1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Ако средновековниот напредок на плугот не ги извлекол европските селани од сиромаштија, тоа во голема мера било така зашто нивните владетели го присвоиле богатството создадено од новитетите во производството и го искористиле за изградба на катедрали.
Економистите велат дека нешто слично би можело да се случи и со вештачката интелигенција (ВИ) доколку таа влезе во нашите животи на таков начин што придобивките ќе ги уживаат неколкумина, а не повеќето.
„Вештачката интелигенција има голем потенцијал за развој, но во разни насоки“, вели професорот Сајмон Џонсон од МИТ.
Заговорниците на вештачката интелигенција предвидуваат скок на продуктивноста кој ќе создаде богатство и ќе го подобри животниот стандард. Консултантската компанија Мекинси во јуни процени дека би можела да заработи помеѓу 14 и 22 билиони долари годишно, а вторава вредност е приближна на моменталната големина на американската економија.
Некои технооптимисти одат подалеку, сугерирајќи дека покрај роботите ВИ најпосле ќе го ослободи човештвото од едноличните задачи и ќе поттикне живот со поголема креативност и слободно време.
Од друга страна, некои се плашат дека ВИ ќе ги згасне работните места во речиси сите сектори. На пример, холивудските глумци протестираа зашто се плашат дека заради двојниците кои ги создава вештачката интелигенција ќе останат без работа.
Сомнително зголемување на продуктивноста
Таквата загриженост не е основана. Историјата покажува дека економскиот учинок на технолошкиот напредок генерално е неизвесен, нееднаков и понекогаш штетен.
Книгата која годинава ја објавија Сајмон Џонсон и неговиот колега економист од МИТ, Дарон Аџемоглу, истражи илјада години технологија - од примитивните претходници на плугот до автоматизираните самоуслужни киосци, а ги интересирале и аспектите на креирањето работни места и ширењето на богатството.
Иако вретеното било клучно за автоматизацијата на текстилната индустрија во 18 век, откриле дека тоа довело до зголемување на работното време во уште потешки услови. Механичките фабрики за памук овозможиле и ширење на ропството на американскиот југ во 19 век.
Кога станува збор за досегашните економски резултати од интернетот, тие се двострани: создаде многу работни места, но голем дел од стекнатото богатство отиде кај неколку милијардери. Зголемувањето на продуктивноста заради што некогаш беше фален, успори во многу економии.
Истражувачката белешка на француската банка Натиксис од јуни сугерира дека толку распространетата технологија како интернетот остави недопрени многу сектори, додека истовремено многуте работни места кои ги креираше беа нискоквалификувани - сетете се на ланците за испорака на онлајн купувањето и луѓето кои се вработени во нив. Затоа Натиксис предупредува дека би требало да бидеме внимателни кога ги проценуваме учиноците на вештачката интелигенција на работната продуктивност.
Во глобализираната економија постојат и други причини за сомнеж дали потенцијалната корист од вештачката интелигенција ќе се почувствува рамномерно.
Од една страна постои ризик од „трка кон дното“ додека владите се натпреваруваат во вложувања во вештачка интелигенција со сè послаба регулатива, а од друга страна барањата за привлекување такви вложувања би можеле да бидат такви што многу посиромашни земји не би можеле да го достигнат тоа.
„Мора да имате правна инфраструктура и огромен компјутерски капацитет“, вели директорот за вработување, труд и социјални прашања во Организацијата за економска соработка и развој, Стефано Скарпета.
Се покажа дека иновацијата е лесна, а потешко е да се постигне таа да биде корисна за сите, и тогаш на сцена стапува политиката, рече Скарпета.
Потенцијална закана за работниците?
За Џонсон од МИТ, доаѓањето на железницата во Англија во 19 век во момент на брза демократска реформа, на пошироките општествени слоеви им овозможила да уживаат во оваа иновација, преку побрзиот транспорт на свежа храна или за првпат во користењето на слободното време.
Слични демократски придобивки ширум светот им помогнаа на милиони луѓе да уживаат во плодовите на технолошкиот напредок во 20 век. Но Џонсон смета дека тоа почна да се менува со агресивниот акционерски капитализам кој ги одбележа последните четири децении.
Пример за тоа е автоматизираната благајна, тврди тој. Намирниците не поевтинуваат, животите на купувачите не се менуваат и не се создаваат нови поволности, туку само добивка од намалувањето на трошоците за работа.
Работничките организации кои изгубија голем дел од своето влијание кое го имаа пред осумдесеттите години, вештачката интелигенција ја идентификуваат како потенцијална закана за работничките права и вработувањето, ако не постои човечка контрола над одлуките за вработување и отпуштање со кои управува ВИ.
Мери Тауерс од Британскиот синдикалистички конгрес истакнува дека синдикатите би требало да имаат законски права за советување и можност за колективно преговарање за технологиите на работните места.
Анкетата на ОБСЕ спроведена на 5 300 работници и објавена во јули сугерира дека вештачката интелигенција може да влијае на задоволството од работата, здравјето и платата, но исто така посочува и на ризикот за приватноста и предрасудите на работното место.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Jean-Baptiste Zappetti
Извор: https://www.reuters.com/