Историската драма „Мали нешта како овие“ ќе го отвори Берлинале

25.01.2024 10:59
Историската драма  „Мали нешта како овие“ ќе го отвори Берлинале

Светската премиера на „Мали нешта како овие“ (Small Things Like These) на ирскиот режисер Тим Миелантс ќе го отвори 74. Берлинале, кое ќе трае од 15 до 25 февруари. Во филмот, кој е и во главната конкуренција за Златната мечка, играат Килијан Марфи, Ајлин Волш, Мишел Ферли и Емили Вотсон. Актерот Килијан Марфи со кого Миелантс работеше во третата сезона на серијата „Пики Блајндерс“ ја игра главна улога во „Мали нешта како овие“.

Извршната директорка на фестивалот Мариет Рисенбек и уметничкиот директор Карло Катријан ја објавија селекцијата на последното издание во нивниот мандат. Од април, нова директорка на Берлинале ќе биде Триша Татл.

Меѓу дваесетте кандидати за „Златна мечка“ се и новите филмови на Абдераман Сисако, Мати Диоп, Бруно Думонт, Оливие Асајас, Андреас Дресен и Хонг Сангсо. Оскаровката Лупита Нионго годинава ќе биде претседателка на жирито за Златна мечка“, а Мартин Скорсезе ќе добие „Златна мечка“ за животно дело.

Паралелната програма „Панорама“ отвора со шведско-грузискиот филм „Премин“ на Леван Акин. Годинава ни во главната конкуренција за „Златна мечка“, ни во Панорама“, ниту во селекцијата Форум нема ниту еден филм од Западен Балкан.

Извор:https://sdk.mk/