајката против невладините организации, претходно беше поттикнувана од проруската партија „Родина Македонија“ која ширеше омраза кон невладините здруженија и активисти стигматизирајќи ги како непријатели и „платеници“ и која ветуваше заштита на децата од „психопатските невладини здруженија“. Оваа партија исто така беше дел од мобилизацијата за анти-родовиот протест на МПЦ-ОА, и во првите редови на протестот, преку т.н. Коалиција за заштита на децата, претставувана од член на раководството (и донаторка) на „Родина Македонија“ (Анти-родовото движење во Македонија и руската пропаганда).

За жал, повеќето македонски медиуми не успеаја навреме да ги согледаат и да ги обелоденат врските помеѓу т.н. Коалиција за заштита на децата и анти-родовата кампања на МПЦ-ОА, ниту пак сличностите на анти-родовата пропаганда во Македонија со руската антизападна пропаганда против „родовата идеологија“ каде што ЛГБТИ правата се жигосани како „индоктринација“. На пример, дел од медиумите пренесоа повик на МПЦ-ОА во кои се содржани веќе разобличени дезинформации: „Да не дозволиме нашите деца да бидат индокринирани дека можат да си го променат својот пол со помош на сомнителни невладини организации и дека наместо мајка и татко имаат родител 1 и родител 2“ (МПЦ-ОА најави протест: Децата имаат татко и мајка, а не родител 1 и родител 2). Медиумите треба да се свесни дека ширењето на вакви дезинформации во јавноста за наводното укинување на термините мајка и татко и нивната замена со родител 1 и родител 2, е дел од пропагандниот арсенал на Русија, и дека гласноговорник на таквите дезинформации беше лично Путин, кој во една прилика изјавил „додека сум претседател, нема да имаме родители 1 и 2 – ќе имаме татко и мајка.“

Анти-родови дезинформации, манипулации и теории на заговор на протестот од МПЦ-ОА

Главен говорник на т.н. Сенароден собир против Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција беше верскиот лидер Стефан со излагањето АКО ОПСТОИМЕ ‒ ЌЕ ПОСТОИМЕ, во кое можат да се идентификуваат повеќе дезинформации, манипулации и теории на заговор:

1) Дезинформација за „светоста на семејството ‒ оформено од еден маж и една жена“. Дел од медиумите ја акцентираа ваквата дефиниција на семејството, иако е исклучувачка, и несовпадлива со законската дефиниција во која не се спомнува „еден маж и една жена“, туку „родители и деца и други роднини“: „Семејство е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство.“

2) Дезинформација и теорија на заговор за законите: „…оние два несреќни закона за родова еднаквост и за матична евиденција, кои насила и спротивно на нашата волја не само целат да ја секуларизираат Црквата, туку и да ја присилат да зборува и да се изразува со јазикот на некаков си светски поредок…“. Никаде во споменатите законски текстови не се спомнува црквата, ниту нејзино секуларизирање, ниту пак јазикот во законите е јазик на некаков си „светски поредок“. Како што видовме претходно, јазикот на родовата еднаквост е веќе дел од политиките на ОН, Советот на Европа, ЕУ, а и нашите национални и локални политики за родова еднаквост (кои беа носени со натпартиски консензус).

3) Дезинформации дека „жените не сакаат лажни права и еднаквост со мажите“, дека Истанбулската конвенција подметнува „нешта кои ќе ја загрозат и повредат токму жената“, со кои му се дава „легитимитет на насилството врз жената“.

Медиумите и новинар(к)ите треба да се свесни дека движењето за правата на жените е движење за родова еднаквост (како што може да се види и на страницата на ОН за „Родова еднаквост и права на жените“). Оттаму, секој говор против родовата еднаквост (како признаено човеково право од ОН) е и говор против правата на жените како човекови права. Токму затоа, медиумите имаат обврска да не пренесуваат (дез)информации со кои се загрозуваат правата на жените – што ги вклучува и инструментите за постигнување на правата на жените (како што е Истанбулската конвенција). За жал, дел од нашите медиуми ги раширија дезинформациите со кои се дискредитира Истанбулската конвенција како закана и загрозувач на жените, иако нивна обврска е да ја промовираат конвенцијата како инструмент за „искоренувањето на насилството врз жените и семејното насилство… во контекст на постигнување, де јуре и де факто, на родова еднаквост.“

4) Дезинформации дека „родовата идеологија“ била насочена „против децата“ и нејзина сатанизација: „Па, ако децата се иднината на светот, тогаш кој друг сака човекот да нема иднина, ако не оној за кого знаеме дека е непријател од почетокот“ (Стефан).

Медиумите и новинар(к)ите треба да се свесни дека и правата на децата се неразделно поврзани со родовата еднаквост, како што може да се види и од страницата на УНИЦЕФ за родова еднаквост. Во брошурата на УНИЦЕФ „Елиминирање на дискриминацијата кон децата и родителите заснована на сексуална ориентација и/или родов идентитет“ (2014) стои дека „Сите деца, независно од нивната актуелна или перципирана сексуална ориентација или родов идентитет, имаат право на безбедно и сигурно детство кое е ослободено од дискриминација“.

Медиумите и новинар(к)ите треба да се свесни дека согласно Конвенцијата за права на детето на ОН, Комитетот за правата на детето се грижи и за правата на децата хомосексуалци, лезбејки и бисексуалци, трансродовите и интерсексуалните деца. На пример, во последните согледувања на Комитетот за правата на детето за Северна Македонија од септември 2022, стои дека „Комитетот и понатаму е сериозно загрижен поради постоењето на стереотипи и општествени норми со кои се продолжува дискриминацијата на децата, особено Ромчињата, децата со попреченост, децата хомосексуалци, лезбејки и бисексуалци, трансродовите и интерсексуалните деца и дискриминацијата врз основа на социјалниот статус на децата“. Исто така, Комитетот за правата на детето укажа на „недоволните системски напори“ кај нас за справување со врсничкото насилство во училиштата, „онлајн насилството (малтретирањето) и насилството врз ЛГБТ младите…“. Комитетот за правата на детето побара од нашата држава „да спроведе сеопфатно истражување за распространетоста на врсничкото насилство врз основа на сексуалната ориентација, родовиот идентитет…“ и да ги зајакне „образовните мерки насочени кон спречување на таквото насилство“.

Токму затоа, медиумите и новинар(к)ите треба да се воздржат од пренесување анти-родови дезинформации кои се повикуваат на наводна „заштита на децата“, затоа што таквите информации, ги загрозуваат човековите права и се во спротивност со стандардите за заштита на правата на децата на ОН.

5) Дезинформации за „таканареченото родово сензитивно образование, кое треба да кулминира со сеопфатно сексуално образование“ (Стефан): „Апелираме да престане унакажувањето на образовниот систем со родова идеологија…“.

Медиумите и новинар(к)ите треба да се свесни дека сексуалното образование одамна се признава како човеково право од страна на телата на ОН за образование и права на децата, и дека „Децата и младите луѓе имаат право да добиваат сеопфатно сексуално образование“ во земјите членки на Советот на Европа.

И Комесарот за човекови права на Советот на Европа укажува дека спротиставувањето на сеопфатното сексуално образование е пример за „пошироко спротиставување на целосното остварување на човековите права на специфични групи, посебно на жени, лезбејки, геј, бисексуалци, трансродови и интересексуални (ЛГБТИ) лица и, до извесна мерка, и на самите деца, со образложенија дека би ги загрозило традиционалните и религиските вредности.“

Исто така, новинар(к)ите треба да бидат информирани и да ја информираат јавноста дека нашата држава има конкретна препорака од Комитетот за правата на детето „Да промовира поголем пристап до сеопфатно, соодветно на возраста, научно засновано образование за сексуалното и репродуктивното здравје и права, во што спаѓаат и информации… за прашањата на сексуалната ориентација и родовиот идентитет“.

Имајќи предвид дека новинар(к)ите имаат етичка должност да не пренесуваат информации со кои се загрозуваат човековите права, тие треба да бидат крајно внимателни кога известуваат за анти-родови кампањи или пренесуваат анти-родови изјави против сеопфатното сексуално образование.

Со Законот за основното образование се забранува директна и индиректна дискриминација, вклучително и врз основа на пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет: „Училиштето се грижи за сексуалното и репродуктивното здравје на учениците преку обезбедување информации базирани на научни сознанија, човекови права, родова еднаквост и промовирање на почитување на различностите“ (чл. 48 ст. 4).

Анти-родовите дезинформации и етичките обврски на медиумите и новинар(к)ите

Новинар(к)ите првенствено треба да се свесни дека со некритичко пренесување на анти-родови дезинформации стануваат соучесници во повредување на човековите права. И покрај тоа што анти-родовите пропагандисти на МПЦ-ОА глумеа дека се борци „за правото на мислење, правото на говор и правото слободно да ја браниме својата вера“, и глумеа жртви на прогон, во оваа анализа изнесовме мноштво аргументи и докази дека анти-родовата кампања во Македонија беше насочена против остварување на основните човекови права.

Новинар(к)ите треба да се свесни дека мноштвото дезинформации на анти-родовите пропагандисти се насочени против правата на жените и правото на родова еднаквост како фундаментално човекови право; против правото на заштита од дискриминација и говор на омраза (и врз основа пол, род, родови идентитет и сексуална ориентација); против правата на децата (кои се неразделно поврзани со родовата еднаквост), против човековото право на сеопфатно сексуално образование (кое е и право на децата), против ЛГБТИ+ правата, против еднакво уживање на правото на семеен живот, против правото на здружување и изразување (со елементи на прогон на невладините организации), итн.

Медиумите и новинар(к)ите треба да се свесни дека ваквите анти-родови дезинформации предизвикуваат не само штета на жените и трансродовите луѓе, туку и на децата, и на човековите права и граѓанските слободи, и на општеството во целина. Токму затоа, при известување на теми за родовата еднаквост и другите човекови права кои ги адресираат анти-родовите пропагандисти, новинар(к)ите треба да се придржуваат на начелото за „минимизирање на штета“, односно, да ја балансираат потребата на јавноста за информации, наспроти штетата што можат да ја предизвикаат таквите информации. Исто така, при известување на теми за родовата еднаквост и другите човекови права кои ги адресираат анти-родовите пропагандисти, треба да обезбедат и изјави од другите засегнати страни, што не беше случај во повеќето медиумски известувања за анти-родовиот протест на МПЦ-ОА.

Професионалните медиумите и новинар(к)ите имаат етичка должност да ги „бранат човековите права, достоинството и слободата“, и во случај кога тие се нападнати од анти-родовото движење. Професионалните медиумите и новинар(к)ите имаат етичка должност да не создаваат ниту преработуваат информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, какви што се (дез)информациите на анти-родовите пропагандисти предочени во оваа анализа. Новинар(к)ите имаат обврска и да објавуваат „точни, проверени информации“, професионално да ја вршат својата улога на проверувачи на факти, „да не бидат само пренесувачи на “сервирани факти“ од некој друг“, како што беа дел од медиумите при пренесување на анти-родови дезинформации. Исто така, професионалните медиумите и новинар(к)ите имаат етичка должност да не поттикнуваат на насилство и дискриминација по која било основа, како што тоа го прават анти-родовите пропагандисти (што беше делумно утврдено и од КСЗД).

Поконкретно, етичка должност на медиумите, кои дејствуваат и он-лајн, е никогаш да не поттикнуваат омраза и нетрпеливост и врз основа на „пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет“, како што тоа го правеа дел од анти-родовите актери. Етичка должност на медиумите е и да ја зголемуваат свесноста за негативните последици од говорот на омраза на анти-родовите активисти, да го идентификуваат и разобличуваат таквиот говор, како и да ги посочуваат актерите што го продуцираат и се служат со него.

Токму затоа, медиумите имаат и конкретна обврска да создаваат повеќе медиумски содржини со коишто ќе се спротивставуваат на говорот на омраза и на дискриминацијата, кои беа поттикнати од анти-родовите дезинформации. Новинар(к)ите имаат етичка должност да ги „бранат човековите права, достоинството и слободата“ кои беа нападнати од анти-родовите пропагандисти со ширење мноштво дезинформации, со теории на заговор, со создавање страв и паника, и со други пропагандни техники кои поттикнуваа дискриминација и омраза.

Стрип кадри: Fletcher Hanks

Извор: https://smk.mk/

ОкоБоли главаВицФото