1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:41
Далибор Талајиќ е гостин на книжевниот фестивал Друга приказна. На фестивалот ќе биде промовирано македонското издание на неговата книга „Мост над бурната река“.
„Оваа книга не е напишана за да поучува, не е напишана за да советува, ова е книга за родителската љубов.“
Далибор е татко на дете со тешкотии во развојот, на дете кое има тешкотии во социјалната комуникација. Неговата книгата е лична приказна на татко кој речиси хронолошки ги изнесува различните стадиуми на приспособување кон нови животни околности предизвикани од сознанието дека сопственото дете има проблем.
Делови од книгата, во неколку продолженија, ќе објавиме на Окно.
Еден краток пролог
На крајот, ова е приказна за мене.
За таткото.
Би сакал, воден од ова несакано искуство, да станев стручен, па така и да пишувам; или да успеам од сѐ да се оддалечам доволно за да можам да се соживеам со мислите и чувствата на својот син во толкава мера што ќе пишувам исклучиво за него...
Но како и да се обидував да размислувам за сето ова, можам да напишам приказна само за себе, за своето талкање низ проблемите на мојот син, за негирањето на очигледното, за паниката, за учењето, за духовната потрага, за сѐ до што успеав да дојдам за колку што можам повеќе да му помогнам на синот. За да му бидам колку што можам подобар татко, татко што му е достоен, кога веќе не ми е дозволено да бидам таткото што сакав да си го играм чекајќи го раѓањето на синот.
Оваа приказна настанува на предлог на една од бројните, прекрасни – да ги наречеме – Тети, кои се занимаваат со мојот син и му помагаат да го ослободи радосниот и моќен човек кој му ѕирка од очите. За нив ќе зборуваме по ред, како што ќе се појавуваат во приказната.
Понатаму, приказнава настанува и како уште еден мој обид од себе да дадам колку што можам повеќе информации, за можеби некоја нова да ми се врати. Токму на тој начин, всушност, доаѓав до сѐ што сознав досега. Волт Дизни, Моцарт, Супермен, Елвис, Брус Ли, Џими Станиќ, Исус... ги наведувам само овие бизарни мигови. Зашто покрај сето искуство што го имам, а верувам дека го делам со многумина, токму тие бизарни моменти станаа целата моја потпора и мој непресушен извор на инспирација и идеи за помош на мојот Мал Борец во неговата борба која трае и денес.
Сега е веќе јасно дека мојот син има проблем.
Проблем со кој деца не би требало да се носат. Не е фер кон нив. Не е фер ни кон нас, родителите, зашто ни ние не знаеме како да се носиме со тој проблем. Не знаејќи, често правиме и дополнителна штета...
Но, да почнеме со ред. Доста со општости.
За почеток, да ги наречеме нештата со нивните имиња.
Моето име е Далибор. Јас сум татко.
Мојот син се вика Радамес.
И има проблем...
***
Движење, смислено движење, насочено, прецизно. Движење како комуникација. Интеракција. Директна и илустративна. Една единствена личност можеше да ми каже како тоа истовремено да се рафинира и да се истражи.
Брус Ли!
За жал, до него не е можно да се дојде веќе долга низа години, но неговите мисли се запишани. Неговите техники се достапни. А постојат и луѓе кои ги знам, а кои многу добро го разбрале она што го зборуваше големиот Брус.
Еден од нив е Стрико Зоран. Мојот тренер по кунгфу. Сифу му беше титулата на тренинзите.
Многу ми се допаѓаше неговата дефиниција за борба. Тоа е комуникација во својот екстрем. Најдиректна можна. На спротивната страна на скалилото беше, да речеме, водењето љубов, исто така како комуникациски екстрем.
Борбата секогаш е кратка, јасна. Јасно е поставена целта од која било од спротивставените страни. И во борбата нема време за оставање впечаток. Нема лажење. За секого целта е борбата што поскоро да заврши. И секој во својата намера е целосно отворен и така на противникот му дозволува навистина да го запознае. Така, во борбата е јасно кој е итар, кој е мрзелив, дури и духовит, воздржан, неискрен... Сите особини на карактерот излегуваат на површина.
Се нема време да се биде што било друго освен искрен. Зашто во борбата интеракцијата и комуникацијата се екстремни. Опасни се.
И противникот се чита со нешто потполно несекојдневно – со допир. Интензитетот на контактот, брзината на измена на контактот на различни точки на рацете, нозете, торзата, активирањето на сите расположливи сетила, а сепак целосно игнорирање на говорот како комуникација, одеднаш ми се чинеше како многу привлечно средство за работа. Се разбира дека немав намера да започнувам никаква борба со Радамес, но одлучив да се обидам да употребам контролирани вежби, форми, кати – како и да се викаат – во работата со него, за можеби дополнително да го разбудам. И така го воведовме кунгфуто во нашиот живот.
И покрај сите прекари што ги собра, Радамес стана и Нинџа!
***
Иако ова е приказна за мене, Радамес е нејзиниот главен лик. Нема веќе да пишувам за својата духовна одисеја. Не сакам да скршнувам од темата. Ја спомнав затоа што и таа моја потрага навистина беше нужна за воопшто да можам и понатаму да му помагам на својот син. Некои работи беа надвор од досегот на моето сфаќање. Неговото врескање во тоа време беше премногу гласно за јас да можам да си ги слушнам сопствените мисли. Неговиот ѕид за мене беше премногу страшен. И јас морав да ја менувам својата парадигма за да можам воопшто да помислам на понатамошна борба. Морав да научам да го сакам уште повеќе. Морав помалку да се плашам од неговата болест. Со време, потрагата по таа и таква љубов ми пружаше средство за учење. И тоа е сѐ. Ми пружи нова мотивација, истрајност за која не знаев дека ја имам и нешто што не го очекував, а што ми беше неопходно: свирепост.
Превод: Душица Димитровска
Извор: Далибор Талајиќ - „Мост над бурната река“ (Темплум, 2023)
Белешка за авторот
Далибор Талајиќ е роден во 1972 година во Сараево, во семејството на оперската уметница Љиљана Молнар-Талајиќ. Бидеќи мајка му во 1975 година прифатила постојан ангажман во Хрватскиот народен театар во Загреб, истата година целото семејство се досели во Загреб. Во Загреб Далибор завршил јазична гимназија, а потоа и музичка академија во класата на проф. Јосип Тонжетиќ и така стекна диплома за професор по кларинет. Потоа десет години работел како професор во основното и средно музичко училиште на Златко Балоковиќ. Сепак, неговата љубов отсекогаш била цртањето стрипови; тоа се занимавал како самоук во текот на целото свое образование. Работејќи во музичкото училиште, почнал да гради и кариера на цртач. Од 2009 година, црта за најголемиот американски издавач на стрипови, Марвел. Живее и работи во Загреб. Активист е за освестување и информирање на општеството за проблемите на аутизмот.