Млади македонски стрип автори учествуваат на фестивал во Полска

22.03.2024 11:33
Млади македонски стрип автори учествуваат на фестивал во Полска

Неколкумина млади стрип-автори од Македонија со сопствени стрип-дела учествуваат на 13. Издание на Стрип фестивал во Краков, Полска. Ангела Петрушевска, Методија Стојановски, Матеа Аризановска, Славица Купенкова, Ѓоре Ѓелев, Војдан Андонов и Цанко Стефанов ги изложија своите дела во Краков како резултат на веќе воспоставената меѓународна соработка. Фестивалот се одржува од 22 до 24 март.

Томе Трајков од Македонскиот стрип центар од Велес , вели дека оваа изложба и каталог се продукт на соработката започната во август 2023 и гостувањето на-стрип уметници од земјите на групата од Вишеград на стрип колонијата во Велес.

Стрип фестивалот во Краков е најголемиот годишен состанок на љубителите на стрипови, илустрации, анимации и други форми на визуелно раскажување приказни во јужна Полска. Програмата на секое издание вклучува атракции за сите возрасни групи: средби со автори, панели за дискусија, предавања, работилници, косплеј шоуа и изложби.

Јадрото на програмата на 13-тиот фестивал на стрипови во Краков (22-24 март) се состои од средби со уметници од Полска, Чешка, Франција, Германија, Велика Британија и Аргентина. Ќе има индивидуални и групни изложби со уметници од целиот свет. Фестивалот ќе биде проследен и со стрип прошетки низ Краков.

Организатори на 13-тиот фестивал на стрипови во Краков се: Здружението на стрипови во Краков, Фондацијата музеј на стрипови и Канцеларијата на фестивалот во Краков – оператор на програмата Град на литературата на УНЕСКО во Краков и палатата Потоцки.

Трајков вели дека иднината на македонскиот стрип не завршува со споменатите автори, туку е многу побројна категорија. Стрип-центарот од Велес континуирано организира едукативни активности и меѓународни промоции. Такви настани се планирани и за 2024 година.

Извор: https://makfax.com.mk