1022 hPa
71 %
10 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 15:59
Архиварката Мирјана Јуриќ од хрватскиот државен архив темелно ги прегледа новинарските текстови од пред сто години, и сето тоа за потребите на научната работа, за да дознае како се живеело во главниот град на Хрватска за време на Првата светска војна. „Од една страна, во весниците има вести од војната, „величење“ на нашите јунаци и повици за помош. Од друга страна, тука се и вестите за кражби, скапотија, просјачење, губење на надзорот врз децата и катастрофалната социјална ситуација во Загреб“, вели Мирјана Јуриќ во разговорот за Дојче Веле.И самата зграда на архивот во која разговаравме е пуштена во употреба непосредно пред војната, во 1913 година. Годината, како Кралски архив.
Војната, според зборовите на нашата соговорничка, во Загреб предизвикала целосна блокада, од економска до сообраќајна. Во градот, раскажува таа, шетале многу војници кои во голем дел се препуштиле на скитништво. За време на војната дополнително пораснал и бројот на просјаците- инвалиди. Имало малку полицајци зашто повеќе од половината од нив завршиле на боиштата. „Состојбата била лоша од безбедносен аспект“, вели Јуриќ исчитувајќи ги пожолтените статии од тогашниот печат, кои сведочат за енормен број крадци на улиците, од сите возрасти.
Мирјана Јуриќ
Бедата и претераното „терање мода“
За сиромаштијата, вели, може да се зборува од две спротивставени позиции. Оние кои биле сиромашни, во војната го допреле дното на сиромаштијата.
„Кога градското осветлување ќе се намали на четвртина, и улиците ќе потемнат, настанува нов ноќен живот. Од влажните и подземни станови излегуваат луѓе и жени, босоноги и распарталени деца носејќи корпи. Наскоро на плоштадот Јелачиќ ќе се направи поворка која ќе стане сè подолга и подолга. Веќе е полноќ, а во редот стојат 300 луѓе. И ќе чекаат до шест наутро“- со овие зборови се опишуваат редовите во кои цела ноќ се бдеело за во центарот на градот да се дочека килограм компир.Весниците за време воените години се полни со такви статии, објаснува нашата соговорничка, но додава дека истото се случувало и со статиите кои го опишуваат животот „на висока нога“.
„Во нашиот град госпоѓите никогаш не терале таков луксуз како до сега. Оној што ќе ја види елеганцијата на дамите кои шетаат по Зрињевац или Илица, тешко можат да сфатат од каде им е волјата на ќерките, сестрите, свршеничките и жените на нашите војници кои се постојано во смртна опасност, така да се китат. Странците кои доаѓаат во Загреб велат дека никаде нема таков депласиран и претеран луксуз во облекувањето.“
Исечок од „Илустриран весник“, 1916 година
Покрај сево ова, Првата светска војна била период на многу важно дејствување на Католичката црква.
„Би истакнала два успеси на каритативен план. Социјалното старателство доби своја законска рамка. Бројни запуштени деца се вдомени во католичките семејства. Тоа била соработка меѓу црковната, школската, судската, управната власт и сите каритативни друштва. До тогаш не постоела никаква институционална помош. Друг успех на црквата е што ги удрила темелите на Каритасот каков што денес го знаеме во Загреб“, вели архиварката Јуриќ. Секојдневно се одржувале хуманитарни концерти. „Нема да можете да верувате. Ги имало во толкава мера што дошло до исцрпување на граѓаните, за што сведочат статиите од средината на 1916 година.“
Вработени мајки и запуштени деца
Тоа е време кога семејството доживува траума. Мајките и вдовиците се принудени да најдат работа и да работат, а децата ги оставале дома. Вдовиците ги преземале работните места на своите сопрузи во фабриките. „На пример, жените на загинатите кондуктери и поштари се повикани да работат на нивните работни места“, раскажува архиварката Јуриќ. Меѓу останатото, жените ги одржувале улиците и патеките, биле ложачи на железниците, ги чистеле шините од снег и ја истоварувале стоката од вагоните“. „Во јавните работилници работеле за војниците. Шиеле, штиркале чорапи, капи и ракавици. Истовремено, постоел и стручен надзор на учителките над нивните деца“.
Исечок од „Илустриран весник“ од 1916 кој зборува за животот во Загреб
Но, за жал, не биле сите деца згрижени и под надзор, па токму тие станале еден од најголемите проблеми на Загреб во годините на Првата светска војна.
„Татковците биле во војна, мајките работеле, а училиштата заради недостиг на јаглен и штедење на гас, биле затворани“, наведува Јуриќ, истовремено цитирајќи ги статиите кои опишуваат дека „голем број од децата се лизгаат, санкаат, крадат, просат, пијат по кафеани и одат на рингишпил, а имаат чевли и би требало да одат на училиште“. Распуштените и запуштените загрепски деца ги навредувале минувачите, фрлале камења, кршеле излози и ги посетувале кинематографите.
Борба за „запуштенички“ права
Проблемот, вели нашата соговорничка, ескалирал до таа мера што Владата, одделот за веронаука и настава (претходник на денешното Министерство за образование), во 1916 година организирала Конференција за заштита на младите на која е утврдено дека главен проблем на запуштените деца е - алкохолот и скитањето. Колку тие деца биле организирани зборува и податокот дека самите на себе, меѓусебно си упатиле покана за собир против против споменатата конференција.
„Другар патник, по повод зачестените анкети и божемните конференции против запуштеноста на децата, значи против нас, повеќе од потребно е да се чуе и нашиот глас. Ајде другар, не жали ни трошка труд за состанокот врз основа на член 2 од Законот право на собирање кој ќе се одржи на 13 јули на Тушканац на игралиштето за фудбал. Ако си свесен, другар, за своите свети запуштенички права, дојди на состанокот за да го кренеш гласот за своите загрозени права.“
Архиварката Јуриќ објаснува дека од тој повик сепак биле изземени децата помлади од четири гоидни, но тоа не значи дека 4-годишниците не сакале да се појават на собирот, па така е забележано и дека извсен Јурица Патачек е оддалечен од собирот поради недоволен број години.
Инвалидите, вели Јуриќ, биле проблем сличен на запуштените деца. „Од новинските статии воочлив е афирмативниот пристап. Се собирале пари, се пишувало дека може да им се помогне да станат работоспособни, рекламирани се книги како 'Како им помагаме на сите наши инвалиди' од авторот Божидар Спишиќ, а приходот од продажбата бил наменет за Ортопедската болница и Инвалидската школа.“ Сепак, факт е дека по рехабилитацијата, никој не се грижел претерано за нив, па така често завршувале на улица и станувале просјаци. „Уште сега можат да се видат како секој ден минуваат цели чети просјаци, особено инвалиди без раце и нозе“ - е само еден од описите кој сведочи за тоа дека тогашната држава сепак не успеала да се погрижи за настраданите во војната.
Фотографиите од загрепските улици сведочат за големата сиромаштија и бедата на жителите на градот
Крлежа: Жените страдаат во молк
Архиварката Јуриќ како илустрацја на разореноста на семејството и тешката положба на жените во Првата светска војна го издвојува текстот „Како живеат сиромашните во Загреб“ на големиот хрватски писател Мирослав Крлежа, тогашен хроничар на весникот „Народна заштита“. Така, Крлежа го опишува загрепскиот живот во кујните со зачадени печки и садови со валкана вода. Во таквите кујни и по шест деца спиеле во една постела, а скршените прозорци биле залепени со стари весници, додека кокошките чепкале по валканиот под. Луѓето биле бледи, а децата гушави, рахитични и кашлале.
„Во таквите кујни живеат илјадници вдовици, мајки, жени, баби, тетки, љубовници и бедници кои, како некакви болни сенки, штом ќе зазори одат во фабриките. Така живеат илјадници жени во 'белиот град Загреб'. И сите тие слугинки и работнички и кондуктерки, сите тие илјадници кутри жени кои не печат леб бидејќи немаат брашно, туку јадат црни кнедли. И салата, додека ја има. А потоа ништо. Сите тие илјадници во кујните, поткровјата, пивниците и бараките, сите тие жени страдаат во еден ужасен молк.“
Така Крлежа ја опишува тешката положба на жените кои морале да преживеат и да ги прехранат децата во услови со какви што никогаш претходно не се сретнале. Иако хрватските историчари и денес ги пребројуваат жртвите од Првата светска војна, за жал, ретко кој во нив ќе ги брои и тие „мајки, жени и баби“.
Сродни статии:
Националната шизма во сенка на Големата војна
Турски поглед на Првата светска војна
Албански поглед на Првата светска војна
Извор: Deutsche Welle