Машкиот феминизам низ историјата

01.04.2024 13:10
Машкиот феминизам низ историјата

Имајќи ги предвид неодамнешните жестоки дискусии за (не)компатибилноста на мажите и феминизмот и имајќи ја на ум веќе малку клишеизираната, но сепак вистинита изрека за историјата како учителка на животот, не е лоша идеја да се фрли поглед на минатото и да се потсетиме дека машкиот феминизам сепак не е нов изум.

Историјата на машкиот феминизам во Европа и Северна Америка е долга најмалку 175 години, пишува Ноа Берлатски за „Атлантик”. Како пра-пра-прадедо на феминизмот тој го наведува аболиционистот Фредерик Даглас, прославениот автор на автобиографии во кои го документира своето лично искуство од ропството.

Како заговорник за еднаквост за сите луѓе, без разлика на нивните расни, родови и други разлики, Даглас бил меѓу ретките мажи кои присуствувале на Првата конвенција за правата на жените одржана во 1848 година во Сенека Фолс.

Додека Даглас во САД се залагал за правата на жените, особено за нивното право на глас, од другата страна на Атлантикот, Џон Стјуарт Мил заедно со сопругата Хариет Тејлор Мил ја напишале книгата насловена „Подреденоста на жените”, дело во кое директно и остро се осудува законската подреденост на жените на мажите. Според Мил, постоечката состојба на нештата„треба да се замени со принципот на совршена еднаквост, кој нема да дозволи моќ и привилегија од една страна, ниту подреденост од друга страна”.

Пет години по објавувањето на „Подреденоста на жените”, во 1866 година, во британскиот парламент Мил вовел предлог-закон кој на жените би им овозможил право на глас.

Понатаму, долгогодишниот партнер, а подоцна и сопруг на феминистката Адри Дворкин, писателот Џон Столтенберг, се борел против силувањето теориски и во пракса. Покрај пишувањето голем број есеи и студии во кои говори за порнографијата како средство за промовирање мизогинија, од кои ја истакнуваме книгата „Одбивање да се биде маж” (1989), тој бил основач на групата „Мажите можат да го запрат силувањето”.

Последното име на листата на феминисти на Берлатски е современиот политиколог Адам Џонс, кој го анализирал проблемот со геноцидот низ родова призма. Од неговите дела се издвојуваат анализите на масовните убиства на жени за време на геноцидот во Пакистан (1971) и убиствата на мажи извршени во контекст на кампањата на Хусеин против Курдите.

Иако сите мажи на списокот му пристапуваат од различни перспективи, и го толкуваат и користат на различни начини, феминизмот за сите нив го претставува горе-долу истото: „комбинација од алтруизам, заедништво, интелектуални интереси, политички убедувања и личен ангажман”. „А тоа”, заклучува Берлатски, „е она што веројатно значи феминизмот за повеќето феминистки”.

Извор: https://voxfeminae.net

ОкоБоли главаВицФото