На Сараево не му треба споменик на Франц Фердинанд!

28.11.2013 14:58
На Сараево не му треба споменик на Франц Фердинанд!

Почитуван министре Хреновица, почитуван градоначалнику Хаџибајриќ,

Овој пат Ви се обраќам по повод шокантната вест, а тоа е дека сте договориле издвојување на 30.000 КМ (околу 15.000 евра) за изградба на споменик на австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд.

Веста е шокантна од повеќе причини, па како млад политолог и историчар, но првенствено како граѓанин на Сараево, ќе Ви образложам зошто е тоа шокантно, и зошто Франц Фердинанд не заслужува споменик во Сараево, НИКАКО, а особено не сега во време на економска, социјална и политичка криза, за која со овој чин само ќе придонесете.

Првенствено е важно да се разјасни кој бил Франц Фердинанд. Франц Фердинанд бил хабсбуршки надвојвода и престолонаследник. Фердинанд бил реакционер и германски расист, а целта на неговата посета на Сараево била воена вежба за застрашување на Србија и подготовка за империјалистичка војна, како единствен излез од тогашната светска криза на капитализмот. Неговите националистички сфаќања се очитуваат во неговите записи: „Јас сум сосема сигурен, дури би можел да се обложам, дека во оној миг кога ќе им се стави крај на тие срамни унгарски интриги (што сосема лесно може да се направи, бидејќи Унгарецот е вистински Хун и Азијат кој секогаш се фали, но се предава штом против него се преземе енергична акција)“ и Словените ќе престанат со своите жестоки јуриши и повторно мирно и послушно ќе им се покорат на културно супериорните Германи“.

Овде се наѕира промоцијата на таканаречениот „научен расизам“, според кој колонијализираниот народ на тие подрачја се става во положба на инфериорна раса, и така се оправдува колонизацијата и империјалните походи, за тие инфериорни народи да се „цивилизираат“.

Тоа е првата причина поради која Вие не би требало да подигнете споменик во Сараево, т.е. причина поради која на Сараево не му треба споменик на окупаторот. Кој воопшто слушнал една земја да му подигне споменик на окупаторот?!

Втората причина е историскиот ревизионизам за кој би придонеле со овој чин.

Со овој чин ќе ја продолжите праксата во повоена Босна и Херцеговина, според која Франц Фердинанд е прогресивен престолонаследник и невина жртва, заборавајќи притоа на неговиот национализам, расизам и окупаторскиот карактер на Австроунгарската монархија, а Гаврило Принцип е еден обичен големосрбин, терорист кој го убил невиниот Франц Фердинанд и неговата жена, заборавајќи ги и/или намалувајќи ги притоа идеите и прогресивните размислувања на самиот Принцип и организацијата Млада Босна.

Бидејќи Вие работите како службеници во Министерството, и како градоначалник на една општина, имајќи на ум дека примате плати од државниот буџет, кој се полни со пари од даночните обврзници, го користам своето право да барам наведениот споменик ДА НЕ СЕ ИЗГРАДИ, бидејќи немате право да ги пропагирате ставовите на Франц Фердинанд и да го величате окупаторот.

Ваквото однесување е недостојно за еден службеник, бидејќи не придонесува за објективна научна анализа, туку придонесува само за историскиот ревизионизам, покажува незнаење и служи за лични интереси и собирање политички поени.

Извор: radiosarajevo.ba

ОкоБоли главаВицФото