Не плашете се од F дијагнозата

10.10.2016 19:33
Не плашете се од F дијагнозата

На ова место досега пишував исклучиво за политички теми. Овојпат правам исклучок зашто сакам да споделам нешто лично со читателите, а сепак општествено многу важно. Денес е Светски ден на менталното здравје. Еден единствен ден во годината кој медиумите и институциите им го посветуваат на луѓето со ментални пореметувања. Значи, нам, зашто и самата спаѓам меѓу нив. Со години водам војна против депресијата, во медицинските картони попозната како шифра F32.1. Понекогаш губам битки, но решена сум да ја добијам војната. Ѝ благодарам на Шемса Суљаковиќ за севременскиот стих.

Немам ништо паметно да кажам за другите ментални пореметувања, зашто не знам како изгледаат. Ќе кажам само неколку работи за депресијата, зашто е глобално најраспространета. Зашто, по кардиоваскуларните болести е втора по бројот на пациенти со смртен исход. Ако во својата околина имате некој кој е во депресија, ве преколнувам, не кажувајте му дека сето тоа е во неговата глава и дека само треба да се тргне. Навистина, депресијата е во главата, но има физиолошка подлога. Да поедноставам, до неа доаѓа кога одредени врски во мозкокот ќе се прекинат и најнеистражениот орган не добива серотонин. А кога ќе се прекинат тие врски, чувството е како некој да ви залепил лента преку уста, да ви ги врзал рацете, нозете и очите, па уште и ве пикнал во вреќа. Дали некому кој е буквално, а не метафорички така заробен, би му рекле сам да се избори, посилно да прета и да мрда за да се ослободи? Секако дека не. Е па, немојте да го правите тоа ниту со луѓето кои боледуваат од оваа болест. На нашите организми им недостасува хормонот кој овозможува да се тргнеме. Баш како што на дијабетичарите им недостасува инсулинот. И ним не би им рекле дека треба да се тргнат и потоа сè ќе биде ОК.

На оние кои страдаат од депресија исто така имам нешто да им порачам: одете на психијатар. Не плашете се од стигмата. Пијте ги лековите кои ви ги препишуваат точно онака како што ви ги препишале. Мали се шансите од прва да погодат кој лек ви одговара. Но, кога-тогаш, ќе ја погодат вистинската терапија. Не губете надеж само затоа што после првата проголтана пилула не ви е подобро. Ќе ви биде подобро за шест недели, ветувам. Знајте, сепак, дека тоа не е магична пилула која ќе ви ги реши сите проблеми. Ќе направи нешто уште подобро: ќе ве зајакне и ќе ве оспособи сами да ги решите своите проблеми, а со оние нерешливите (сите ги имаме) да се носите без страв. Има ли нешто поубаво од тоа да се изборите сами, да си речете себеси: ова е моја и само моја победа?

Знам дека повеќето од вас ја кријат својата дијагноза како змија нозете. Но, еве, се нудам да застанам на првата линија на фронтот и во име на сите нас да кажам дека сме нормални, функционални луѓе и дека сме посилни од т.н. нормални зашто секоја секунда од нашите болести е битка.

Не прифаќајте ја депресијата како да ви е лична особина. Не, тоа е само една досадна напаст која не ви дозволува да станете од кревет. Но, пукајте во неа од сите оружја. Таа не смее да победи, покажете ѝ на кого се намерачила.

Мојата борба е сè уште во тек и не знам колку ќе трае. Но знам кој ќе победи, зашто цврсто одлучив така. Држете се и не срамете се да побарате помош. И најважно: одете со мали чекори, не товарете си го на врат барањето што побрзо да ви биде подобро. Иако живеам од пишувње, не знам како со зборови да изразам сочувство, и - баш ми е гајле што звучи патетично - љубов за секој што го мачи оваа мака. Но, ете, знајте дека овде, зад тастатурата на која настанува овој текст, постои некој што мисли на вас и знае како ви е.

Извор: Vreme, 10.10.2016.
Слики: Artrake Studio (кадри од анимација)

ОкоБоли главаВицФото