ВМРО, партијата на нашата пропаст

01.11.2023 16:34
ВМРО, партијата на нашата пропаст

 

Во грандиозната студија за несовршеноста на човечкото расудување нобеловецот Даниел Канеман и неговите соработници тргнуваат од општочовечкото искуство и од резултатите на голем број истражувачки студии од поново време, кои укажуваат на, може да се рече, целосната невозможност да се избегне масивното и масовното грешење во човeчкото расудување. Овие грешки се неодминлив дел од секој суд, без оглед на тоа за колку стручни или за специјализирани институции се работи.

Канеман утврдува дека во тоа неодминливо грешење луѓето при процените, расудувањето, прогнозирањето, оценувањето или судењето, прават два темелно различни видови грешки. Едниот вид грешки што ги одликува системско отстапување во студијата е наречено „предрасуда“ (во англискиот оригинал bias), додека вториот вид грешки што ги одликува случајна растуреност, отстапување што го одликува неправилна но изразита раштрканост, е наречена шум (noise). Всушност, како што објаснува најголемиот современ стручњак за психологијата на грешењето на човечкиот мозок, предрасудата и шумот се најчесто двете суштински компоненти на секоја грешка во расудувањето.



Дистинктивните својства на двата вида грешење Канеман ги илустрира на навистина ингениозен начин. Тој претпоставува четири тима со по пет члена што пукаат секој во своја мета и секој тим со заедничка пушка, при што секој член од тимот испукува по еден куршум. Замислените резултати од експериментот се следни: тимот А има густа група погодоци во црниот круг во центарот на метата; тимот Б има густа група погодоци што целата излегува од централниот круг; тимот В има разредена и случајно распрсната група погодоци секаде во и околу центарот на метата, а тимот Г има раштркана група што целата е однесена влево од центарот.

Како се гледаат суштинските дистинкции меѓу двата вида грешки, меѓу предрасудата и шумот? Тимот А се ближи до идеалот, па не може да биде илустрација за грешка, но кај тимот Б – кој има исто така густа група која е поместена од центарот – е сосем јасно дека се работи за системска грешка или предрасуда, односно во конкретниот случај тоа може да биде погрешно наместениот нишан на пушката. Кај тимот В раштрканоста укажува непогрешно на шумот во стрелањето на тимот, додека кај тимот Г, кој е и раштркан и поместен, се работи и за шум и за предрасуда. Но, што е поентата на експериментот? И беглиот поглед ги разликува двата типа или компоненти на грешењето, при што збиените можат да грешат само како последица на системска грешка или предрасуда, додека раштрканите се суштинска одлика на шумот.



Уште поинтересно е штосе гледа доколку ги завртите метите од нивната опачина. Двата вида грешки веднаш ќе ги согледате и без да знаете колку се оддалечени од центарот на метата, но опачината ја крие вистината за тоа кој тим гаѓал беспрекорно а кој системски, поради предрасуда, отстапил од центарот во еден правец. Или, накусо, предрасудата е отстранлива грешка, но мора да се знае причината и потеклото на системското отклонување за воопшто да може да се говори за предрасудата. Шумот, од друга страна, се препознава веднаш и само со увид во опачината на метата, и дури негова основна карактеристика е дека може да се препознава, детектира и да се мери и во ситуации кога не знаеме ништо за метата, пристрасноста, односно за податоците за системското отстапување.

Пристрасноста е корегибилна, но потешко забележлива, зашто е системски вградена во расудувањето во нашата ментална оптика. Шумот, од друга страна, е потежок за коригирање, но затоа лесно се препознава, проучува и се мери, зашто – како што видовме од експериментот – за мерење на шумот е доволен само поглед во опачината на метата.



Да се судреше Канеман со чудовишната грешка во расудувањето што библискиот народ ја има, еве веќе еден век, со смртоносната појава на ВМРО-то, не сум сигурен дали ќе можеше да ги одгатне сите тајни на оваа судбоносна македонска заблуда. Сè во врска со ВМРО е грешка во расудувањето, мит, култ, религија, обична лага, безумие и системско лудило. Денот 23 октомври што го славиме како државен празник, денот кога во солунските кришни одаи се собрале основачите на македонската револуционерна организација, не е воопшто настан, туку сеќавање, безмалку евангелие, што има историска веродостојност како и последна вечера во сенките на Гетсиманската градина.

А, поврзувањето на основањето на Македонската револуционерна организација со ВМРО, која беше основана 27 години подоцна во и од бугарската тајна полиција, е чиста лага. Никој од основачите на организацијата за своите животи, или до крајот на Првата светска војна не чул за ВМРО. Ужасна лага – вградена во сите учебници и испрани македонски мозоци – е дека станува збор за иста организација што низ сите историски премрежиња, Илинденското востание, Балканските војни и Големата војна 1914 – 1918, прераснала во бугарашката ВМРО, што во 1920 била оформена само со цел да ја „ослободи“ Македонија од српската чизма и да ја припои кон бугарската матица.



Акронимот ВМРО е насилно и систематски залепен на македонските револуционерни дамари пред Балканските и пред Првата светска војна, и на тој начин е франкенштајнски лажно обезбеден континуитет што, како одвратна предрасуда, системско отстапување од вистината и неподнослив шум на распрснатото безумие, владее со заблудените мозоци на Македонците до ден-денес. Овој лажен континуитет е вградена предрасуда, сурова лага, што прерасна во шум што ја заглушува секоја мисла во Македонија, без надеж дека ќе се најдат јунаци што ќе можат да ја разоткријат, да го одделат шумот од предрасудата, и да поправат нешто во оваа тажна сенародна грешка во расудувањето.

Последиците од оваа трагична грешка се чувствуваат секој ден, како што се тркала времето во третата деценија од 21 век, без каква и да е надеж дека ќе прогледаме низ вековната магла од предрасуди и бучава, и ќе ја сфатиме инхерентната антимакедонска улога на вемерето. И дека ќе сфатиме дека самото негово постоење како лажен псевдопатриотски култ ни ги уништува сите шанси за просперитет, демократија, поредок, правда или вистина, во годините што следат.



Огромноста на оваа системска грешка ги заматува сите општествени процеси во Македонија, ги затемнува сите перспективи, ги блокира сите разумни политики во полза на националниот интерес, и сите надежи во подобро утре. Како не сфаќаме дека не може да постои граѓанско демократско општество кога една партија се поистоветува со државата, кога еден државен празник со измама го носи името на една фашистичка партија што себеси се замислува како обединувачка, додека го дели населението на вмровци и други, на патриоти и предавници?

Како ќе ја превозмогнеме грешката во расудувањето што обезбедува седиштето на една партија да излегува на јавен плоштад што го носи нејзиното име и во чие средиште се цакли јавна фонтана во која се капе бронзената фигура на нејзиниот партиски амблем? Колку треба да сме малоумни, како општество и како држава, за да не можеме да сфатиме дека ВМРО не смее да постои како легална партија, по сите очигледни и докажани злостори против уставниот поредок, демократијата и правдата? Шумот на нашите заблуди го замаглува систематското отстапување од вистините за нас самите. Канеман и неговите нобеловски знаења се потполно немоќни да ни го осветлат патот, сè додека ние самите ја шумиме сопствената предрасуда за ВМРО, партијата на нашата пропаст.



Стрип кадри: Digital Comics Museum
Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото