Замок

28.06.2014 13:32
Замок

Како момче во сончевиот Мостар мислев дека во централна Европа секогаш врне. Навистина, врнеше кога од Прага појдов да го посетам замокот на Франц Фердинанд. Влечејќи ја опашката по дождот паунот исчезна во влезот. Атмосферата на дворецот Конопиште ме потсети на австроунгарските пошти и болници во Босна. Замокот е споменик на љубовта на сопственикот за „највитката жена во царството“. Без благослов на царот, со хиерархиски разлики помеѓу Франц Фердинанд и Софија Хотек, нивниот брак бил морганатски. Децата не можеле да ја наследат круната. Дворското виенско друштво не ја прифаќало жената на надвојводата и Конопиште станало нивно прибежиште. И покрај големото богатство на Фердинанд, наследено од семејството на мајка му Д’Есте, дворот бил уреден неспектакуларно. Во Конопиште се сетив на изјавата на Музиловиот Улрих дека многу летниковци кои ги посетил биле помодерни од царскиот двор. „Тоа се паланчани“, рекол еден пријател на Чехов за руското царско семејство.

Мустаклестиот, светлоок Фердинанд се родил надарен со мајчиниот убиствено-колекционерски нагон. Светец заштитник на Конопиште бил Свети Хуберт, патрон на ловот. Во дворот се изложени три илјади трофеи - еден отсто од животните кои Франц Фердинанд ги убил за време на својот живот. Престолонаследникот пукал и пукал. Убил сто илјади животни за десет години. Во просек убивал по четириесет животни дневно. Бидејќи хајкачите го гонеле дивечот, често не ја ни полнел пушката. Понекогаш пукал од кревет. Личен рекорд му било убивањето на две илјади сто деветесет и осум животни во еден ден.

Антилопите од Индија и европските бизони од Полска зјаеја во собата на надвојводата. Мечките застрашувачки се смееја. Се ширеа крилата на орлите и чапјите. Ѕидовите ги красеа оклештени лисици и безбројни рогови од срндаци. Целиот таван го покриваа лепези од опашки на тетреби. Други тетреби со извиени вратови немо кукурикаа во вечноста.

Недатирана фотографија од Франц Фердинанд со убиен слон, Цејлон.

Со песочест звук дождот го засипуваше автомобилот додека возев да ја посетам ќелијата на убиецот на Франц Фердинанд, Гаврило Принцип, во Терезин. Во таа ќелија дваесетгодишникот секоја вечер го оковувале за ѕидот и тука издивнал. Голема фотографија го претставуваше младичот со вжарени очи и истурена брада. Црнорачниот мајор Танкосиќ го сметал за премногу таинствен за да му ја подари својата доверба. На Принцип не му верувале, а во што верувал тој? Верувал во светска револуција, после која секоја народ минува низ „национална фаза“. Верувал во југословенството. Верувал дека би требало да го запалат на крст, за неговото запалено тело да биде „патоказ“ за неговиот народ на патот до слободата. Како што Маринети верувал „во убави идеи кои убиваат“. Кога судијата го прашал дали верува во бог, тој одговорил: „Јас верувам во сѐ.“ Принцип пишувал стихови под влијание на Витман. Еден стих гласи: „Би сакал да живеам други животи“. Друг: „Би сакал да ми се роди дете.“

На 28 јуни 1914 година во Сараево, Принцип го убил Франц Фердинанд и неговата бремена жена. Последните зборови на надвојводата биле: „Тоа не е ништо.“ По цели сто години дилемите ги надживеаја атентаторот и убиениот. Дали Принцип пукал во прогресот? Дали тој симболично пукал во Рилке, Фројд и Климт? Дали пукал во хиерархиските разлики меѓу луѓето и народите? Дали неговиот истрел бил обид одеднаш да се влезе во Замокот на кафка? Франц Фердинанд од неговиот убиец го делеле стотици хиерархиски нивоа. Би можело да се каже дека тие двајца луѓе ги обединувала само смртноста... А меѓу нив можеле да се најдат и некакви сличности. И двајцата биле туберкулозни во времето на туберкулозата и местото им било на „Волшебниот рид“ на Томас Ман, само што надвојводата немал време за Давос, а заговорникот пари.

Спомен-плочата пред самицата во затворот во Терезин каде бил затворен Гаврило Принцип.

Во романот „Сто години самотија“ на Маркес убиениот Пруденсио Агилар во смртта станал толку осамен, што го засакал својот убиец Хозе Аркадио Буендија и доаѓал да се дружи со него. На овој свет Принцип и Фердинанд не можеле да се сретнат ниту имале што да си кажат еден на друг. Замислувам како на другиот свет тие двајца играат шах. Во посмртниот разговор, кој не може да се прислушкува, усните напразно се движат, како во нем филм. Светлите очи на надвојводата тонат во длабоките очи на заговорникот.

За што би можеле на небото да разговараат двата симбола кои некогаш биле луѓе? За настаните кои како домино се наредиле независно од нив? Кајзерот Вилхелм не го обновил договорот за ненапаѓање со Русија. Со формирањето на срдечната Антанта и германско-австриската алијанса, Европа се нашла поделена на два блока. Германија, која многу Французи ја сметале за источна земја, посакувала колонии и животен простор на исток. Дошла и алхесираската криза и Теодор Рузвелт ја посредувал. По атентатот Европа тргнала во војна како на свадба. Тешко е да се поверува во детската радост на луѓето забележани на филмовите во Лондон и Берлин, Париз, Виена и Москва. Како последица на таа радост, младоста на Европа е убиена во крвава кал. Само на поворката на француските мртовци ѝ биле потребни 23 часа да помине низ Триумфалната порта. Царството кое Фердинанд требало да го наследи се распаднало. Државата на која Принцип сакал да ѝ го осветли патот до слободата изгубила една третина од машкото население.

Гаврило Принцип го спроведуваат на судење поради атентатот врз Франц Фердинанд

Дали сите тие Англичани, Французи, Германци и Руси пеејќи се фрлиле во војна поради еден надвојвода и еден заговорник? Американскиот писател Синклер Луис верувал дека луѓето кои побрзале во Првата светска војна бегале од своите пропаднати бракови, од работите кои ги мразат, од своите промашени животи. „Војната со која ќе се завршат сите војни“ бесповратно ја потресла европската вера во прогресот и хероизмот од времето на туберкулозата. Подоцна ароганцијата на Версај довела до понижувањето од Минхен. Уште подоцна Терезин станал концентрационен логор, а Конопиште центар на Гестапо. Уште подоцна, во крв се распадна државата која ја сонувал Принцип. „Све због љубави, нада убави“ (само љубовта дава поубави надежи?), објасни еден гимназијалец од Требиње во песна во слава на атентатот.

Извор: Време 703, јуни 2004 година

ОкоБоли главаВицФото