Селма Лагерлеф – првата добитничка на Нобелова награда за литература

26.11.2015 06:09
Селма Лагерлеф – првата добитничка на Нобелова награда за литература

Писателката Селма Лагерлеф е родена на 20 ноември 1858 година. Таа е првата жена добитничка на Нобеловата награда за литература, како и првата жена која станала членка на Шведската академија. Нејзиниот политички ангажман е помалку познат надвор од границите на нејзината родна земја, но Селма Лагерлеф имала значајна улога во борбата за правото на глас на жените во Шведска.

Пораснала во шведската покраина Вермланд, на имотот Марбацка, кој со генерации бил во сопственост на нејзиното семејство. Благодарение на бајките кои нејзината баба често ѝ ги читала, многу рано изразила желба да стане писателка. Спротивно на желбите на својот татко, учела во женското педагошко училиште во Стокхолм, кое го завршила во 1885 година.

Нестабилната економската состојба во Шведска го довела семејството Лагерлеф до финансиски проблеми, па биле принудени да го продадат семејниот имот Марбацка. Селма се преселила кај нејзините мајка и тетка во Ландскорн, мал град во јужна Шведска, каде што почнала да работи како учителка.

Своето слободно време Селма го посветувала на пишување. Нејзините први книжевни остварувања биле сонети, кои, иако не биле премногу успешни, ѝ дале самодоверба и ѝ го обезбедиле влезот во книжевните кругови во Стокхолм. Во 1890 година, Селма одлучува да испрати неколку почетни поглавја од романот на кој работела на еден конкурс за уметничка проза на шведскиот неделник Идун, насловен „За жените и домот“.

Сосема неочекувано, Селма победила на натпреварот и романот Сага за Јоста Берлинг (Gösta Berlings saga), го завршила уште следната година. Денес тој се смета за едно од најголемите дела на шведската книжевност, а во 1924 година Мориц Стилер според него ќе сними филм, кој ја прослави дотогаш непознатата Грета Гарбо.

Иако романот подоцна постигнал голема слава, бил прифатен само откако бил објавен данскиот превод. Охрабрена од позитивниот дел од критиките, Селма Лагерлеф продолжила да пишува, и во 1894 година ја објавува збирката раскази Невидливи алки (Оsynligа länkar), а во 1897 и романот Чудата на Антихристот, чија приказна е сместена во 19 век, во Сицилија, и чија основна идеја претставува обид за помирување на христијанството и социјализмот.

Во тоа време Селма ја запознава писателката Софи Елкан, која на уметничкото дело на Селма, но и на нејзиниот приватен живот извршила значајно влијание. Меѓусебно критички ги преиспитувале и коментирале своите дела, а во потрага по инспирација, заедно заминале на неколку патувања низ Европа. За Селма особено важно било долгото патување на Блискиот Исток, бидејќи токму тоа ги инспирирало романите Ерусалим I и II, со кои го стекнала првиот голем меѓународен успех.

Селма и Софи патувале и низ самата Шведска, особено откако Селма почнала да работи на книгата Чудесното патување на Нилс Холгерсон. Делото е направено по нарачка и првично било замислено како учебник по географија кој на децата ќе им помогне полесно да ја совладаат шведската географија, со главниот лик, момчето Нилс кое на грбот на една гуска лета низ цела Шведска и доживува различни авантури. Иако книгата поради некои фактографски неточности во педагошка смисла не била успешна, нејзината уметничка вредност била неспорна. Чудесното патување на Нилс Холгерсон денес е еден од најпреведуваните шведски романи за деца.

Во 1904 Селма Лагерлеф го добила првото високо признание за нејзината книжевна работа и била наградена со златен медал од Шведската академија. Три години подоцна ѝ била доделена почесна докторска титула од Шведскиот Универзитет во Упсала, а во 1909 година станува првата жена во историјата која ја добила Нобеловата награда за литература.

Лагерлеф за оваа награда била номинирана неколку пати, но на нејзината кандидатура се противеле многумина, меѓу другите и Карл Давид аф Вирсен, постојаниот секретар на Шведската академија и еден од тогашните авторитети во шведскиот книжевен свет.

Во 1909 година, мнозинството, сепак, го надгласало Вирсен и наградата ѝ била доделена на Селма Лагерлеф за „високиот идеализам, богатството на имагинацијата и спиритуалната перцепција кои ги карактеризираат нејзините дела“, како што стои во образложението на Шведската академија. По Нобеловата награда, Селма станува првата жена која е примена во Шведската академија. Членството во Академијата наводно не ѝ било по волја, бидејќи сметала дека го означува крајот на нејзината работа и симболично пензионирање.

Нашата идеја победи бидејќи е праведна, бидејќи никој кој е роден во оваа земја, како и оној на кого оваа земја му станала дом, не смее во неа да се чувствува како гостин или странец, туку само како рамноправен граѓанин или граѓанка, затоа што е праведно сите оние кои ги почитуваат законите на оваа земја, исто така, да можат да учествуваат и да одлучуваат за нив, како и тоа дека сите оние кои плаќаат даноци имаат право да одлучуваат за тоа во кои цели ќе се трошат нивните пари“ – рекла Лагерлеф.

Демонстрантите и демонстрантките кои во тоа време се бореле за правото на глас на жените, на демонстрациите често носеле транспаренти со ликот на Селма за да предупредат на фактот дека една од тогаш најпознатите културни личности во Шведска сè уште нема право на глас. Освен што се залагала за правото на глас на жените, Лагерлеф, исто така, имала изразито антивоени ставови, а особено е позната по своето противење на нацизмот и фашизмот.

Селма Лагерлеф зазема значајно место не само во шведската, туку и во светската книжевност, а покрај тоа што дала придонес за културното наследство на Шведска, со својата борба за право на глас на жените, активно учествувала во конструирањето на шведската демократија.

Извор: www.voxfeminae.net

Слични содржини

Активизам / Историја
Активизам / Историја
Активизам / Историја
Активизам / Графички Дизајн / Живот / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото