Што е култура (3)

05.02.2024 14:16
Што е култура (3)

Тројца британски теоретичари: Стјуарт Хол, Рејмонд Вилијамс, Тери Иглтон

Сложеноста на идејата за култура интересно се согледува низ фактот дека Рејмонд Вилијамс, најистакнатиот повоен теоретичар на културата во Британија, во различни моменти ја дефинирал културата како: мерило за совршенство, доблест на умот, уметност, општ интелектуален развој, целокупниот начин на живот, систем на значења, структура на чувства, а потоа сè, од економското производство и семејството до политичките институции. (Тери Иглтон)

Стјуарт Хол, културата како „преместување“

Начинот на кој му пристапувам на прашањево во прв ред е дијалошки, а формата е колажна и полифониска. Станува збор за прашање на културата, на теоријата, на политиката, на една политика на теоријата во која теориското не е сфатено како волја за вистина туку како некаква низа од спротиставени, локализирани, меѓусебно преклопувачки знаења кои токму бараат дијалошки пристап.

Во прашањето за културата лесно може да се забележи напнатоста која се јавува помеѓу одбивањето некое подрачје да се затвори и среди, и едновремената решителност внатре во него да се утврдат одредени стојалишта што ќе бидат застапувани и бранети. Кон таа напнатост ‒ дијалошки пристап кон теоријата ‒ ќе се обраќам на различни начини, токму како што советува Стјуарт Хол, еден од основачите на културалните студии во Британија (заедно со Ричард Хогарт).

„Лично не верувам дека знаењето е затворено, но верувам дека политиката е невозможна без она што го нарекувам 'произволно затворање', без она што Хоми Баба го нарече општествено дејствување како произволно затворање. Сакам да кажам дека не можам да замислам практика која сака нешто да промени во светот, а притоа да нема некои разликовни или одликовни точки што ги истакнува и коишто навистина се важни. Всушност, тоа е прашање на позиционирање. Се разбира, позиционирањата никогаш не се конечни ниту апсолутни и не можат, непроменети, да бидат преведени од една констелација во друга, не можете да бидете сигурни дека секогаш ќе останат на истото место.“ (Хол, 1990)

Според Хол, културата е одреден тип на постојано „преместување“. „Во културата ‒ како и во јазикот, текстуалноста и одредувањето значења ‒ секогаш постои нешто што е децентрирано, нешто што секогаш се измолкнува и бега од вашите настојувања да го поврзете, јасно и непосредно, со другите структури.“ (Хол, 90)

Таа напнатост и децентрираност на културата Едвард Саид ја опишува како проучување на текстот и неговите односи спрема „институциите, канцелариите, агенциите, училиштата, академиите, компаниите, здруженијата, партиите и професиите, нациите, расите и половите“. Со други зборови, признавајќи го преместувањето на културата, вие ја одржувате напнатоста во општественото поле; можете квалитетно да се занимавате со интелектуална работа и игнорирајќи ја напнатоста на полињата, како што вели Хол, но со тоа ја губите интелектуалната практика како политика.

Рејмонд Вилијамс, „проблемот на каноните“

‒Рејмонд Вилијамс дава една „социјална“ дефиниција на културата како "посебен начин на живот" којшто значењата и вредностите не ги наоѓа само во уметноста и интелектуалните производи на духот, туку најпрвин во "институциите и во секојдневното искуство". Покрај "социјалната", Вилијамс ја наведува и "идеалната" дефиниција, која го опфаќа процесот на човечкото усовршување и смета на општите вредности, и, под три, "документарната" дефиниција, која го покрива и го бележи збирот на делата на човечкиот ум и фантазија.

Оваа трислојна историја на поимот генерално е карактеристична за пристапот на Вилијамс.

‒Тоа што „посебниот начин на живот“ отпрвин е сместен во класна рамка е последица на иницијалната идеја на британските културални студии за класната одреденост на секојдневниот живот. Иако и понатаму присутна, таа идеја во почетокот на седумдесеттите ќе се преобрази во проблемското подрачје на субкултурата, односно во „отпор низ ритуали“, а потоа работата дополнително ќе се искомпликува со "откритието" на родот и расата во доцните седумдесетти и во раните осумдесетти.

МекГиган (1992) смета дека во темелот на културалните студии се наоѓа „културниот популизам“, односно "интелектуалната претпоставка дека симболичките искуства и практики на обичните луѓе аналитички и политички се поважни од Културата со почетна голема буква". Неговата дефиниција ги подразбира проблемите на високото и ниското, елитистичкото и масовното во културата ‒ со што ги воспоставува ориентирите на она што обично се нарекува "проблем на каноните". Тој е длабоко свесен дека прашањето на популарната култура не го поставиле најшироките општествени слоеви. Тие само понудиле материјал, а феноменот во прашање го претвори "интелектуалната елита" од Хердер натака.

Тери Иглтон, културата во криза

‒ Тешко е да се изнегира дека зборот култура едновремено има и премногу воопштени значења и премногу специфични за да имаат поголема корист. Културата во антрополошка смисла покрива сè, од фризурите и ритуалите на пијанчење до ословувањето на родителите на сопругот, додека во естетска смисла во неа спаѓа Игор Стравински, но не и научната фантастика. Научната фантастика спаѓа во масовната или популарната култура, категорија што повеќезначно лебди помеѓу антрополошкото и естетското.

Тврдам дека денес сме фатени меѓу стапиците на, од една страна, обесхрабрувачки широките и, од друга страна, непријатно тесните сфаќања за културата, и дека најважна задача на тоа поле ни е да се оддалечиме од двете.

‒ Ако поимот култура некогаш бил премногу префинет, денес културата се претвори во издишан поим кој премалку исклучува. Едновремено поимот стана премногу специјализиран, послушно одразувајќи ја фрагментацијата на современиот живот, наместо да ја исправи, во традицијата на класичното сфаќање на културата.

Опасно е да се тврди дека идејата за култура денес е во криза, бидејќи кога не била? Културата и кризата се нераздвојни како Станлио и Олио. Па сепак, концептот претрпе радикална промена која Хартман ја формулира како судир помеѓу културата и некоја култура или, ако повеќе сакате, помеѓу Културата и културата.

‒ Културата традиционално беше начин да ги претопиме нашите бедни партикуларизми во нешто попространо и посеопфатно. Од 1960‒ите години, меѓутоа, зборот култура се сврте околу својата оска и доби речиси спротивно значење. Тој збор сега значи потврдување, а не надминување на специфичните ‒ национални, полови, етнички, регионални ‒ идентитети. А бидејќи тие идентитети себеси се сметаат за потлачени, она што некогаш се замислувало како место за консензус се преобрази во подрачје на судир. Накусо, културата од дел на решението стана дел од проблемот. За трите форми на радикалната политика ‒ револуционерниот национализам, феминизмот и етничките движења ‒ коишто во изминативе три десетлетија планетарно беа на дневен ред, културата како знак, слика, значење, вредност, идентитет, солидарност и самоизразување ‒ токму е средство за политичка борба, а не нејзина олимписка алтернатива. Во Босна или Белфаст културата не е само она што го ставате во касетофон, тоа е она за што убивате. Колку што губи на возвишеност, културата добива на употребливост. Во таквите околности ништо, за среќа и за жал, не е попразно од обвинувањето дека културата горделиво е издвоена од секојдневниот живот.

Кон вториот дел.

Стрип кадри: Frank Thomas

Слични содржини

Никола Гелевски
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото