1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Вработувањето како жена во средновековна Европа, Лондон во Викторијанската ера или пак во стара Месопотамија често значело да се извршуваат работи кои не биле премногу забавни. Низ историјата жените се занимавале со разни работи, од кои доминирале во оние што биле полово одредени (како кралици, гувернанти или свештенички), но и оние што би нè изненадиле (на пример, до доцните седумдесетти жените имале водечка улога во програмирањето).
Како што се менувале понудата и побарувачката како плима и осека, така исчезнале и некои работи кои во тоа време биле сметани за типично женски. Најпосле, тоа и не било толку лошо, освен ако сте биле жена која имала силна желба да работи додека пијавици и ја цицаат крвта, да биде редовно труена со фосфор или пак да биде обвинета за не толку благородните гасови на благородничките.
Земајќи ги предвид денешната преокупација за еднакви плати за жените и мажите и половата дискриминација на деловен план, важно е да се присетиме колкав пат навистина поминале жените. Тешката физичка работа е секојдневие за жените ширум светот, а покрај тоа од нив се очекува и самите сосема да ја преземат одговорноста за домашните работи, готвењето и одгледувањето на децата кога ќе се вратат од работа. Историјата е учителка на животот, а иако денес жените се обидуваат да се изборат за подобри работни места и повисоки плати, важно е да се знае дека тие често извршувале работи кои се сметале за помалку вредни од машките работи, а ваквата ситуација и денес е реална за многу жени.
Затоа, да погледнеме четири одвратни и понижувачки работи кои ги извршувале жените, а кои денес, за среќа, се само дел од историјата:
1. Девојчето со кибритчињата
Пред индустријализацијата, кибритите се правеле рачно и тоа со потопување на стапчињата во растворен фосфор. Што значело тоа за девојчињата со кибритчињата, односно за сиромашните девојки кои продавале кибритчиња на улиците во Лондон од 1840-те до почетокот на Првата светска војна? Првенствено, тие девојчиња биле изложени на големи количини бел фосфор, што предизвикува разни болести, меѓу другите и остеонекроза на вилицата. Тоа подразбира прогресивно повлекување на непцата и пропаѓање на коската на вилицата, што може да доведе до тешки деформации, оштетувања на мозокот, а најпосле и смрт. Исто така, фосфорот влијаел вилиците на заболените да светат во мрак, што ионака доволно тешката болест ја правело уште поморничава.
Двесте девојки во 1888 година излегле на улиците на Лондон за да ја предупредат јавноста за проблемите со кои се соочуваат. Со тој јавен настап го привлекле вниманието на новинарката Ени Бесант која сите нивни проблеми ги изнела во текстот за условите за работа во тие фабрики, што придонело за подобри услови за работа во индустријата за кибрити.
2. Доилка
Повеќето луѓе денес знаат што работела доилката – освен што самиот збор наложува дека тоа била жена која доела, важно е да се појасни дека таа потекнувала од семејство од низок сталеж и доела деца во благороднички семејства. Имено, се верувало дека мајката би можела премногу да ослаби откако веќе ја преживеала траумата на породувањето и дека доилките го преземале самиот чин на доење. Додуша, тие во ревидиран облик се присутни и денес ширум светот, но во контекст на овој текст првенствено се мисли на доилките што постоеле во 17 век.
Да се избере доилка за благородничко семејство било постресно отколку што се очекувало. Имено, доилката не била одговорна само за грижата за детето, туку се верувало дека преку млекото се пренесуваат дури и интелигенцијата и личниот стил.
Целокупниот концепт на доилката станува многу посериозен кога ќе се земе предвид дека таа имала и свое дете и дека тогаш се јавувале многу сомнежи во фаворизирањето на едно од децата, а притоа доилките никако не можеле да победат. Имено, ако го занемареле своето дете во корист на благородничкото, тогаш биле сметани за чудовишта, а ако го направеле спротивното, се сметале за неодговорни и користољубиви. Исто така, често ги обвинувале за случајното гушење на децата, ширењето болести, но и за гревовите, а сето тоа зашто благородничките не сакале да ги хранат сопствените деца.
3. Собирачка на пијавици
Дали некогаш сте се чувствувале како да не ги добивате заслугите за сите ваши потфати? Веруваме дека слично се чувствувале и жените кои влегувале во вода и дозволувале пијавици да им цицаат крв од нозете. По тоа искуство, животот тешко може да стане подобар. Секако, во медицината пијавиците играле важна улога сè до 20 век. Докторите ги користеле за таканареченото пуштање крв за што се сметало дека ги ублажува симптомите на бројни болести. Но, за да можете да го направите тоа ви требаат пијавици, а ако немате, за вас ги набавуваат собирачките на пијавици.
Животот на собирачките на пијавици не бил нималку гламурозен, а доколку сте гадливи, можеби сега е вистинско време да преминете на бројот 4 од нашата листа. За ловење пијавици е нужно да се има мамец, а можело да се користат или постари животни кои никому не би недостасувале премногу или едноставно можело да се влезе во вода и да се чека да почнат да грицкаат. Секако, ова занимање имало и свои ризици, првенствено вклучувајќи го претераното губење крв и инфицираните места од каснувањето.
4. Хеоибикуни
Четвртото место од оваа листа го зазема работата која не е нужно одвратна, но е мошне понижувачка и непријатна. Во периодот Едо, кој во Јапонија траел од 1603 до 1868 година, јапонските аристократки вработувале слугинки кои првенствено биле придружба или дворски дами кои им помагале во секојдневните работи. Тие се нарекувале хеоибикуни, а освен традиционалната работа на придружба и подготвување облека, имале и една специфична работа која била наменета да ја намали непријатноста на благородничката ако таа „пушти гас“ за некоја пригода. Имено, хеобикуната ја преземала вината за тогашниот сериозен социјален прекршок.
Значи, хеоибикуната впрочем била жртвено јагне за да се одржи честа на благородничката. Како што знаеме и денес, така и тогаш знаеле дека хеоибикуната впрочем не прднала, што многу ја намалува смислата за постоењето таква слугинка, но кои сме ние да судиме?
Се надеваме дека по оваа кратка листа најодвратни работи со кои се занимавале жените во минатото ќе се чувствувате барем малку подобро во врска со вашата работа. Навистина, денес нè загрижуваат некои други грижи, но барем не ни се распаѓа вилицата и не свети во мракот.
Извор: https://www.bustle.com