Хајди во 21 век

31.08.2023 13:29
Хајди во 21 век

 

На 1 септември (петок) во 20 часот: претставување на Синиша Туциќ, добитникот на главната награда на осмиот книжевен фестивал Друга приказна.


Кога би правел претстава Хајди

Веројатно би напишал проект

И би аплицирал за средства

Во некоја швајцарска фондација

Што помага уметнички проекти.

По можност ќе треба да биде копродукција

На театар и здружение

Кои се занимаваат со положбата на лицата со попреченост.

Пред тоа ќе треба да го напишеме проектот.

Претставата вака би одела:

Тетка ја води Хајди кај дедо

А жена од селото ќе ѝ рече:

‒ Зошто го водиш детето кај стариот

Намќор, горе нема ни интернет ни вајфај!

Стариот ќе биде ординарен десничар,

а во селото ќе живеат богати хомофобни конзервативци,

во заостаната планинска средина среде Алпите.

Хајди во шталата под слама

Би го пронашла Петровиот USB или слушалки за смартфон.

Петар, козјиот командант,

Ќе биде селски хипстер

Кој со Хајди ќе оди на височинката,

А со време тој и Хајди ќе почнат да дуваат ганџа

И да слушаат реге

Без тоа да го знае дедото на Хајди.

Не треба да знае ни слабовидото бабче

За кое селаните зборуваат дека е лице со посебни потреби,

Веројатно неупатени во јазикот на попреченоста,

Кои термини се надминати.

Потоа еден ден пак би дошла тетката

И би ја одвела Хајди во Франкфурт кај Клара.

За среќа, Хајди од планинското село во градот би ја понела Петровата ганџа

Да дувне и да се сети на Петар и на планините кога ќе ѝ зафалат во градот.

При запознавањето со Клара пустото девојче од планина

Сигурно би добило укор од строгата и политички коректна Ротермаерка

Која ќе рече дека Клара нема никакви посебни потреби

И дека нејзините потреби се исти иако е во количка.

Клара е онеспособено лице или девојче со попреченост

Кое користи количка.

Ротермаерката би ја упатила Хајди кон адекватните термини.

Несвесно Хајди ќе ја демонстрира услугата персонална асистенција и право на избор

Кога со Клара ќе избегаат во град

И сè ќе кулминира со маченцата во стан.

Сепак, Хајди на крај, кога ќе се врати на планина

Ќе го научи политички коректниот јазик на попреченоста

И ќе ги исправа дедото и Петар кои и понатаму би ги употребувале изразите:

‒ Твојана Клара врзана за количка, со посебни потреби итн.

Најпосле Клара ќе дојде на планината, но нема да прооди,

Ниту Петар ќе ја бутне Кларината количка низ планина

Оти тоа е повеќе медицински модел,

Попреченоста не треба да се лечи,

Дури ни на планина, на свеж воздух,

Туку општеството треба да се прилагодува спрема попреченоста,

Градејќи рампи, разбивајќи предрасуди.

Сепак, би морало да има некаков

Барем привремен хепиенд

Во склад со новите политики на идентитет.

Не, Хајди и Клара не би станале партнерки,

Ниту Хајди би се омажила за Петар.

Предрасудата би била урната.

Петар би се заљубил во Клара,

Девојка со попреченост.

Многу брзо би заминал од планината.

Само понекогаш тој и Клара

Би доаѓале да ја посетат Бабата

И тогаш би ја симнувале количката

Од покривот на автомобилот.

Идилата ќе заврши во еден стан во Берн, Базел или Цирих

Со караница пред развод меѓу Клара и Петар.

Петар ќе вика:

‒ Подобро количката да ја бутнев низ литица!

Клара ќе одговори:

‒ Подобро да се заљубев во Хајди, да станев лезбејка

И да се вратев во Франкфурт!

БЕЛЕШКА ЗА АВТОРОТ

Синиша Туциќ во едно интервју вели: Иако пишувам за војните, бегалците, политичарите, безизлезите на неолиберализмот итн., јас всушност не го прифаќам светот на суровоста, изопачувањето и неправдата. За среќа, од мојата лева страна се наоѓаат полиците со повеќе илјади прочитани книги, и тоа ми е единствената сериозна барикада во однос на суровостите на совремиево. Тие полици ме штитат „заинат на ветрот и капитализмот“, како што напишав во една песна. Книжевноста ми помогна да не бидам дел од машината, ми понуди начини да го препознавам мракот и да се обидам да укажам на него, тргајќи се „што потаму од светот / што потаму од сè“!

Повеќе за Туциќ

Превод: П. В.
Илустрации: Heidi and Peter Paper Dolls (Saalfield)

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот
Секој ден песна
Книжевност
Фотографија / Книжевност / Настан

ОкоБоли главаВицФото