Светот e во депресија

03.04.2024 14:39
Светот e во депресија


Сè поголем број луѓе во светот се соочуваат со тешкотии од менталните болести како што се депресијата или фобиите. Во Германија, погодена е третина од населението, во САД, Турција или Мексико уште повеќе, а тој број се зголемува, се вели во Извештајот за ментално здравје.

Моментално, 31 отсто од населението во Германија е погодено од психички болести. Голем е бројот на болни и во Кина. Во САД, дури 40 отсто од населението страда од психички болести како што се депресија, анксиозност или нарушувања во исхраната.

Таков е резултатот од репрезентативното истражување на меѓународниот институт за истражување на јавното мислење, Ипсос. Истражувањето е нарачано од страна на германската осигурителна компанија AXA, а резултатите се објавени во Извештајот за ментално здравје за 2024 година.

Истражувањето опфатило 1.000 луѓе од секоја од 16 земји во Европа, Азија и Северна Америка за нивното ментално здравје. Споредено со 2023 година, забележливо е дека во повеќето земји состојбата се влошила во 2024 година.

Во Франција, Ирска и Мексико бројот на лица со ментални болести е зголемен за шест до седум отсто, во Турција за дури осум. Само на Филипините во 2024 година има помалку пациенти отколку една година порано.

Освен тоа, се чини дека менталното здравје е генерациски проблем. Особено често, младите на возраст од 18 до 34 години велат дека страдаат од психичка болест. Во Ирска, Турција и САД првенствено се погодени младите на возраст од 18 до 24 години. Меѓутоа, и во возрасната група од 25 до 34 години, САД и Турција предничат по бројот на ментално болни лица.

Според Извештајот, 43 отсто од сите испитаници на возраст од 18 до 24 години изјавиле дека се ментално болни. Најчести болести се депресијата, од која страдаат 22 отсто од испитаниците, а потоа анксиозноста, фобиите или посттрауматското стресно нарушување, од кое страдаат и 22 отсто од испитаниците.

Колку се постари испитаниците, толку поретки се психичките болести. Само 14 отсто од испитаниците на возраст од 65 до 75 години изјавиле дека страдаат од некое психолошко нарушување, како депресија, фобии и слично.

Но, постојат разлики не само во однос на возраста, туку и во однос на полот. Жените почесто од мажите пријавуваат дека се ментално болни. Ова се однесува на сите 16 земји во кои е спроведено истражувањето.

Ова истражување јасно покажува колку е важна професионалната помош во случај на ментална болест. Поголемиот дел од испитаниците во Германија (57 отсто) велат дека благодарение на стручната помош успешно се опоравиле од болеста.

Но, дури и во Германија четвртина од испитаниците (24 проценти) не прифаќаат професионален третман од психолози или психијатри. Само во Јапонија повеќе луѓе (25 проценти) не прифаќаат стручна помош во случај на психичка болест.

Според наодите на Германското здружение за психијатрија и психотерапија, психосоматика и третман на нервни болести, „менталните болести во Германија се меѓу четирите најважни причини за губење на здрави години од животот“. Покрај тоа, луѓето со ментални болести живеат во просек десет години помалку од остатокот од населението“.

Слика: Lo Cole

Извор: https://www.dw.com

ОкоБоли главаВицФото