Опиени од брзината

19.04.2014 11:20
Опиени од брзината

Денот е спарен. Собраните мажи и момчиња нестрпливо гледаат низ улицата порабена со дрвја. Се слуша тивко брмчење. Автомобилите се појавуваат на хоризонотот во облик на прашина, мала, па сè поголема и поголема. Ги движи силен мотор и тие брзаат кон набљудувачите, сè побучни, слика здружена моќ.

Осумнаесетогодишникот од публиката го држи фотоапаратот во рацете и се спрема за долгоочекуваниот момент. Напнато гледа низ објективот. Го фаќа возачот и совозачот зад огромната хауба. На резервоарот е испишан бројот шест. Додека автомобилите минуваат крај него, го чувствува ударот на вревата и силата на моторот. Го притиска чкрапалото.

Младиот фотограф е разочаран кога ја развива фотографијата што ја направи на 26 јуни 1912 на францускиот Grand Prix. На фотографијата има само половина автомобил, а позадината е замаглена и чудно изобличена. Неговото име е Жак –Анри Лартиг. Фотографијата што ја сметаше за неуспешна, изложена е 50 години подоцна во њујоршкиот музеј на модерна уметност. На неа сосема случајно се фатени вибрирачката енергија и брзина карактеристични за периодот од 1900 до 1914 година.

Денес го идеализираме периодот пред почетокот на Првата светска војна. Го опишуваме како време пред падот, добрите стари времиња, Belle Époque. Со раскошни костимирани филмови го величаме тоа совршено општество кое незадржливо се втурнува во светска војна и пропаст. Според оваа верзија на историјата, фениксот на модерната после оваа војна се издигна над пепелта на стариот свет.

Поголемиот дел од луѓето од 1900 година би биле изненадени од ова носталгично и идеалистичко толкување на таа епоха. Судејќи по нивните писма, дневници, весници и романи, тоа време било проникнато со несигурност и општествени превирања, тоа бил груб и насилен свет, сличен на нашиот. „Како да сме во брз воз, но не знаеме каде одиме“, запишал Макс Вебер.

И тогаш секојдневните разговори и текстовите во весниците биле полни со нови технологии, глобализација, тероризам и промена на општествените обрасци. Луѓето биле обземени од чувството дека живеат во забрзан свет кој брза кон непознатото.

Жак-Анри Лартиг, момчето кое сакало брзи автомобили и се обидувало да ги овековечи со својот фотоапарат, најдобро ја отелотворува опседнатоста на оваа епоха со авто трки на кои скоро секоја недела се постигнуваат нови рекорди во брзината, и технологија која неповратно ги смени животите на милиони луѓе.

Технологијата никогаш порано не влијаела толку длабоко и непосредно на животите на милиони луѓе. Ширум западниот свет бил забележан голем пораст на индустриското производство. Животот на глобализираниот пазар станал стварност. Велика Британија уште од 1910 година шеесет отсто од своите потреби за месо ги подмирувала со увоз од Канада, Австралија, Нов Зеланд, Аргентина и Русија. И другите европски индустриски нации се потпирале на увоз на земјоделски производи. Исклучок била претежно руралната Австроунгарија како единствен европски извозник на житарки.

Големите градови привлекувале многумина со ветувањата за работни места и подобар живот. Секој новодојденец во градот повторно се пронаоѓал себеси. Да го земеме примерот на фармерот од Лангдок од југозападна Франција кој дошол да работи во Париз во фабрика на Рено. Да го наречеме Пјер. Во неговото село било обичај на децата да им се даваат имињата на бабите и дедовците. Требало да го наследи семејниот имот. Но, увозот на земјоделските производи довел до пад на цените на домашните житарки, што се одразило на семејниот доход. Господинот гроф од блискиот стар замок престанал да биде најважната личност во селото.

Пјер е протестант, како и сите во неговото село, и да останел дома веројатно ќе се оженел со девојка од соседното село и тука ќе го поминел целиот живот. Сега е во големиот град и работи на подвижна лента во фабрика за автомобили. Тука неговото потекло, религија, имот и господинот гроф се неважни. Се интересира за политика и станува член на партија, чита весници и стравува за судбината на својот фудбалски клуб, веројатно Бордо, поради носталгија за југот. Го интересираат автомобилите и ги следи големите трки, а возачите се негови херои.

Овој млад работник станува член на некое здружение и се жени со млада католичка од Бретања, која работи во фабрика за текстил и која во други околности никогаш не би ја ни сретнал. Неговиот нов живот е мозаик од идентитетски фрагменти. Пјер и неговата жена Жана ја нарекуваат својата прва ќерка Олимп, по револуционерката Олимп де Гог. Првиот син се вика Луј, не по кралот туку по возачот на авто-трките. Иако двајцата потекнуваат од големо семејство, нема да имаат уште деца. Децата се товар во градот, бидејќи сè чини, а ако Жана не работи, семејството ќе нема доволно пари за храна. За разлика од животот на село, овде парите одредуваат сè. Послободни се во донесување на одлуките за сопствениот живот, но се зависни од слабите плати за кои мораат жестоко да ‘рмбаат. На претходната генерација ова би ѝ било незамисливо.

Фабриките го револуционизираат животот на работниците, а масовното производство создава нов вид луѓе. На историската сцена се појавува потрошувачот. Се отвораат стоковни куќи нудејќи стока за широка потрошувачка. Harrods во Лондон веќе има дваесетчасовен телефонски сервис, парискиот Au Bon Marché праќа милион каталози годишно, додека во САД каталогот на Sears станува најчитана книга после Библијата и се користи во училиштата како вежба за читање.

Пјер и Жана немаат баш многу можности да учествуваат во некоја потрошувачка грозница, но секогаш се наоѓаат малку пари за костум или фустан од вештачка свила, во кој Жана се чувствува како богатите париски дами. Облеката масовно се произведува според статистички утврдените големини. Статистиката станува неопходна за планирање и управување со индустријата и големите градови.

Младиот Жак-Анри Лартиг е роден под среќна ѕвезда. Неговото семејство е имотно. Тој ги познава луѓето како што се Пјер и Жана само како возачи и собарки, иако веќе одамна се дел од истиот свет. Во 1902 година како осумгодишник го добива својот прв фотоапарат, секако детски, а не она чудо со статив. Како и многу деца, го одушевуваат автомобилите. Некои од нив, чии резултати ги следи на спортските страници, ги прави Пјер.

Но, во глобализираниот свет авто-трките ги поврзуваат не само со анонимните работници и децата од високата средна класа. Тие се многу подлабоко и достигнуваат до најголемата трагедија на оваа епоха. Сè поголемата мобилност директно зависи од една суровина - каучукот за произведување на гуми. Како што тоа е чест случај во капитализмот, побарувачката за него експодира за само неколку години, а најголем добитник е белгискиот крал Леополд Втори, кој богатото со каучук Конго го сфаќа како лична сопственост и максимално ја искористува неговата пазарна вредност.

Агентите на Леополд заробуваат стотина илјади конгоански жени и деца за да ги принудат мажите да се собираат каучук по прашумите. Оној кој не ја исполнувал оваа норма, бил камшикуван, му била отсекувана раката или бил ѕверски убиван. Затворениците се оставани да умрат од глад. Ако некое село се спротивставело, било срамнувано со земја. Платениците имале наредба да ги сушат рацете на своите жртви и да ги носат како доказ на централните власти дека не ја расипале муницијата. Историчарите проценуваат дека под власта на Леополд во Конго се убиени околу 10 милиони луѓе. Богатството собрано на овој начин му овозможило на Леополд градење на величествени градби во Белгија. Неговите наследници владеат и денес, статуите на Леополд Втори ги красат јавните простори, но за Конго не се учи во белгиските школи. Ова е сѐ уште табу тема во Белгија.

На почетокот на дваесеттиот век се случил веројатно најдлабокиот потрес во животот на Европејците - дошло до промена на односите помеѓу мажите и жените. За родителите на малиот Жак животот во рамките на традиционалните граѓански родови улоги бил лесен, но тоа не важи за Пјер и Жана. Платата на фабричкиот работник не е доволна да го прехрани семејството. Жените се вработуваат во фабрики и почнуваат да се организираат. Успехот на британските суфражетки кои се избориле за право на глас бил незамислив без текстилните работнички од северот на Англија.

Жените заработувале пари (кои според законите на многу земји им припаѓале на нивните мажи), работеле и раѓале малку деца. Сексуалноста и раѓањето се одвоиле, за што голема улога имал уште еден индустриски производ - кондомот од вулкализираната гума (повторно Конго). Значи, жените и пред 1914 ги довеле во прашање патријархалните структури. Тие првпат во историјата имале пристап до образование, на универзитетот во Цирих веќе добивале дипломи, додека во Виена им бил ускратен уписот на факултет, и барале, покрај правото на глас, и коренити општествени промени.

Феминистките како Австријката Роза Мајредер укажуваат на тоа дека традиционалните машки квалитети го губат значењето во индустриското општество. Мажите стануваат несигурни и реагираат агресивно. Никогаш порано на улиците не се видени толку униформи, ниту имало толку двобои, огласи за третмани кои ветувале излекување од „машките болести“, „нервните слабости“ и „нервозните“ мажи по санаториумите и болниците.

Машката несигурност на почетокот на векот се искажувала на повеќе начини.

Падот на наталитетот, особено меѓу граѓанските слоеви, бил жешка тема која ги наведувала учесниците во расправата на тврдењето дека „ниската класа“ и обоените наскоро ќе ги протераат „цивилизираните белци“ во колонии. Тоа е дебата која и денес одѕвонува во повремено хистеричната полемика за наталитетот на муслиманските емигранти и падот на плодноста на мажите во индустрискиот свет.

Стравот меѓу мажите бил реакција на новата самодоверба на многу жени, но и одговор на брзината со која се менувал светот. Забрзувањето, општествените превирања, стравот и вртоглавицата биле постојани теми во периодот од 1900-1914 година.

Жак-Анри Лартиг бил разочаран кога ја развил фотографијата на тркачкиот автомобил број шест. Чкрапалото било пребавно, неговото движење пренагло, а сликата необично искривена. Дури шест децении подоцна, кога Лартиг веќе станал славен фотограф, оваа заматена снимка станала симбол на една епоха. Во време кога стариот свет бледнее, а новиот незадржливо надоаѓа, оваа слика била совршен, иако неволен израз на тоа чувство.

Прекрасниот нов свет од 1914 година потсетува на нашата стварност. Во големите градови се раѓа масовно општество кое нуди бројни нови можности за чии предизвици многумина не се дораснати. Со модерниот живот стигнаа и болестите на модерната - стотици мажи и жени се жалат на стрес и исцрпеност во светот кој станува сѐ поанонимен, побрз и посуров.

Нашиот свет и голем дел од неизвесноста која ја чувствуваме произлегуваат од откритијата, уверувањата и промените во текот тие многу креативни петнаесет години на почетокот на минатиот век. Остатокот од дваесеттиот век е само понатамошен развој на овие потенцијали, некогаш величествени, а некогаш застрашувачки. Од втората европска триесетгодишна војна (1914-1945) до глобализацијата, од атомската енергија до потрошувачкото општество, од европското соединување до феминистичката револуција - ние сме наследници на дивата преобразба што Европа ја доживеа на почетокот на дваесеттиот век.

Извор: Der Standard
Фотографии: Жак-Анри Лартиг

ОкоБоли главаВицФото