Опасна годишнина

04.10.2013 16:52
Опасна годишнина

Уште сега се чувствува голема напнатост околу прославата на стогодишнината од Првата светска војна: иако до самата годишнина од официјалниот почеток на војната има уште една година, тешко е да се замисли културна, просветна, образовна, научна, политичка, воена институција во Европа и пошироко која нема да се фати за Првата светска војна - барем за добивање средства. Ќе има прослави и сеќавања на сите нивоа и во сите стилови на јавен говор. Тоа е, конечно, првиот светски настан кој речиси целосно бил покриен и во медиумите и со најразлична документација. Од живите учесници можеби има уште неколку во целиот свет, прашањето за одговорноста, прошката и почитта кон сите жртви е - се смета - решено. Не се малку оние кои би се осмелиле и денес да треснат нешто околу тоа како таа војна била „славна“. Немало геноциди? Според правните дефиниции на геноцидот би се нашло по нешто, особено во воените настани околу воневропските колонии. Шпанскиот грип глобално завршил најголема работа.

И светската војна веројатно би била само уште една европска династичка војна со колатерална штета - таквите војни практично не престанувале во Европа од Средниот век. Кавгата меѓу кралските роднини овој пат била обележана со непознат елемент - оружјето, непосредно и посредно, кое разузданиот индустриски капитализам го произведувал за националните држави, најмногу за Германија. Витешки настроените и наговарани европски мажи во униформа (до душа, малцинството остро се спротивставило на военото лудило) се соочиле со средства за масовно уништување чие вистинско дејство дотогаш не било испитано: големи топови, тенкови, воени коли, митралези, боен отров, авијација, радио, телеграф... Европските машки тела биле масовно искасапени, унаказени, рововската војна била кланица наместо стратешко дејствување.

Сите тие грозотии се случиле по можеби најблескавиот период за европскиот ум, посебно во германското говорно подрачје, особено во градот кој никогаш повеќе нема да ја врати славата на престолнина и расадник на смели мисли во сите домени - Виена. За време на војната, освен многу локални цивилни жртви, посебно во Франција и Белгија, се случиле промени кои сигурно биле епохални: се случила првата работничка револуција, една долго време била успешна, другите по нејзин модел успевале подоцна. Една промена до сега не е историски анализирана, опишана и всушност, едвај е констатирана. Имено, се случила револуција на положбата на жените. Добивањето право на глас во некои земји во Европа е само еден важен аспект на тие промени. Клучна и сосема револуционерна е промената на женското тело и промената на женското однесување, и двете директно условени од Првата светска војна.

Фронтовската и рововската војна, тоа станало јасно многу брзо, не биле можни без жените - болничарки, возачки, гласнички, дактилографки, телефонистки, колку на самиот фронт толку и во позадина. Воената индустрија барала работници, кои повремено гинеле на фронтовите: ги замениле жените. Сите тие стотици илјади жени во Европа и на другите континенти морале да ги прилагодат своите тела и она во што тие тела се движеле, на потполно нови услови: морале да ја скратат косата, да ги скратат здолништата, да облечат панталони, да ја отфрлат облеката која ги стега, да облечат покомотни обувки. На новото тело индустријата на популарната култура му го додала апаратот на привлечност од најновата и најпопуларна уметност- филмот: тешка шминка, предизвикувачки ткаенини, танци кои го истакнуваат телото. Така жената добива и нови простори за изразување на своите желби, штом се впишува во легитимната маса потрошувачи: понудените фантазми ѝ се продавани како нејзина потреба. Освен тоа, таа станува брза и недофатлива, спортистка, автомобилистка, пилот: да се фати, буквално и преносно, повеќе не било лесна работа.

Кога унаказениот или инвалидниот, честопати импотентен маж се враќал од војната, го чекала нова жена, која преживеала, и која покажала не само самостојност, туку и саможивост изградена кај својот најголем сојузник, капиталот. Средноевропската книжевност, особено српската и хрватската, даваат застрашувачко сведоштво на машката траума - таа, „кучката“, преживеала, и којзнае што правела, додека тој се мачел на фронтот. Единствено што преостанува е - да се казни. Во ситуација во која, како во Србија, една третина од мажите настрадале во војната, тоа сè уште може да се разбере, но само како основа за ново граѓанско образование... Каде отиде семоќната експресионистичка богиња? Омразата и отворената мизогинија се однесуваат главно на урбаните жени.

Капиталистичкиот и комунистичкиот свет можеби најрадикално, во медиумите и во културата, и највидливо се поделиле токму кај жените: комунистичката идеологија не смеела да ризикува да ја изгуби најбројната потпора, жените, придобиени со новите права и новиот углед во општеството, капитализмот не смеел да ризикува да ја изгуби својата нова потрошувачка маса. Така, „женственото“ и „неженственото“ во совршено лажен и користољубив судир прв пат се наоѓаат: таа неприродна прегратка и денес збунува многу жени, бидејќи не ги гледаат вистинските корисници зад барањата кои им го крадат најдрагоценото време и радоста во животот.

Стогодишнината од Првата светска војна би морала да го отвори тој канал и да нè снабди со предолго прикриваното и забрануван знаење од историјата на жената. Се плашам дека разни „стогодишници“ ќе парадираат со ордени, околу споменици и гробишта, околу слики од мустаклести команданти, знамиња, униформи, оружје и сл. На сите страни има доволно податоци, сеќавања, книжевни и уметнички обработки, за да се реконструира големата револуција на жените која се случила во Првата светска војна. Во најдобар случај, можеби ќе доживееме некое потсетување на феминистичкото движење, кое по Првата светска војна насекаде во Европа добива нов замав и сосема нови облици.

А таа нова жена, која ги освојува универзитетите, науката и техниката, која својата нова сензибилност ја изразува во џезот, која бара нова сексуална етика, контрацепција и промислено мајчинство потпомогнато од психоанализата и револуционерната педагогија, станува најважен знак на новото време. Бидејќи тоа ново време било неотпорно на нацизмот и другите тоталитаризми, на некои им се чинело (и сè уште им се чини) најзгодно за ужасите да ги обвинат жените и нивната револуција, најдобро пред да биде историски испитана. За волја на вистината, сè уште не е.

Паралелите помеѓу времето на благосостојба и социјална напнатост, невидениот напредок на медиумите и техниките од секаков вид, и истовремено болната слепост за опасноста од таквата напнатост денес, е изразита и пред Првата светска војна. Од историјата на жените се гледа дека ниту Првата светска војна не е „завршена“ и не доведува до помирување и разумност - а што да кажеме за незавршената Втора светска војна? Социјалната напнатост и проблемите на новиот хартиен капитализам, помешани со најгрубото глобално враќање на робовладетелскиот систем, не ветуваат ништо добро: напротив, тоа е токму таа експлозивна смеса која може да реагира на најбесмислен повод - инцидент каде било во светот. Австро-Унгарија го преживеа убиството на царицата без војна, убиството на царскот внук не можеше да помине. Повторно прашање на родот? Толку малку денес е потребно да се тргнат покривките од топовите, да се пуштат уште повеќе дронови, кои веќе изведоа стотици атентати, да се пушти во погон глобаната шпионажа против секој Земјанин со соодветни мотиви...

Во 1913 на многумина во Европа, врвно писмени и образовани, лудата војна им изгледала незамислива. Имаме една година добро да ја промислиме денешната незамисливост.

Извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото