Зошто не се убив

22.11.2018 02:47
Зошто не се убив

Некако ми успеа да се излечам од смртоносната болест. Од болеста што, според проценките на Светската здравствена организација, за помалку од две години ќе биде најчеста причина за смртта кај жените, а втора по ред во вкупната популација. Зборувам за депресијата.

Да се убиев, сите ќе зборуваа дека сум била енергична и сум имала планови за иднината. Ќе беа шокирани и изненадени, ќе тврдеа дека ништо не укажувало на тоа. Некои луѓе од мојата околина дури ќе речеа дека секогаш сум била насмеана. За неколкумина сум уверена дека би ги фатила параноја дека сум всушност убиена, а сѐ е наместено да личи на самоубиство. Можеби грешам, можеби не би било така, ама никогаш нема да дознаам од проста причина – не се убив.

Не се убив затоа што бев врвен измамник. Толку вешто криев од другите како се чувствувам, сѐ додека не останав без сили да се преправам.

Не се убив и затоа што пред својата депресија имав прилика да ја видам туѓата. Затоа што знаев што е и дека може да се излечи. Дури и кога имав чувство дека е невозможно и дека никогаш нема да помине, се терав себеси да мислам на двајца излечени луѓе што ги познавам. Кога ми се чинеше дека шансата за излекување е еднаква на чудо, се потсетував дека знам две чуда.

Не се убив, затоа што оној миг кога себеси си признав дека сум болна, им признав и на другите околу себе. Преживеав затоа што имав среќа – луѓето околу мене не го игнорираа она што го зборував и начинот на кој се однесував. Не ми велеа дека знаат како е, не живееја во заблуда дека е депресијата исто што и тешката тага. Мојата депресија никогаш не се манифестираше низ тага. Ме растажуваа ситуации што би растажиле и здрав човек. Мене депресијата ме тераше во страв, очај и разни други емоции што не можат да се опишат со еден збор. Не се убив затоа што најблиските ми повторуваа дека ме сакаат тогаш кога јас се мразев најмногу. Не се убив затоа што еден мој пријател, тогашен цимер, знаеше дека тоа што се карам со него и откачувам поради глупости – не сум јас. Знаеше дека е тоа болест и не крена раце од мене. Не се убив зашто за време на мојата депресија медиумите не пишуваа за самоубиствата вака како што пишуваат денес. Да пишуваа, нивните клик-бајт наслови сигурно ќе ме турнеа од врвот на солитерот во кој живеев. Не се убив затоа што тогаш кога ми беше најлошо, немав Твитер, место каде што луѓе со триесет и кусур илјади следбеници пишуваат дека е депресијата изговор на безвредни човечки битија, а не болест. И за тоа добиваат стотици лајкови.

Да се убиев, ќе оставев порака од само три збора: „Не можам повеќе“. Депресивните луѓе не се убиваат затоа што не сакаат да живеат. Се убиваат затоа што не гледаат друг начин да престанат да се чувствуваат така. Ќе се прашате: како? Искуството со депресијата не може да се прераскаже. Може да се долови само со метафори, никогаш докрај прецизни, метафори што потполно ќе ги разберат само оние што се исто така депресивни. Замислете дека на човек што нема рецептори за физичка болка треба да му опишете како е кога ќе си го фатите прстот на врата. Невозможно.

Кога ќе соберам сѐ, жива сум само затоа што имав среќа. Тукуречи, случајно. Меѓутоа, излекувањето не мора да зависи од среќата. Гледајте ги луѓето околу себе, пробајте да го видите светот онака како што го гледаат тие. Не отпишувајте ги лутите жени како „хистерични кучки“, не осудувајте ги девојките што живеат за излегување како „подивени ороспии“, не откажувајте се од пријателите што по стоти пат ви откажуваат во последен миг, иако одамна веќе сте се договориле да се видите. Не судете според себе и според тоа што вие мислите дека е исправно, туку размислете зошто таа личност се однесува така како што се однесува. Ако некој ви каже дека нему веќе никогаш нема да му биде добро, потсетете го на времето кога му било добро, па поминало. Гаѓајте го со логика: кажете му дека ќе помине и ова лошо, како што поминало и доброто. Ако ви каже дека сопствената иднина ја гледа исклучиво како црна, обрнете му внимание дека не е видовит. Прашајте дали предвидел дека ќе се чувствува толку грозно, па кога ќе каже дека не предвидел, речете му дека тогаш врска нема што го чека во иднината. Пратете му понекој линк со искуства од излечени, понудете се да тргнете со неа или со него на тој прв, најстрашен преглед кај психијатар. Чувајте му го стравот, ако се плаши дека во чекалницата ќе сретне некого кого го познава, ветете му дека ќе кажете дека вие сте тој што оди на преглед, а дека тој ви прави друштво. Снаоѓајте се како знаете, затоа што така спасувате нечиј живот и тоа не чиј било. Спасувате некој свој.

Јас сум жива. Многу лесно можев да не бидам. Жива сум затоа што имав кој да ми фрли појас за спасување кога се давев. На целата таа армија од семејството, пријателите, па и од случајни познаници не знам како да им се заблагодарам. Ама можам да ширам понатаму и да го понудам своето искуство, ако може некому да му биде сламка за спас.

Извор: www.vreme.com

Слики: Dawid Planeta

Слични содржини

Психологија / Живот
Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Психологија / Наука / Живот

ОкоБоли главаВицФото