Зошто сум феминистка

22.06.2013 12:40
Зошто сум феминистка

Во интервјуто „Зошто сум феминистка?“ од 1975 година со францускиот новинар Жан-Луj Серван-Шрајбер, Де Бовоар зборува за книгата „Другиот пол“, која Серван-Шрајбер ја смета за подеднакво важна „идеолошка референца“ за феминистките, колку и „Капиталот“ на Маркс за комунистите.

Тој разговара со Де Бовоар за една од нејзините најцитирани изјави: „Жената не се раѓа како жена, таа станува жена“. Нејзиниот одговор покажува колку далеку досегнуваат нејзините размислувања во однос на постмодернизмот и антиесенцијализмот, како и во колкава мера нејзините идеи влијаеле врз подоцнежните феминистички мислители.

„Да, таа формула е основата на сите мои теории... Нејзиното значење е многу едноставно – да се биде жена не е природен факт. Тоа е последица на одредена историја. Не постои биолошка или психолошка судбина која ја дефинира жената како таква... Женските деца учат како да станат жени“, изјавила Симон.

Иако не го негира постоењето на фактот за биолошката разлика, Де Бовоар ја разобличува идејата според која половите разлики се доволен фактор за родовата заснованост на хиерахискиот статус и на општествената моќ.

Таа тврди дека второстепениот статус на жените настанал како резултат на долг историски процес, па дури и ако денес институциите повеќе не ги лишуваат намерно жените од моќта, тие и понатаму ја поддржуваат моќта која ја поседуваат мажите во општеството и која ја добиле во текот на историјата.

И по речиси четириесет години од ова интервју, а по повеќе од шеесет од објавувањето на „Другиот пол“, дебатата која Де Бовоар ја започна е сè уште актуелна, и не постојат знаци дека таа наскоро ќе замре. Иако Серван-Шрајбер го нарекол феминизмот „сила која станува сè помоќна“ и која ветува „длабоки промени“, сепак останува прашањето за тоа дали Де Бовоар, која починала во 1986 година, денес би била поразена од жените на постмодерниот свет. Но, Симон била борец, таа никогаш не се повлекувала, ниту пак некогаш се откажала.
Најавувајќи го интервјуто, Серван-Шрејбер вели дека Де Бовоар „сè до оваа година, одбиваше да се појави на телевизија“, но тоа не е точно. Во 1967 година, таа се појавила со нејзиниот партнер Жан-Пол Сартр во една француско-канадска програма наречена „Dossiers“. А во 1959 година Де Бовоар дала едно подолго интервју во уште една канадска програма. Тука таа започнува да дискутира за есенцијализмот во една општа смисла, а потоа зборува за некои од неговите специфични импликации во рамки на етиката и политиката. Таа зборува и за „Другиот пол“, а потоа водителот се обидува да ја збуни, наведувајќи ја дискусијата на друга тема. Се разбира, и тука Де Бовоар ги брани своите идеи со една смирена сталоженост и јасност.

Покрај интервјуто од 1975 година, во продолжение можете да го погледнете и овој разговор од 1959 година со Симон де Бовоар.  

Извор: openculture.com

ОкоБоли главаВицФото