Кога Босна?

16.01.2014 15:59
Кога Босна?

Ние би сакале да е поинаку, ама просто не е: нема ниту еден настан по кој Сараево и Босна и Херцеговина се повеќе познати од она што се случило на Видовден пред сто години, кога Гаврило Принцип, 18-годишник од Обљај кај Босанско Брахово, го убил австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд, и по грешка, неговата бремена сопруга Софија. Двете убиства на тој дваесет и осми јуни 1914 се искористени како повод за Првата светска, дотогаш најкрвава од сите војни. Секако, не биле причина: и помали војни не почнувале преку ноќ и без она што со јазикот на нашето време се нарекува долготрајна криза во меѓународните односи.

Историчарот Твртко Јаковина еднаш рече дека за историјата и нејзините актери не може да се зборува и суди според критериумите на денешницата. Во тој случај, вториве би биле тотални кретени, додека првото би останало неразбирливо без контекстот, или - што е премногу често на Балканот - фактите би им го отстапиле местото на симпатиите. Таа теза е проверлива токму врз примерот на Сараевскиот атентат и односот кон Млада Босна, и Принцип како нејзин, на крајот, најпознат член, младич на прагот на осумнаесеттата кого неверојатниот збир на случајности на тој дваесет и осми ден од месецот јуни го довел до смртна пресуда. Двата истрела го означиле почетокот на неповратните промени во Европа: за само неколку години исчезнуваат две империи, Австро-унгарската и Отоманската, настануваат Советскиот сојуз и југословенското Кралство, ливада преку која денес минуваат широки патишта натопени со крвта на милиони војници, загинати во исцрпувачките рововски битки на кои нѐ потсетуваат само уште спомен плочите зарсаснати во трева.

Се навршуваат сто години од Атентатот и Сараево во летото оваа 2014 година повторно ќе биде центар на Европа, барем на кратко; Европа во која се печатат зборници за тој јуни 1914, се продуцираат претстави, се одржуваат расправи... Имено, се одбележува годишнината од нешто големо, а таквите големи настани бараат многу повеќе од пригоден коктел и спонзорирани получасовни телевизиски емисии. Сѐ на овој свет се променето за тој еден век, освен Босна и Херцеговина: и понатаму тоа е комплицирана, сложена држава во која еден проблем раѓа друг, нема решенија на повидок, додека австриските управители, некогаш Оскар Потиорек, денес Валентин Инзко - теоретичарите на заговори би нашле некаква врска во тоа што првиот умрел, а вториот е роден во Клагенфурт - ги губат нервите со тие изопачени народи неспособни да се договорат за што било покомплицирано од тоа на која страна на светот изгрева сонцето.

Така, значи, еден јубилеј убаво послужи Сараево и Бања Лука да се скараат, разидат, и колку што е можно да се одвојат. Зборуваме за сегашното време, да нема забуни. „Градот Сараево заедно со Франција (главниот иницијатор) и Австрија, Германија и Велика Британија, а веројатно ќе им се придружат и земјите од регионот, ќе учествуваат во културниот настан со име 'Сараево 2014' по повод одбележувањето на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна. Предвидена е содржајна програма со културни, меморативни, научни и спортски манифестации и други проекти кои би требало да се реализираат од 21 до 28 јуни 2014 година, рече пред стотина дена градоначалникот на босанскохерцеговската престолнина Иво Комшиќ. „Од нашите претставници во телата на власта на БиХ бараме да не учествуваат во таа манифестација и да оспорат какво било вклучување на телата на власта на БиХ во организирање на оваа манифестација... Со оглед на тоа кој е главниот организатор и каде се одржува оваа манифестација, нема сомнение дека таа, како и во повеќе наврати до сега, ќе има цел да ја прекрои историјата што несомнено ќе претставува нов пропаганден напад врз Србите, посебно врз Србите во Република Српска... (...) Во целост оспорувам дека овие два историски настани можат да се засноваат на исти претпоставки и претпоставувам дека овде станува збор за антисрпски план“, возврати со писмо и придружни појаснувања претседателот на РС, Милорад Додик, најавувајќи републичкосрпска прослава во Андриќград, грозотијата покрај Вишеград на Емир Кустурица.

Историските факти во Босна се почитуваат онолку колку што им е употребната политичка и идеолошка вредност, па така и за Сараевскиот атентат, зависно од позицијата од која се зборува, се говори баш како да се случило завчера, како Принцип да бил полковник на Војската на Република Српска, а Франц Фердинанд претседател на Претседателството на БиХ изгласан на избори. За Србите е така и во случајот на Млада Босна, без разлика како се викала - а не се викала Млада Република Српска - Принцип се прикажува преку неговата народност, додека се премолчува дека се декларирал како Србо-Хрват, својот јазик го нарекувал хрватско-српски, верувал во единството на тие два народа, но не и во бог...

Во Сараево, еве, дваесетина години се заборава дека Франц Фердинанд не дошол како турист, туку во инспекција на окупаторските сили, дека бил приличен манијак и дека за односот на таа империја кон босанските муслимани не може да се зборува преку приказната за модернизацијата и воведувањето на трамвајски сообраќај. Да, секако дека Принцип во таа поделба на улогите е негативец, великосрбин кој пукал во бремена жена - а не пукал, туку ја погодил случајно - и во еден фин виенски господин. По повод стогодишнината од атентатот, чисто за да биде лудилото поголемо, предложено е и враќање на споменикот на престолонаследникот, кратко време поставен во близина на знаменитите стапки на Гаврило Принцип, дело на Воин Димитриевиќ и веројатно најоригинално обележје на еден актер од историјата.

Да се тврди дека без Сараевскиот атентат не би се случила Првата светска војна, е подеднакво несериозно како да се толкува тој настан од денешен, емотивно-политички дискурс. Меѓутоа, зборуваме за Босна и Херцеговина, земјата во која, да речеме така, историјата е трајна состојба, додека односите меѓу нејзините народи се такви што денес Гаврило Принцип не би пукал во Фердинанд туку во себе. Со вакви народи и со нивните елити, самоубиството, да го парафразираме Андреј Николаидис, изгледа како happy end. По можност - колективно.

Извор: www.novossti.com

ОкоБоли главаВицФото