Јелена сараевска

29.06.2014 13:51
Јелена сараевска

Калифорнискиот новинар Дејвид Де Вос во магазинот Смитсонијан во месец август 2000 година објави долга статија под наслов „Во потрага по Гаврило Принцип“. Во интересната реконструкција на приказната за Сараевскиот атентат, Де Вос разговарал со директорите на сараевските музеи, универзитетски професори, амбасадори и живите членови на семејството Принцип. Од сите изјави на неговите соговорници, најинтересна е онаа на 97-годишната старица Љубица Тута: „Имав единаесет години кога Гаврило го уби надвојводата, но ја познавав неговата девојка Јелена Милишиќ. И двете предававме во сараевската Прва гимназија во 1946 година. Јелена и професорот по историја на уметност Борислав Михачевиќ беа младобосански револуционери како и Гаврило. Боро знаеше да ја задева Јелена во врска со ноќта која ја поминала со Гаврило во паркот кој само реката го дели од местото на атентатот. Гаврило очајнички сакал да води љубов, но Јелена рекла - не. Дури и кога рекол дека утре најверојатно ќе умре, таа не попуштила. Боро рече дека Гаврило утрото на 28 јуни бил толку лут што би пукал и во самиот Бог“

Јелена! Човек би помислил дека за Сараевскиот атентат е кажано сѐ што може да се каже, а потоа наидува на ваков податок. Пред седум-осум години во мојата прва книга за симболиката на фактот дека атентатот е извршен на Видовден, пишував своевиден балкански Тишебов, за она совпаѓање, фактот дека во името и презимето на атентаторот на чуден начин се здружуваат божјиот ангел и Макијавели, за втиснатите стапки крај мостот како иронија спрема Бонивар - шионскиот заробеник. Меѓутоа, тогаш не знаев за Јелена. А Јелена ѝ дава на приказната за Првата светска војна некои сосема нови слоеви, онака, борхесовски. Зашто, како Тројанската војна, и Првата светска војна, започната во Сараево, имала своја (Ј)елена, Јелена сараевска. И таа војна е имала женско лице that launch'd a thousand ships, како што вели Кристофер Марлоу.

Во историските книги војните избиваат поради економски причини, поради нерамноправна распределба на колониите (како тие да се џамлии, а не земји во кои живеат човечки суштества), поради менување на границите, поради богатство, територија, различни помалку или повеќе навидум рационални причини. Но ништо тука всушност не е рационално и затоа илјадници години подоцна единственото што преостанува е приказната за убавината. Зошто е запалена Троја? Зошто пропаднале царствата: Хабсбуршкото, Отоманското, Руското? Зошто Србите ги оставале коските по Албанија, Хрватите по Галиција, Босанците во Сочи? Белградските, загрепските и сараевските учебници од кои грешните деца учат и бубаат ќе понудат некакви високопарни одговори. Меѓутоа, нема вистински одговори. Зошто е убиен Патрокло? Зошто Ахил го влечел мртвото тело на Хектор? Зошто е силувана Касандра? Зошто се убиени старецот Пријам и малото дете Астијанакт? Во оваа приказна денес повеќе нема слободарска пропаганда и педагошки толкувања на народното херојство и достоинство. Сѐ се случило поради женската убавина, поради Елена тројанска, да не речам поради Дијана Кругер, поради онаа која Парис ја грабнал од Менелај. Еднаш можеби и приказната за Сараевскиот атентат, за големата војна започната во Сараево ќе биде само приказна за женската убавина и убавата Јелена. Еднаш можеби валканите битки ќе станат пресметки на јунаци. Еднаш можеби и скитањата и враќањата на полудените и осакатени војници ќе станат патешествија по рајски убави острови населени со чудовишта и заводливи убавици. Сето тоа народот ќе го позлати.

Тројанската воја ни ги остави Илијада и Одисеја. Зад Првата светска војна, војна започната во Сараево, меѓу останатите, останувааат песните на Георг Тракл („Гродек“), на Вилијам Батлер Јејтс („Ирскиот пилот ја насетува својата смрт“), Зигфрид Сасун („Напад“), Вилфрид Овен („Dulce Et Decorum Est“), Руперт Брук („Мртви“), расказите на Мирослав Крлежа („Битката кај Бистрица Лесна“), Франц Кафка („Во колонијата на казнетите“), Ернест Хемингвеј („Во друга земја“), романите на Томас Ман („Волшебниот рид“), Јарослав Хашек („Доживувањата на добриот војник Швејк“), Вилијам Фокнер („Платата на војникот“). Останува и романот во кој токму со големата војна завршува историјата на вишеградскиот мост, „Мостот на Дрина“, роман од перото на уште еден младобосанец - Иво Андриќ, а сѐ поради Јелена, жената која ја нема.

Извор: Градац, 175/177, 2010 година

Слики: Сцени од Сараево во 1915 година, архивска снимка на Би-Би-Си

ОкоБоли главаВицФото