Рокхејвен - првиот феминистички санаториум

21.09.2015 18:52
Рокхавен - првиот феминистички санаториум

Рокхејвен, некогашното успешно прибежиште за оние со немирни мисли, е основано во 1926 година. Стана познато како првата хумана институција за здравствена заштита на луѓето со „лесни ментални и нервни нарушувања“, основана од страна на жените за жените.

Напуштен од 2006 година, се руши во тишина, исчекувајќи ја неизвесната иднина, како неговите поранешни станарки. 

Рокхејвен го основала Агнес Ричардс, откако ја напуштила работата како медицинска сестра во една од најлошите и најсуровите американски психијатриски институции.


Ужасната, не само од нехуманите услови за живеење, структуралното насилство и злоупотребата на пациентите (тоа биле времиња кога за лезбејство, менопауза, хистерија, па дури и отстапувања од општествено наметнатите норми на женственоста, би можеле да завршите доживотно институционализирани), сфатила дека по приемот на пациентот/пациентката, не постоела никаква надеж дека и излечливата ментална болест ќе биде излечена.

Во меѓувреме овие пациенти добивале мизерен третман, често биле злоупотребувани и на крај напуштени од страна на членовите на семејството. Овие луѓе најчесто биле институционализирани од страна на машките членови на фамилијата.


Рокхејвен бил потполна спротивност на сето тоа. Агнес Ричардс создала едно смирувачко и опуштено место за живеење, кое дури и во сегашната напуштена состојба, повеќе наликува на одморалиште отколку на установа за ментални болести.

Нејзината цел била пациентите да бидат третирани со почит. Тие имале право на дневни посети, а местото било домаќин на многубројни годишни настани за време на кои семејството и пријателите биле поттикнувани да доаѓаат во посета, што е во целосна спротивност со политиките на другите институции.


Во понудата на Рокхејвен имало и терапија со уметност, патувања и професионална терапија. Треба да се напомене дека и таму се применувала инсулинска терапија, хидротерапија и терапија со електрошокови, но не се спроведувала на неконсензуален начин, како во другите институции.


Визуелните приказни на сега тивките простории на Рокхејвен, се главна тема на изложбата со наслов Санаториум, на Џејсон Хаус. Изложбата беше отворена во центарот на Лос Анџелес, од 13 август до 8 септември, и се состои од животите на стотици жени кои поминале низ просториите.

Целта на изложбата е „да се пренесе искуството на луѓето кои живееле таму и енергијата која останала“. Желбата на овој уметник е да се прикаже само мал дел од контекстот, без да се открива премногу, овозможувајќи му на гледачот, со помош на сопствената имагинација сам да си состави приказна.


Моментално институцијата е во сопственост на градот Глендејл, а конзервациската група Пријатели на Рокхејвен ја посетува секој месец, и има за цел да ја зачува, иако е под постојана закана од уништување, за изградба на профитабилни недвижности.

Тие сакаат ова место да биде признаено како историски специфичен простор, што потоа би го заштитило од натамошен развој и би ги овозможило потребните средства за негова реставрација според музејските стандарди.


Но, со или без официјалното признание од страна на конзерваторите, санаториумот има инзвонредна културна и општествена вредност, не само во историјата на американската медицина, туку, како што вели и Емили Ланиган од групата Пријателите на Рокхејвен: Рокхејвен е навистина важно место за женската и феминистичка историја, историјата на менталното здравје како и за Лос Анџелес и Холивуд. Дури и денес, жените со ментални нарушувања се маргинализирани и се сметаат за хистерични, па затоа вредноста на приказната за овој санаториум е непроценлива“.

Извор: voxfeminae.net

ОкоБоли главаВицФото