Маченици или вештерки: Зошто верата отсекогаш ги дискриминирала жените?

22.09.2018 01:08
Маченици или вештерки: Зошто верата отсекогаш ги дискриминирала жените?

Откога Ева гризнала од јаболкото во Рајската градина, Бог е груб кон жените. Или попрецизно, мажите кои тврдат дека зборуваат во негово име, рутински ги омаловажувале и дискриминирале жените. Машките верски водачи ја прогласиле менструацијата за нечист ритуал и во Деутерономијата (петтата книга на Библијата) советувале, ако девојката не прокрвари во првата брачна ноќ, мажите од нејзиниот град да ја каменуваат до смрт.

Свети Павле им наредува на жените да бидат „подредени“ и додава дека е „срамота жена да зборува во црква“. (Некои експерти сметаат дека Павле не ги напишал овие зборови, туку дека тие биле додадени многу подоцна). Со векови било оправдано и нормално жените да бидат маченички (или да ги запалат како вештерки), но не можеле да станат свештенички, рабини или проповеднички.

Сега во светот се случува револуција. За само неколку децении жените станаа доминантни во верските училишта за проповедници и рабини и сè поголем број жени застануваат на чело на своите верски заедници.

„Пред нас се случува драматична промена. Мене ми се чини голема како протестантската реформација“, вели пречесната Серена Џонс, првата жена претседател на Унијата на теолошки училишта во Њујорк, каде речиси 60 отсто од учениците се жени.

„Дојде нов ден на разбирање кој бил Бог“, додава таа. „Кога луѓето кои го претставуваат Бога, кои го чинат присутен, имаат женски тела, тоа неизбежно повлекува промени и во начинот на гледање на Бога.“

Др. Серена Џонс тврди дека со тек на времето, жените ќе доминираат на чело на верските заедници и дека ќе го преобликуваат нашето гледање на Бога – од стар татко кон повеќе мајчински негувател и исцелител.

И понатаму постои огромен јаз, особено во католичката, евангилистичката и мормонската црква и во ортодоксните синагоги. Жените кои учат да станат свештенички или рабини ги споделуваа своите #MeToo приказни за сексуално злоставување и огромни разлики во платите.

Верската новинска служба во 2015 година пресметала дека мнозинство на жените приврзани за верата, припаѓаат на цркви кои генерално им забрануваат да станат верски водачи.

Срамно е што со милениуми на дискриминацијата на жените ѝ дававме божествено оправдание и инсистиравме на тоа дека нееднаквоста е всушност одмазда. Но како што верата некогаш го оправдувала ропството и подоцна ги инспирирала аблиционистите, така и сега еволуира од сфаќањето дека жените треба да се ограничат до тоа дека треба да се охрабруваат и зајакнуваат.

Кога некоја двојка има проблеми со верноста или кога мажот ја тепа жената, често жените пастори или рабини се тие што ги советуваат. Дали гласникот ќе ја промени пораката? Не во секој од сите случаи, но жените навистина во верското водство го вклучуваат и свое видување на работите. Рут Месингер, претседателка на Американско – еврејската светска служба, вели дека жените во верските хуманитарни групи се повеќе склони да се занимаваат со поддршка на девојките и со родовото насилство.

Можеби со време ќе стане помалку природно за Бог да се размислува како за „него“. А сега веќе во реконструкцискиот јудаизам – каде од 1998 година 63 отсто од новите рабини се жени – за Бог се говори со родово неутрален јазик или како за „неа“.

Постои легенда во прогресивниот јудаизам дека некогаш одамна еден маж тврдел дека на жените не им е местото во синагогите, како што на портокалите не им е место на Седер вечерата. Заради тоа кога денес слават Pesah, некои семејства во вечерата задолжително имаат и портокал.

Рабин Емили Бартон, која претседава во синагогата во Де Моин, во Ајова, вели дека нејзината паства нема проблем со тоа што е жена и лезбејка. Но, вели дека нејзе ѝ пречат деловите во библијата кои се хомофобични и мизогени. „Ако би им давала совет на жените кои сакаат да станат свештенички, би им кажала дека треба да се помират со тоа дека понекогаш ќе им биде непријатно зашто секогаш ќе постојат некои работи во нивната вера заради кои ќе се чувствуваат непријатно. Понекогаш едноставно мора да живеете со непријатноста“, вели таа.

Свештеничките во библијата можат да ископаат многу силни жени и цитати за еднаквост. Еден древен израелски водач била жена, Дебора (Книга за судиите 4-5), а Естер ги спасила Евреите од Персијанците. Во Новиот завет први сведоци на воскресението биле жените.

А која е е единствената личност што може да го победи Исус во дебата? Одговорот е:  неименувана блага жена. И Марко (7:24 – 30) и Матеја (15: 21 – 28) зборуваат за тоа како му пришла на Исус и го замолила да ја излечи нејзината ќерка.

Отпрвин Исус одбил велејќи дека тој им помага само на своите Евреи. „Не е убаво да се земе детскиот леб и да им се фрли на кучињата“, рекол тој (Да се нарече некого куче било тешка навреда).

Жената му одговорила: „Да, Господе; но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезите на нивните господари.
Исус тогаш ја пофалил нејзината „голема вера“ и ја излечил ќерката.

Слики:Michelle Kingdom

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото