„Помеѓу две страници нежно” - работилница за пишување и читање љубовни писма

05.02.2024 10:07
„Помеѓу две страници нежно” - работилница за пишување и читање љубовни писма

Од 6 до 8 февруари 2024, во КСП Центар-Јадро ќе се одржи партиципативна уметничка работилница за пишување и читање љубовни писма чиј ментор и координатор е Дарко Алексовски.

„Помеѓу две страници нежно“ е партиципативна уметничка работилница за пишување и читање љубовни писма. Работилницата е замислена како експериментално продолжување на серијата „Љубовни писма на осаменоста“, и е поделена во два дела. Првиот дел е сесија за пишување писма кои учесниците можат да ги посветат на конкретни личности, места кои ги сакаат, или, пак, себеси. Вториот дел е сесија за читање и снимање на писмата во аудио формат.

Работилницата за пишување и читање љубовни писма е развиена од Дарко Алексовски како продолжение на неговото учество во програмата Soundgate на Лумпен Стејшн Радио (Швајцарија). Во делото инспирирано од неговите „Љубовни писма до осаменоста“, актерката Делфин Аиртон чита три од серијата љубовни писма, со глас кој лебди низ различни звучни пејзажи и лајтмотиви. Снимката од ова дело можете да ја слушнете на линкот.

Резултатот од оваа работилница ќе биде аудио снимка компонирана од сите прочитани писма, која ќе биде објавена и претставена преку Лумпен Стејшн Радио.

Дарко Алексовски (р. 1989) е визуелен уметник кој живее и работи во Велес, Северна Македонија. Првата серија „Љубовни писма до осаменоста“ ја продуцираше како дел од неговиот магистерски проект на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 2018 година. Оригиналните писма првпат самостојно беа изложени во студиото на PrivatePrint (Скопје, 2019), а потоа и во рамки на 13. Биенале на млади уметници (Музеј на современата уметност, Скопје, 2021). Новите и ревидираните верзии од писмата, беа самостојно изложени во галеријата Простор (Сплит, 2023), и во рамки на групната изложба „Сè што ни е заедничко“ (Музеј на современа уметност, Скопје, 2023).

Soundgate е програма за културна размена и взаемна љубопитност помеѓу уметничките сцени од неколку градови на Балканот, и е курирана од Лумпен Стејшн Радио. Програмата е реализирана со поддршка на Ville de Bienne, SüdKulturFonds, Landis & Gyr Stiftung, FSRC и SWISSPERFORM.

ОкоБоли главаВицФото