Во сферата на културата Северна Македонија е на европското дно

20.01.2023 14:08
Во сферата на културата Северна Македонија е на европското дно


Како резултат на едно скорешно истражување на „националните финансиски политики во културата“* угледниот економски стручњак Бранимир Јовановиќ, меѓу другите, ги даде следниве заклучоци и препораки:

„Државните вложувања во култура во Македонија се меѓу најниските во регионот, и се намалуваат последниве години. Дополнително, буџетите за култура не се реализираат целосно, при што реализацијата е особено слаба последниве три години.

Mакедонија е на претпоследното место во регионот, со државни вложувања од 0,5% од БДП. Само Албанија вложува помалку (0,4% од БДП). Лидери со регионот се Хрватска и Словенија со 1,5% и 1,4% од БДП.

Средствата од државниот буџет кои се однесуваат на културата (неполни 4 милијарди денари годишно) потребно е значајно да се зголемат, на минимум 0.7%, колку што изнесуваат во Бугарија и Косово.

Само 6,5% од вкупниот буџет за култура во 2021 година се однесува на конкурсот за проекти од национален интерес во културата, што е значајно намалување во однос на претходните две години, кога процентот изнесувал околу 10%.

Средствата за годишните конкурси за проекти од национален интерес за културата потребно е да се зголемат на минимум 10% од вкупниот буџет за култура.“



Ѕвездан Георгиевски, во друга студија, за „културната понуда и можностите за културно дејствување овозможени од страна на Град Скопје и Општина Центар“**, фрла дополнително светло врз мрачната состојба во сферата на културата, анализирајќи ги културните политики на двете најрепрезентативни локални власти во земјава, Градот Скопје и скопската општина Центар. Студијата констатира дека годишните буџети за култура на локално ниво се фрапантно ниски. На пример, просечниот буџет за култура на Град Скопје за 2021 и 2022 изнесувал околу двесте илјади евра годишно. Тие пари биле поделени за шест области: Изведбени уметности, Музички уметности, Визуелни уметности и уметност на новите медиуми, Издавачка и библиотечна дејност, Музејска дејност и промоција на културното наследство, и Меѓународна соработка. Во 2021 година вкупно биле помогнати околу 300 проекти со суми од триста до 1800 евра по проект.

Годишниот буџет за култура на Општина Центар во 2021 година изнесувал нешто повеќе од 60 илјади евра, од кои за ученички стипендии се предвидени околу 11 илјади евра, а за културниот центар Јадро околу 33 илјади евра. Остануваат, значи, само околу 15 илјади евра годишно за сите можни културни програми и продукции на најбогатата и најрепрезентативната општина во државата!

Колку за илустрација: според состојбата на теренот и условите за продукција, со двесте илјади евра (колку што изнесува буџетот за култура на Градот) во Скопје годишно квалитетно можат да се реализираат околу 30 (а не 300) културни проекти: еден музички или филмски фестивал, неколку театарски претстави, неколку документарни и кратки филмови, десетина книги, десетина изложби и десетина културни акции.

Колку за споредба: во Словенија, земја приближно голема како нашата (но со барем трипати поголем БДП) се издвојуваат десетпати повеќе пари за култура отколку кај нас! (ако во РСМ годишно за култура се издвојуваат околу 60 милиони евра, во Словенија се издвојуваат не помалку од 600 милиони евра).



Проблемите во културата кај нас сепак не се само финансиски туку и идејни и структурни и КУЛТУРНИ (во најшироката смисла на зборот култура). Ѕ. Георгиевски го нагласува хроничниот тридецениски проблем: „Северна Македонија е длабоко централизирана држава, со тенденција овој тренд да расте. (...) Резултат на ваквите процеси е сѐ помалата функционална оперативност на општините и сѐ поголемата нивна зависност од централната власт. (...) Од друга страна, централната власт е поставена како патрон врз општинските управи и таа има право, според сопственото наоѓање, да одзема некои (или сите) овластувања од одредени општини.“

Анализата на Георгиевски покажува дека единиците на локалната самоуправа во овој тип централизиран систем на културните политики не се во можност да креираат посериозна културна понуда. Згора на тоа, застарено е и самото нивно разбирање на културата, на која се гледа како „надградба“ или „нужно зло“, како нешто што може да се сервисира само ако останат средства од „поприоритетните“ дејности.

Георгиевски заклучува: „Прашањето е системско и мора системски да се решава, првенствено преку фискалната децентрализација на републичкиот буџет за култура, односна на рамноправна прераспределба на средствата за култура по единиците на локалната самоуправа. Вториот услов за подобрување на состојбата е посериозно вклучување на цивилниот сектор во решавањето за културните политики и правење стратегии за културен развој. Натаму, неопходен е континуитет на културните политики кои кај нас се менуваат во зависност од политичката гарнитура што е на власт.“



 

Георгиевски го издвојува позитивниот пример за соработка меѓу Општина Центар и Културно-социјалниот центар „Јадро“, пример кој покажува во која насока треба да се движат работите. Притоа „останува отворено прашањето за институционалниот капацитет на овој центар, односно за неговите можности и ресурси да опслужи што поголем број културни програми“.

Би додал уште неколку причини зошто културниот центар Јадро и асоцијацијата Јадро се мошне важни, особено за концептот на децентрализација и демократизација. Освен како значаен произведувач на квалитетни културни настани во општина Центар, Јадро може да помогне (па и само како урнек) во едукацијата за културен менаџмент - нешто што очајно недостасува особено по македонските општини. Речиси не постои општина која има упатени луѓе за менаџирање во културата или за креирање културни политики. А компетентни луѓе по општините се предуслов за децентрализација и на полето на културата.



Со уште неколку препораки произлезени од анализата на Бранимир Јовановиќ ќе го завршам ова кратко резиме на две скорешни истражувања во сферата на културните политики во нашата земја:

- Веќе во 2023 година потребно е издвојувањата за култура во буџетот на РСМ да достигнат 0,7% од БДП;

- Веќе во 2023 година потребно е издвојувањата за годишните конкурси за проекти од национален интерес за културата (каде што се создава најконкретната културна продукција) да се зголемат на минимум 10% од вкупниот буџет за култура;

- Стратешки е потребно издвојувањата за култура следниве години да се приближат до 1% од БДП на земјата.

Над сѐ е потребно зголемените издвојувања за развој на културата да се насочат умно (стратешки), одговорно и продуктивно. Најголем дел од зголемените вложувања во културата треба да одат во зголемување на квалитетната културна продукција и во оспособување на локалната власт да сервисира дел од културната продукција.

Особено треба да се зајакне независниот културен сектор, ем како динамичен создавач на нови културни вредности, ем како важен демократски пункт во креирањето на новите развојни културни политики.

Се разбира, потребно е дополнително да се вложува и во „старите“ институции на културата, но само во оние кои имаат квалитетни и одржливи стратешки програми и солидни човечки ресурси што ќе ги спроведуваат тие програми.

 *Бранимир Јовановиќ - Националните финансиски политики во културата наспроти економско-социјалните услови за работа на независниот културен сектор; Документ за јавни политики; Анализа на државното финансирање на културата, со посебен осврт на независната културна сцена (Јадро, 2022)


** Културното дејствување на Град Скопје и Општина Центар; издавач: ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, 2023

Цртежи: Ѓорѓе Јовановиќ

Текстов е објавен во брошурата Културното дејствување на Град Скопје и Општина Центар (2023)

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Култура / Теорија
Активизам / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото